Социјалните работници секојдневно изложени на притисоци, насилство, закани и демнење  

Центрите за социјална работа низ сè уште не се безбедни и по најавите за обезбедување

Марта Стевковска и Лени Фрчкоска

Откако пред неколку дена во ходник на Центарот за социјални работи во Пехчево, маж нападна жена односно ја турна низ прозорец, поради конфликт околу нивната малолетна ќерка, повторно се отвора прашањето за безбедноста на Центрите за социјална работа низ градовите во Македонија.

Пред неколку месеци во Прилеп беше ранета социјална работничка во обид за убиство. Маж кој претходно се заканувал и имал сторено неколку кривични дела, избегал при транспорт од психијатриската болница во Демир Хисар и со нелегално оружје ја застрелал социјалната работничка и притоа ги довел во опасност животите и на други лица и вработени во Центарот за социјални работи.

 

Елизабета Талеска, педагог од Центарот за социјални работи во Битола била присутна во ЦСР Прилеп кога се случило пукањето и вели дека настанот предизвикал чувство на страв, небезбедност по животот и психичко-емоционална вознемиреност.

„Имам искуство и бев присутна на настанот што се случи во ЈУМЦСР-Прилеп, при што ризикот по живот беше голем, странката беше со огнено оружје и повреди работничка. Кај сите други кои бевме присутни предизвика чувство на страв, небезбедност, психичко-емоционална вознемиреност и небезбедност по животот. Во таа ситуација имаше присутни и странки кои реагираа испаничено, со напади на анксиозност и хистерија, при што ние како стручни работници дававме поддршка и ги смирувавме лицата кои беа присутни“, изјави Талеска за Либертас.

Таа вели дека заштитата на стручните работници како на работното место, така и надвор од него е од голема важност.

„Тоа се професионалнци кои допринесуваат во општеството и работат со најсензитивни проблематики и пред сè им е потребна заштита и работа на нивното ментално здравје. Посебно се присутни нападите на социјалните мрежи врз личноста на стручните работници, како и нарушување на интегритетот, упатување погрдни зборови, закани кон професионалците и нивните семејства. За жал, ова продолжува и нема санкции за сторителите. Во стручната работа, особено кон психо-социјалната поддршка на странките, секогаш социјалните работници покажуваат, емпатија, сензитивност кон странката. При постапување, без разлика дали се работи за развод и доверување, семејно насилство или друг социјален ризик, секогаш има една незадоволна странка. Исто и демнењето е присутно кога и самите странки при разговорот ќе споделат дека знаат каде живеат стручните работници, каде најчесто излегуваат и слично“, вели Талеска.

Од МВР ни одговорија дека против лицето кое изврши обид за убиство во ЦСР Прилеп помеѓу 2021-2025 година поднесени се вкупно 16 кривични пријави, а судскиот епилог е условна осуда и психијатриско лекување на толку поднесени пријави.

„Лицето легално не поседува огнено оружје, а истото му е набавено по нелегален пат и не биле добиени никакви сознанија дека истиот поседувал оружје. Лицето, иако било згрижено на психијатриско лекување во душевната болница во Демир Хисар и истото користело Пробации (условен отпуст) во Основен суд Прилеп за кои од МВР – ОВР Прилеп не било запознаени и транспортот од болница до суд се вршел на своја рака од страна на болницата, без претходна безбедносна проценка и вклучување на полициски службеници. Откако лицето им избегало на службите од болницата, не е навремено пријавено во полиција за да се алармира и Центарот за социјалнa работa (иако полицијата не е обврзана за истото). Од страна на полицијата после примањето на пријавата за бегство направени се неколку проверки со цел пронаоѓање на лицето и истото не било пронајдено сѐ до моментот на сторување на убиството во обид“ изјавија од МВР за Либертас.

 

Ветеното обезбедување сè уште го нема

Социјалните работници во неколку наврати пријавија и апелираа за поголема безбедност бидејќи постојано се изложени на закани и напади.

Од Центарот за социјални работи Прилеп изјавија дека имаат сознанија за следење и демнење после работното време, следење и демнење до домот, пишување пораки со заканувачки содржини, закани по социјалните мрежи, како и одење во домот на социјален работник.

„Сметаме дека со обезбедувањето делумно ќе се реши проблемот доколку има физичко присуство додека трае работното време 8 часови во текот на денот. Најефикасно би биле заштитени со поставување на детектори за метал на влезот на центрите за социјална работа, сигурносни врати, физичко присуство на обезбедувањето, одреден временски период во текот на денот за прием на странки, прием на странка само со покана, а други странки во зависност од барањето по предходна консултација со службеникот“, изјавија од ЦСР Прилеп.

Талеска додава дека обезбедувањето ќе овозможи заштита на стручните и социјалните работници посебно кога има висок ризик од странки кои се агресивни, како вербално така и физички.

„Оние лица кои ќе вршат обезбедување треба да бидат запознаени со природата на работата, да имаат чувство на одговорност, емпатија за странките и проценка кога треба да интервенираат. Обезбедувањето ќе допринесе за зголемување на безбедноста на стручнте работници, но тоа е само дел при надминување на проблемот, истото зависи од многу фактори“, вели Талеска.

 

Истражувачката за родови прашања, Љупка Трајановска, која спроведуваше теренско истражување во сите 30 Центри за социјална работа,  вели дека навистина се ретки оние Центри каде постои приватно обезбедување и паник тастер, а како позитивен пример би го издвоила Меѓуопштинскиот ЦСР Охрид.

„Безбедноста на лицата кои работат во Центрите мора да биде приоритет со цел да се заштитат вработените барем кога се наоѓаат на работното место. Факт е дека речиси секој од интервјуираните лица вработени во Центрите наведе дека се соочило со насилни лица, со закани по својот живот и животот на нивното семејство, физички напади, оштетување на движен и недвижен имот од страна на корисници на услугите во Центрите. Овие закани и напади не се случуваат само додека се на работното место, туку и надвор од истото, и надвор од работните саати. Со појавата на технологијата заканите преоѓаат и на социјалните мрежи. Единствен начин преку кои вработените во Центрите, кои во 95% се жени, можат да се заштитат е преку покренување на кривични пријави, приватни тужби и лични пријави за барање за заштита. Системски овој проблем со години наназад не е решен“ кажа Трајановска за Либертас.

Трајановска смета дека непостоењето на системско решение за заштита на вработените во Центрите и долгогодишното игнорирање на проблемот од страна на надлежните доведе и до пукањето во социјалната работничка.

„Работата со лица кои се сторители на родово-базирано и семејно насилство, односно лица кои се спремни физички и психички да ги злоставуваат своите најблиски – сопруги, интимни партнерки, мајки, сестри и деца зборува за високиот ризик кој го носи работата на вработените во Центрите за социјални работи. Дали гледаме транспарентно расчистување на случајот? За жал не. Дали знаеме од кого се ќе се побара одговорност за можност насилникот да стигне до социјалната работничка и изврши обид за убиство? Повторно не. Во нашата држава како и за сè, се постапува селективно. Потребни ни се или таканаречени совршени жртви или масовни убиства за како народ побараме правдата да биде остварена, а медиумите да обрнат заслужено внимание на ваквите случаи. Не прочитав во ниту еден медиум соодветно новинарско истражување за тоа што се случи во Прилеп, како дојде до обидот за убиство на социјалната работничка, која веројатно немаше да биде единствена жртва на насилникот ако не успееле да го спречат. Како насилник кој бил во бегство од психијатриска установа која е оддалечена 40км од Прилеп, успеал да дојде до огнено оружје и да влезе во Центарот и држи во заложеништво неколку вработени, а во една и пука? Дали полицијата го известила Центарот за бегството? Дали ги известиле вработените кои работеле на неговиот случај знаејќи дека претходно кон истите имало повеќе закани од насилникот? Какви дела претходно има извршено овој насилник кон неговата поранешна сопруга? Дали воопшто полицијата направила проценка на ризик на лицето кое е во бегство? Ако отидете во Прилеп многу лица ќе ви ги дадат одговорите на овие прашања, но поради политички притисоци и закани стравуваат да зборуваат. Јас не би можела да зборувам за кренат аларм бидејќи истиот не го гледам“ објаснува Трајановска.

Од Министерството за социјалната политика демографија и млади на нашите прашања одговорија дека го осудиле немилиот настан во Центарот за социјални работи во Прилеп и истовремено информираа дека постапката за физичко обезбедување на сите центри за социјални работи и јавни установи за социјална заштита е во завршна фаза и наскоро ќе се реализира.

„Поконкретно, објавен е огласот за јавна набавка за физичко обезбедување на центрите и установите од социјална заштита. Во меѓувреме беше одржан работен состанок со директорите на Центрите за социјална работа и на јавните установи за социјалната заштита и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и неговиот Кабинет. Овие состаноци ќе станат редовна пракса, со цел заеднички да се решаваат тековните предизвици со кои се соочуваат институциите од социјална заштита, да се разменат искуства, и  што е најважно, да се договараат конкретни чекори за подобрување на системот. Министерството има за цел подобрување на условите за работа на социјалните работници, обезбедување на нови вработувања, раст на платите во социјалната заштита и осовременување на системот на социјална заштита преку имплементација на SWIS системот“, ни одговорија од Министерството.

За жал, се уште немаме информација дали е завршена постапката за физичко обезбедување на Центрите и кога ќе почне обезбедувањето со работа.

 

Недостаток на кадар и немање интерес за професијата

Според сознанијата на Трајановска во неодамнешното теренско истражување, како еден од главните предизвици, во поголемите односно меѓуопштинските центри, е посочен недостатокот на кадар. Во Центрите покрај социјални работници, работат и стручни соработници како што се педагози, психолози и правници.

Ова се кадрите кои се многу помалку застапени од социјалните работници. На пример во некои центри има по 5 до 8 социјални работници, но по еден педагог, психолог или правник. Проблемот настанува бидејќи секое од овие лица има свој терен на кој работи и работи со сите ранливи категории и постапува по сите случаи (насилство, бездомништво, социјално ранливи категории, сиромашни лица, лица со попреченост, стари лица итн.). Според новите измени, нема повеќе специјализирани тимови. Па така, кога треба да се постапува по случај на родово базирано или семејно насилство, мора да се вклучат четири специјализирани лица: социјален работник, педагог, психолог и правник. Што значи таму каде што има дефицит на кадар, истите професионалци се вклучуваат во многу поголем број на случаи. Ваквиот начин на организација, според укажувањето од самите вработени, но и менаџери, многу често води до прергорување на вработените и напуштање на работните места.

Во помалите Центри пак можеби главен предизвик е неинформираноста и недоволното надоградување на знаењето, како и немањето волја да се работи на комплицирани случаи (на пример насилство врз жени, деца) заради малата средина и познавањето секој со секого“.

Проблемот со кадарот во Центрите за социјални работи е исто така долгогодишен, но сè помал е интересот за работа во овие институции, а безбедноста е број еден фактор поради кои ова се случува.

„Ова е особено изразено во помалите градови каде што корисниците знаат сè за личниот живот на вработените во Центрите и кои во секое време поради незадоволство се во можност истите да ги нападнат. Ова долгорочно ќе има директни последици врз најранливите и маргинализираните групи на лица кои ќе немаат начин како навремено да си ги остварат правата поради зголемен недостаток на кадар во Центрите“, додава Трајановска.

Педагогот од ЦСР Битола, Талеска додава дека е потребно и организирање на работилници за стручните работници кои ќе опфатат психо-социјална поддршка и психотерапија како професионалци кои подолг период работат со ранливи групи во низок, среден или висок ризик.

„Потребна е проценка на професионална согореност и можност за промена и ротирање на работното место или проблематика, што во моментот е невозможна бидејќи секој стручен работник работи на секоја проблематика. Исто така доколку институциите имаат одредени сознанија за странките кои би значеле загрозување на стручните работници пожелно е да нè известат“ вели таа.

Во однос на другите предизвици Талеска исто така го наведува недостатокот на кадар, некомплетна техничка поддршка, потреба од дополнителни стручни работници, обемниот број на предмети, недоволно ресурси со цел да се преземат мерки за заштита на странката, како и поддршка и уважување од претпоставените

„Потребна е промена на законските регулативи, стручните работници да добијат заштита како службени лица, а не за загрозување на животот да одат со приватна тужба“, вели педагогот.

Од ЦСР Прилеп велат дека потребно е најпрво да се обезбеди бенифициран стаж за вработените стручни работници, надоместоци за ризик при работа, зголемување на платите кои се многу ниски во однос на работата и ризикот, стекнување со статус на службено лице, платени дежурства, плаќање на надоместок при извршување на увиди во домовите, надоместоци на плата при посети на неколкудневни семинари (одвоен живот од семејството)

„Во однос на политики и мерки кои треба да е преземат сметаме дека важно е вработување на соодветен стручен кадар со цел намалување на бројот на предметите на стручен работник, обуки и едукации во странство за сите стручни работници како и плати по број на население (како што се платите на директорите)“, велат од ЦСР Прилеп.

Запоставеноста на клучните проблеми со кои се соочуваат социјалните работници говори и за суштествена површноста со која се третираат прашањата на семејството и наталитетот, едни од омилените на актуелната владеачка гарнитура.
Тие прашања често завршуваат да се „отплеткуваат“ во канцеларите токму на социјалните работници, оставени со релативно ниски плати, мал кадар, преработени и со чувство на небезбедност на работните места.

Имајќи ја предвид комплексноста и сензитивноста на материјата со која работат социјалните работници, ризиците на кои се изложени секојдневно, решавањето на горенаведеите предизвици наместо флоскули адаптирани на предизборна кампања бара континуирано вложување и посветеност.

 

Back to top button
Close