Има ли воз за Кочани?
Некогаш само еден ден може да донесе голема разлика во политиката. Некогаш тоа се десетина дена (видете го само бунтот во изборната база на Доналд Трамп поради досието на сексуалниот злоставувач Џефри Епштајн).

Tаква разлика му се случи на македонскиот премиер Христијан Мицкоски од денот пред гласањето на Извештајот за напредокот на Mакедонија во Европскиот парламент, па до шокантната објава, полна со тешки детали, на родителите на починатите во трагедијата во Кочани.
Имаше тука и други работи – како наводното аплицирање за бугарско државјанство во 2008 (кое може да биде и подметнување на бугарските служби), нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и смешниот обид на министерот за внатрешни работи да се заштитат структурите на „Вреди“. Па интервјуто на Канал 5, во кое со прикриена нервоза ја поистовети иднината на државата исклучиво само со неговата лична политика, па бараше сите што го критикувале да му се извинат доколку неговата партија победи на локалните избори.
Ќе ги оставиме настрана деталите од мачната средба на родителите со Мицкоски на 7 јули во 17 часот и неговите изјави – „Здраво, како сте!“ и „Одредете си цена за вашите деца“ – туку може малку да фрлиме други светла за наводната храброст на политичките лидери. Во САД има една политичка институција наречена town hall средби (градски собранија, во слободен превод). На овие средби локалните и националните политичари се среќаваат со избирачите од нивната конституенца каде што раководството споделува информации и се вклучува во отворен дијалог со присутните. Тоа поттикнува транспарентност и врска помеѓу раководството и пошироката група. Од почетокот на февруари па до денес имаше десетици и десетици такви собранија каде што избраните конгресмени или сенатори се соочуваа со гневот на присутните. Било да се републиканци, било да се демократи, затоа што избраните претставници мораа да одговараат на тешки прашања за големите отпуштања во јавната админситрација, кратења на субвенции и проекти, безидејноста на демократската опозиција. Избраните претставници мораа да се соочуваат со викотници, прашања кои имаат политичка извонредност и мора да се соочат и да го издржат гневот и незадоволството на граѓаните.
Соочување со гневот и тагата
Знаеме дека возот кон Кочани повеќе години е укинат, но премиерот Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова можеа во климатизиран автомобил да појдат на вакво градско собрание во Кочани и да се соочат со гневот, тагата, а можеби и разбирањето на семејствата на починатите и повредените од трагедијата. Но тие, барем досега, не отидоа на вакво јавно градско собрание. Во текстот што го напишаа родителите на Фејсбук профилот „Здружение на граѓани 16 март 2025 Кочани“ стои:
„Иако инсистиравме средбата да се одржи во Кочани – местото каде се случи трагедијата и каде почиваат нашите деца – одговорот беше дека безбедносните услови не дозволуваат премиерот да патува и средбата мора да се одржи во Скопје“. И потоа беа вовлечени во една од најтешките, најмачните, па дури и најшокантните средби што ги има одржано кој било политичар со граѓани во независна Македонија.
Неколку дена по катастрофалните поплави во шпанскиот град Валенсија и нејзината околина на крајот од октомври 2024, каде загинаа повеќе од 220 лица, кралот Фелипе VI и кралицата Летиција, како и премиерот Педро Санчез, заминаа меѓу очајните луѓе да се соочат со нивниот гнев и разочарувањето во државата.
Не беше тоа лесна средба за кралот. Фелипе VI беше целиот испрскан со кал од гневните луѓе, кои му се втурнуваа в лице. Калта му беше на образите, по рацете, на јакната, по панталоните. Испрскана со кал беше и кралицата Летиција. Кралот инсистирал неговите телохранители, кои се обиделе да го покријат со чадори, да му дозволат да се приближи за да разговара со жителите, од кои некои викаа „Излези!“ и „Убијци!“ Премиерот Санчез беше нападнат. Задното стакло на неговиот автомобил беше искршено. Еден од телохранителите на Летиција имаше крваво чело.
Па, сепак, тоа беше иконскиот момент на владеењето на Фелипе VI. Неговиот пресвртен момент на тронот. Фелипе половина час стоеше мирно додека разговараше со интимен и сериозен тон со гневните луѓе. Кралот не го направи она што можеби се очекуваше – да ги патронизира луѓето. Тој не ги тешеше, тој разговараше со нив, додека грутки кал летаа кон него и паѓаа врз неговите образи.
И тогаш и сега, претседателот на регионалната влада на Валенсија, Карлос Мазон, се криеше од граѓаните. Тој не се појави меѓу нив. Гневот беше уште поголем кога се дозна дека тој останал на приватен ручек додека големите поплави веќе однесоа стотици животи. Масовните демонстрации што следеа беа насочени токму против него, затоа што регионалната влада не издала предупредување за големите дождови, иако знаела дека доаѓаат. Тој уште не поднесува оставка, иако веќе никој не го сака во Валенсија.
Овие поплави ја трауматизираа Шпанија и последиците тешко се лекуваат. Трагедијата во Кочани ја втурна во целосна траума Македонија. Но нејзините лидери како да немаат храброст да се соочат со таа траума. Ниту претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, ниту премиерот Христијан Мицкоски досега не отидоа во Кочани јавно да се соочат со гневот на неговите жители и да разговараат со нив. Додуша Мицкоски тврдеше дека бил во Кочани во неделата уште рано наутро, но цело време бил во полициската станица. Но не меѓу луѓето, туку во функционерско-полициско опкружување.
Сиљановска следниот ден ги посети трите болници во Скопје, каде беа згрижени повредените од пожарот во дискотеката. Изгледаше искрено скршено. Малку подоцна истиот ден имаше и обраќање до македонската јавност во кое порача дека „ниту еден одговорен не смее да ги избегне правото, правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на загинатите“. Обраќањето беше кусо, но доликуваше како на шеф на држава.
Оттогаш неа ја снема, а сцената ја презеде премиерот. Вечерта Мицкоски се појави на прес-конференција во владата и одржа говор што Англичаните го викат „it’s all about me“. Тој не зборуваше за девастираните семејства во Кочани, за жителите на градот кои се уништени, тој зборуваше – за себеси. Вака го почна неговото обраќање:
„Во мојот живот сум имал многу тешки моменти и предизвици, но ова денес е убедливо најтешкиот ден од мојот живот. Ми се кине срцето и немам сила да говорам денес. Скршен сум и мојот дух е срозен.
Јас во својот живот и во својата кариера сум се одлучил да делувам принципиелно, одговорно, чесно и отворено, без разлика на ризиците и без разлика на последиците кои тие ризици можат да ги донесат по мојот животен пат. Влегов во политиката да променам нешто. Наидов на систем длабоко корумпиран кој е создаван и негуван со децении, чиј дел се лица од сите партии, од секакви профили. Ако тој систем не се сруши оваа држава нема никогаш да ја биде и тој систем не може да се сруши лесно и брзо, затоа што е граден со децении, не со месеци и години“. И така натаму и така натаму.
За трагедијата на семејствата имаше само две реченици подолу во обраќањето: „Денес е најважно да изразиме сочувство кон семејствата, да се молиме за семејствата на загинатите и повредените и за народот на Македонија. Да повикаме на заедништво и сплотеност и да се насочиме кон фактите и сѐ она кое е важно за почеток на едно големо ресетирање на системот“.
Сѐ друго беше посветено на тоа како тој како премиер ќе се бори против корумпираниот систем, како влегол во политиката да промени нешто. Па потоа: „Многумина ми велат народот знае дека владата нема вина во ова, дека е нова влада која влезе во костец со проблеми таложени со децении и систем на корупција кој е создаван со децении во државата. Но јас ви велам, без разлика на тоа, ние мора да бидеме пример кој ќе има значење и вредност и мора да има морална одговорност“. И така натаму и така натаму. За пред крајот пак да се наврати на себеси: „Јас сум денеска скршен“.
Што стана со проектот за Кочани
Ова навраќање на првите случувања по настаните на 16 март се само трансверзала која ја објаснува мачната средба во владините канцеларии на премиерот Мицкоски со родителите од Кочани. Кралот Фелипе VI имаше стамина да се соочи со гневните жители на Валенсија кои ги загубија своите најблиски, а некои огромен дел од имотот. Но тоа соочување не е само одраз на карактерот, интегритетот и чувството за соочување со оние што се гневни. За Мицкоски претставувало безбедносен ризик да замине на town hall во Кочани. Тој не сака јавно да се слушаат зборови на незадоволство од работата на владата и од неговата работа (како и изневерени ветувања) да се слушаат во етерот. На таква средба тој не може да ја контролира ситуацијата, особено со луѓе чии животи се скршени, каде што можат да произлезат емотивни ситуации во кои очигледно не се снаоѓа.
Ако отидеше во Кочани на town hall можеби ќе дадеше одговор на едно големо ветување што го даде на 10 јуни поврзано со иднината на Кочани и враќање на некаква верба во иднината во градот. Тој тогаш најави дека наскоро ќе објави проект кој е планиран за градот и на кој се работи заедно со ЕУ.
„Јас никогаш нема да го политизирам овој случај и како влада ќе сториме сѐ што е во наша моќ тоа да го направиме. И работам на еден таков проект, заедно со канцеларијата на Европската унија. Се надевам дека многу скоро, до крајот на месецот, ќе го објавиме – големината на овој проект и што ќе опфаќа овој проект за Кочани“.
Помина и половината на јули а за овој проект нема ни збор. Можеби нешто се закочило, можеби не се поклопиле неговите интереси и намерите на Европската унија. Можеби оној карамбол со извештајот во Европскиот парламент имал некаква улога, па луѓето во Брисел почувствувале дека можат да бидат искористени во внатрешната политика. А можеби Мицкоски ќе го чека септември да го објави овој проект за Кочани, токму пред кампањата за локалните избори.
Владата вчера соопшти дека дека со пренесување на јавното обраќање на родителите од Кочани се правело злонамерно дефокусирање. Таа тврди дека наводите во обраќањето не биле точни.
„Сведување на дискусијата на ‘здраво како сте’ и ‘колку чини’ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни, што е несоодветно и неточно“.
Родителите од Кочани ги читаат и слушаат овие изјави. И гневот само се калапи во нивните души. Кога молчешкум ги напушти нивниот градски татко, кој немаше храброст да излезе и да се соочи со нив, тогаш не е чудно што и премиерот, претседателката и министрите ги напуштија. Тие се оставени како сирачиња од врвните луѓе на државата.
Љупчо Поповски
Извор: dw.mk