Како неподобни лица стануваат дел од украинската војска

Според неговата партнерка Олена, Васил никогаш не јавно не ги признава своите ограничувања, па можеби дури и не ги споменал за време на прегледот за во војска. Васил бил категоризиран како целосно способен за служење на воен рок и испратен на југот од земјата на обука. Олена сакала да му објасни на командантот на Васил каква грешка е регрутацијата и офицерот првично покажал разбирање и ги побарал медицинските уверенија потребни за ослободување од воената служба. Потоа командантот вештачењето од 2015 година од една психијатриската клиника го отфрлил како застарено. „Како може тоа да не биде причина за отпуштање од војска кога неговата состојба е непроменлива?“, очајно прашува Олена во разговор со ДВ.

„Опасност за себе и за другите“

ДВ го има на увид вештачењето од 2015 година во кое се наведува дека „Васил располага со оскуден вокабулар, мала способност за апстрактно расудување, коефициент на интелигенција од 66 (просекот е 100) и не го разбира ниту името на земјата ниту главниот град на Украина“. Неговите симптоми се влошуваат кога е под стрес, вели Олена. Психијатриска болница која го разгледа анонимниот извештај на Васил, му дијагностицира ментална ретардација со емоционална и волева нестабилност. „Под стрес една таква личност е непредвидлива и претставува опасност за себе и за другите“, вели жена која е дел од украинските безбедносни сили и од тие причини сака да остане анонимна.

Како била занемарена дијагнозата на Васил

„Хелси“ е името на дата-база достапна за воени лекари. Во неа се содржани податоците на сите пациенти од државните болници, но дијагнозата на Васил таму воопшто и не била евидентирана, посочува адвокатот Јевхен Цехмистер наведувајќи дека податоци за ментални болести може да се чуваат само со согласност на пациентот.

Според Наредбата бр. 402 на Министерството за одбрана, дијагнозата на Васил е доволна причина за да не се регрутира за служење воен рок. Лекарите од војската сепак се потпираат само на официјални документи, бидејќи, според Цехмистер, многу мажи лажно се повикувале на ментални болести за да избегнат воена служба. „Да бил навремено побаран правен совет за да се обезбедат актуелни докази, Васил немало да биде регрутиран“, вели адвокатот.

Олха Решетилова е ополномоштеничка на претседателот Зеленски за заштита на правата на припадници на војската и на нивните семејства. Таа советува луѓето самите да се погрижат за ажурирање на податоците во војската и во системот „Хелси“, особено што менталното здравје на регрутите може и да се влоши за време на базичната воена обука. Решетилова за ДВ вели дека командантите не сакаат ментално болни лица во нивните единици и затоа често овозможуваат лекување.

Каков е ставот на украинскиот омбудсман?

Од почетокот на годината примени се повеќе од две илјади жалби за кршење на човековите права преку мобилизацијата, известува парламентарниот омбудсман Дмитро Лубинец. Минатата 2024-та година бројот изнесувал околу 3.500. „Секогаш реагираме. Има случаи кога моите локални претставници лично одат во одборот за регрутација и им помагаат на погодените граѓани да си ги остварат своите права“, наведува тој за ДВ. „Со помош на нашата интервенција, болните лица беа отпуштени од војската“, вели тој и додава дека сепак не се сите жалби и навистина оправдани.

Се случувало дури и тешко болни лица да бидат регрутирани, признава Лубинец, но нема податоци за точниот број. „Такво нешто се случува кога вработените ги игнорираат медицинските информации или фактичката состојба на лицата“, критикува комесарот за човекови права. Регрутираните треба повнимателно да бидат распределувани во армијата. „Не е секое здравствено нарушување автоматски основа за неподобност. Со проблеми со грбот не може да се биде дел од копнените сили, но сосема добро може да се работи на компјутер“, вели Лубинец.

Жена во темно палто (Олха Решетилова, ополномоштеничка на претседателот Зеленски за заштита на правата на припадници на војската и на нивните семејства) стои на говорница и зборува
Олха Решетилова, ополномоштеничка на претседателот Зеленски за заштита на правата на припадници на војската и на нивните семејстваФотографија: Andreas Stroh/picture alliance

Што велат украински војници?

Украински бригаден офицер за ДВ раскажува како си поминал во еден центар за обука на војници. „Ми беше дадена привилегијата да си избирам луѓе. Но, беа дошле лица без заби или со туберкулоза. И тоа во центарот за обука!“, вели офицерот кој сака да остане анонимен. Мажите повеќепати им биле нудени на бригадите, но никој не ги сакал дури ни за копање на ровови.

Кирило (името е сменето од редакцијата) бил регрутиран пролетоска. Во службата за регрутација видел бездомници со отечени нозе, зависници од дрога и алкохоличари, критикува тој. Првичниот физички преглед честопати е чиста формалност, а кај некои воопшто и не се случува. Дури во центарот за обука се спроведува нешто потемелен преглед. Војникот Олександар (името е сменето од редакцијата) на физичкиот преглед видел дури и епилептичари, а таквите лоши состојби довеле до тоа регрут со шизофренија да заврши во бригада на воената морнарица по базичната обука во 2024 година. За среќа тоа брзо паднало в очи, па „не му дале оружје и  по неколку дена го испратиле дома“, раскажува Олександар.

Коморбидитети не се земаат предвид

Според адвокатот Јевхен Цехмистер, регрутирањето на неподобни мажи е широко распространето. „Војник, висок 1,75 метри, тежок 38 килограми, со слаб вид, попреченост во развојот и деформиран граден кош, со панцир не може ниту да се движи ниту да дише. Но, од 2022 година тој е дел од војската и постојано го префрлаат од една единица во друга, или е во болница и добива основна нега“, вели Цехмистер. Бидејќи ниту една од поединечните дијагнози не спаѓа во категоријата „неподобен“, тој не може да биде отпуштен од служењето војска. А, командантите на таквите регрути ниту можат да им дадат реални задачи ниту можат да ги отпуштат.

Двајца војници во униформа на украинската армија се движат во ров
Обука на регрути во украинската армијаФотографија: DW

Особено акутна е ситуацијата во копнените сили и логистиката коишто се станати „чекалница“ за такви лица, вели Цехмистер и додава дека „нив ги распоредуваат во бригади кои треба да создаваат одбранбени линии, а таму се бескорисни.“

За медицинскиот персонал нема проблем

Командата на медицинските сили нема забелешки за прегледите. „Проценката на воените лекари се базира на дијагнози од специјалисти. Проценка базирана на комбинација од повеќе болести не е предвидена“, вели на прашање на ДВ полковник Јуриј Подолјан, заменик-командант на медицинските сили. Според него, Наредбата бр. 402 е во согласност со законот и меѓународните стандарди.

Сосема различен стави ма Олха Решетилова, ополномоштеничка на претседателот Зеленски за заштита на правата на припадниците на војската и на нивните семејства. Таквата наредба мора да биде преработена, вели таа и додава дека министерството за одбрана веќе работи на тоа.

Во меѓувреме, базичната обука на Васил се ближи кон крајот, по што тој ќе биде распореден во некоја единица. Неговата партнерка Олена тврди дека Васил има пристап до оружје. Адвокатот Јевхен Цехмистер се обидува да обезбеди втор психијатриски преглед за Васил кај лекари на војската. „Ако заврши на фронтот, тој ќе биде закана за единицата“, предупредува адвокатот и додава дека „не може да се предвиди кога ќе му откаже психата и кој тогаш ќе му се најде на мета.“

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Back to top button
Close