Тренд на згаснување на медиумите кои го покриваат Западен Балкан и последиците

Радио Слободна Европа

Просторот на Западен Балкан, чија популација може да се процени на околу 20 милиони луѓе, е под ризик да остане без извори на информации кои ги емитуваа странски медиуми, а кои не се под влијание на водечките политички сили во државите од регионот.

Почетниот удар беше зададен со откажувањето на донациите од буџетот на некогашниот УСАИД, а последното изненадување беше згаснувањето на регионалниот проект на катарската Ал Џезира Балканс (Al Jazeera Balkans).

Без работа останаа повеќе од 200 луѓе од оваа медиумска мрежа, а конкретните причини за затворањето, како што е наведено во соопштението на мрежата Ал Џезира, произлегуваат од одлука која е „дел од поширока стратегија за зајакнување на дигиталното присуство и проширување на нови медиумски платформи“.

УСАИД (Американска агенција за меѓународен развој), која им помагаше на многу независни медиуми преку грантови, во пракса повеќе не постои. Гласот на Америка од март не објавува ништо, Радио Слободна Европа веќе четири месеци се бори за средства, додека се менува управата на сопствениците на телевизиите Н1 и Нова.

Вишата правна советничка во Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF), Фљутура Кусари, предупредува дека без независни медиуми „луѓето ќе бидат помалку информирани или погрешно информирани, бидејќи непроверена содржина од социјалните мрежи и други непроверени извори ја пополнува празнината“.

Таа додаде дека медиумите низ целиот регион работат во тешка средина, меѓу другото, „поради политички притисоци, физички и онлајн закани, правни напади, финансиски потешкотии и лоши услови за работа“.

„Истражувачкото новинарство станува сè поретко, а самото новинарство повеќе не се смета за атрактивна професија поради ризиците со кои се соочуваат новинарите“, нагласи таа.

Како почна?

„Лавината“ проблеми за регионалните независни медиуми почна кога американскиот претседател Доналд Трамп, набргу откако дојде на власт во јануари, нареди замрзнување на поголемиот дел од американската помош во странство.

Ова се однесуваше и на УСАИД, кој според податоците од 2023 година, поддржуваше повеќе од 6.200 новинари во странство и 707 медиумски организации во повеќе од 30 земји. Нема точни податоци за бројот на медиуми на кои УСАИД им помагаше на Западен Балкан.

На почетокот на јули, оваа агенција и официјално беше распуштена, па во иднина американската странска помош ќе ја координира Стејт департментот.

„Финансирањето од УСАИД им овозможи на новинарите да произведуваат независни, детални извештаи и им овозможи на медиумските организации да покриваат теми кои мејнстрим медиумите обично ги занемаруваат, како што се човековите права, ЛГБТИ прашањата и малцинските заедници“, рече Кусари.

Нов удар следеше во март, кога Трамп потпиша извршна наредба со која се предвидува драстично намалување на вработените, но и на издвојувањата за седум сојузни агенции, вклучувајќи ја и Американската агенција за глобални медиуми (USAGM), која, меѓу другото, го надгледува работењето на Гласот на Америка (VOA) и Радио Слободна Европа (RSE).

Гласот на Америка од март не емитува содржина, додека Радио Слободна Европа објавува, но истовремено води спор со USAGM пред суд во САД. Радио Слободна Европа презеде и драстични мерки за намалување на трошоците, вклучувајќи испраќање дел од вработените на принуден одмор и откажување на договори со хонорарни соработници.

Истовремено, раководството на Јунајтед Групацијата (United Group), во чии рамки работат регионалните телевизии Н1 и Нова, беше сменето во јуни, поради што уредниците на овие медиуми изразија загриженост за можно политичко влијание.

Јунајтед Групацијата има операции во: Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Грција, Бугарија. Сопственик на компанијата е инвестициското претпријатие Би-Си Партнерс (BC Partners), со седиште во Лондон, која од 2019 година го откупи мнозинскиот удел во Јунајтед Групацијата.

Претставниците на власта во Србија, предводени од претседателот Александар Вучиќ, со години ги етикетираат медиумските куќи во рамките на Јунајтед Групацијата, а на почетокот на јули новинарите на Н1 добија смртни закани на адреса на редакцијата.

 

За последиците во Босна и Херцеговина

Директорот на Медиа Центарот во Сараево, Боро Контиќ, за Радио Слободна Европа истакнува дека е тешко да се предвиди како ќе изгледа иднината на медиумите на Западен Балкан.

Тој смета дека за опстанок на независните медиуми е потребно да се ангажираат и медиумската заедница, но и државата. Медиумите се, истакнува, еден од столбовите на демократското општество.

„Невозможно е нешто да се прави ако не постои една силна медиумска заедница, професионално новинарство, кое е критички настроено и кое всушност претставува на некој начин глас на јавноста“, рече Контиќ.

Тој предупредува дека и оние кои ликуваат над ситуацијата, набргу ќе увидат колку е таа погубна за општеството. Со исчезнувањето на големите независни медиуми, се губи и медиумската заедница, додава Контиќ.

„Со нејзиното постоење вие одржувате нешто што во секое општество е нормално, да имате критички гласови, да имате истражувања. Зашто во тој случај не може секој да прави што сака“, заклучува Контиќ.

 

Враќање на државата во медиумите во Србија и регионот

„Згаснувањето на добар, квалитетен медиум е секогаш загуба за сите“, вели за Радио Слободна Европа Сњежана Миливојевиќ, професорка на Факултетот за политички науки во Белград.

„Надвор од таа група професионални новинари кои остануваат без работа, што претставува посебен удар за новинарската професија овде, загубата за општата јавност се сведува на загуба на медиум кој држел високи професионални стандарди, имал разновидна програма и придонесувал за медиумскиот плурализам“, нагласи таа.

Професорката Миливојевиќ појаснува дека регионалните медиуми на Балканот, главно, ги основале странски сопственици, но дека отпорите биле преголеми.

„Паралелно со процесот на егзодус на странските сопственици, се случува и еден вид враќање на државата во медиумите – барем во Србија тоа е очигледно, преку државниот Телеком, и цела низа нивни канали, меѓу кои и некои кои ја глумат таа регионална димензија“, истакна таа.

Наведува дека силниот политички притисок против медиумите довел до тоа „секторот на меѓународна медиумска помош, така да се каже, да се распадне пред нашите очи“.

„Медиумите кои имаат или сериозни амбиции да информираат за состојбата во регионот, или сериозни амбиции да ги подигнат професионалните стандарди, сега останаа во јазот помеѓу големиот политички притисок на домашните власти и незаинтересираноста или неподготвеноста на меѓународната демократска јавност да им помогне“, нагласи таа.

 

Значително поинаква медиумска сцена во Црна Гора

Ова е загрижувачки тренд, вели за Радио Слободна Европа Милка Тадиќ Мијовиќ, директорка на црногорскиот Центар за истражувачко новинарство.

„Сите овие медиуми беа од исклучително значење не само за нас во Црна Гора, туку и за регионот. Се работи за ’наследни‘ медиуми кои, навистина, имаа исклучително значење и важност и во најцрните години на 90-тите“, рече таа.

Тадиќ Мијовиќ истакнува дека се работи за медиуми „кои имаа одредена дистанца кон сите власти на Балканот, кои традиционално сакаат да ги контролираат и заробат медиумите“.

„Овие независни гласови ни беа многу важни, значајни и се плашам дека по згаснувањето на овие медиуми нашата медиумска сцена ќе биде значително поинаква“, оцени таа.

Директорката на ЦИН Црна Гора предупредува дека сега на Западен Балкан се отвора простор за „авторитарни водачи и корумпирани бизнис елити да ги контролираат медиумите“.

„Од друга страна, во тие земји имаме нереформирани јавни сервиси и многу таблоидни медиуми. И уште една работа е голема опасност – имаме социјални мрежи преку кои неверојатно, со брзина на светлината се шират дезинформации“, додаде таа.

 

Косово – најлошо по слобода на медиумите

Фљутура Кусари предупредува дека „главно поради дејствувањето на владата и владејачката партија, Самоопределување“ дошло до влошување на слободата на медиумите на Косово.

„Владата усвои неуставен закон за медиуми, кој подоцна го поништи Уставниот суд. Новинарите, медиумските куќи и активистите се соочуваат со вербални напади и таргетирано вознемирување од политичари, вклучувајќи го и премиерот Албин Курти“, наведе таа.

Таа истакнува дека на Косово стана „речиси невозможно да се добие пристап до јавни документи“, дека транспарентноста е на рекордно ниско ниво, а дека владејачката партија редовно врши притисок врз регулаторите и одборите на јавните радиодифузери.

Според неа, Косово ризикува да се претвори од лидер во слободата на медиумите во еден од најалармантните случаи на пад во регионот, доколку Владата во Приштина продолжи по овој пат.

Во последниот извештај за слободата на медиумите на организацијата „Репортери без граници“ (RSF), за 2025 година, Косово е најниско рангирано на Западен Балкан, и тоа на 99 позиција.

Три позиции пред Косово е Србија, десет позиции БиХ, додека најдобра во регионот е Црна Гора, на 37 место.

Back to top button
Close