Прешова за „Призма“: Независните можат на избори и без потписи
Повеќе од една година независните граѓански иницијативи, од кои, некои веќе имаат советници во општините, водат правна и политичка битка во обидот да издејствуваат понизок праг за кандидирање на изборите.
За нив нелогично беше што по измените на Изборниот законик, во март 2024 година, за да се кандидираат непартиски иницијативи, на пример за Град Скопје, потребни беа над 4.500 потписи, а за формирање партија, која може да се бори за гласови во целата држава, доволни се 1.000 потписи.
По оспорувањето, ваквите измени паднаа на Уставен суд, но сега тие се соочија со нова дилема ако Собранието не донесе нови измени, дали воопшто ќе може да се кандидираат. Во обидот да добијат одговор на прашањето последниве недели се сретнаа и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со претставници на политичките партии.
Прешова вели и дека посегањето по автентично толкување од страна на Собранието ќе биде контрапродуктивно и само може дополнително и непотребно да ги усложни работите.
„Со одлуката на Уставниот суд за укинување на двете законски одредби од измените на Изборниот законик кои се однесуваат на потписите потребни за поднесување на листа на кандидати од страна на група избирачи на парламентарни и локални избори (член 61 и член 62) се отвори правна празнина во однос на условите за реализирање на правото на поднесување на кандидатски листи. Правното дејство на одлуките на Уставниот суд, а особено кај укинувачките одлуки, е дека тие не ги враќаат во сила законските одредби кои биле предмет на измена или дополнување и поради тоа се создаде правната празнина, или како што велите правен вакуум. Поточно, т.н. независни листи имаат законско право, предвидено со посебна законска одредба од член 60 од Изборниот законик, да поднесуваат листи на кандидати, но одредбите кои ги регулираат условите во делот на потребните потписи се укинати, така што, тие во овој момент не се предвидени и регулирани. Ова значи дека во согласност со постојната законска рамка и со ваквата законска празнина овие групи на избирачи, независните листи, можат да поднесат листи на кандидати без да собираат потписи бидејќи Изборниот законик сега не предвидува колкав број или процент на потписи е потребен за поднесување листа на кандидати, дали за пратеници, или пак, за членови на совет“ вели Прешова.
Целото интервју може да го прочитате тука.