„Дојдоа да се натпреваруваат, а ги однесовме на хирургија“- еден од удрените исландски велосипедисти има скршена рака и повреди на главата

Фотографија од еден од повредените исландски велосипедисти, кој учествува на Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF) во Скопје, денеска предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. На неа се гледа младиот спортист со целосно преврзана глава, и скршена рака, повреди откако заедно со уште еден велосипедист од Исланд вчера беа удреи од автомобил на тренингот за денешната трка.

„На 23.07.2025 во 12.09 часот во СВР Куманово било пријавено дека на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, атар на с.Зубовце, кумановско, патничко возило „фолксваген пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н.Б.(42) од Куманово, удрило во двајца малолетни велосипедисти од Исланд, кои се учесници на младинските европски олимписки игри, што се одржуваат во нашата земја и кои се подготвувале за денешната велосипедска трка. Во незгодата со телесни повреди се здобиле двајцата велосипедисти, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Куманово.

„Срамота за земјата. Дојдоа деца да се натпреваруваат, да сонуваат, а ги однесовме на хирургија“, се вели во еден од коментарите на социјалните мрежи.

Голем дел од јавноста го изразува својот гнев и сочувство со младите спортисти и нивните семејства. Корисниците апелираат до властите и организаторите да ја преземат одговорноста и да гарантираат дека ќе се расветли како дојде до ваков безбеден пропуст, особено кога се работи за официјален меѓународен спортски настан.

Инаку, Европскиот младински олимписки фестивал, кој за првпат се одржува во Македонија, требаше да биде симбол на спортски дух, младинска енергија и европска соработка. Наместо тоа, овие сцени го засенија целиот натпреварувачки дух

Back to top button
Close