ФОТО: Претседателката на ДКСК поднесе оставка и ја депонира до Собранието

Оставката на Татјана Димитровска следува откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) пред точно една недела поднесе обвинение против неа во рамки на предметот „Адитив“ кое се однесува на две кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, претпладнево поднесе оставка од функцијата и ја депонира до Собранието.

За ова денеска информираа од кабинетот на собранискиот претседател Африм Гаши.

„Кабинетот на претседателот на Собранието ја информира јавноста дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, г-ѓа Татјана Димитровска, денес до претседателот на Собранието, г. Африм Гаши, поднесе оставка од нејзината функција“се наведува во известувањето од кабинетот на Гаши.

Оттаму додаваат дека парламентот ќе постапи согласно предвидените процедури, а оти за нив јавноста ќе биде благовремено известена.

Се очекува Татјана Димитровска денеска да поднесе оставка од функцијата претседателка на ДКСК

Телевизија Телма објави фотографија од документот кој претседателката на ДКСК го адресира до собранискиот спикер, а во кој наведува дека поднесува оставка од функцијата.

„Почитуван, г.Гаши, врз основа на член 14 став 1 алинеа 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Ве известувам дека поднесувам оставка од функцијата претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Со почит, Татјана Димитровска, претседател на ДКСК“се наведува во документот.

Оставката на Димитровска следува откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) пред точно една недела поднесе обвинение против неа во рамки на предметот „Адитив“.

Обвинението се однесува на две кривични дела и тоа – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

Обвинение за Димитровска од ДКСК – оддавала службени тајни преку Вибер, a сертификатот за тајност ѝ го полагал друг

Престанокот на функцијата претседател или член на ДКСК е пропишан во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересот, според кој, функцијата престанува пред истек на мандатот во случај – да поднесе оставка, трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието, е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или настапи негова смрт.

Престанокот на функцијата член или претседател на ДКСК го констатира Собранието.

Back to top button
Close