Хелсиншки комитет: Срамота е што Собранието не изгласа Резолуција за хуманитарна помош на Газа

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја осуди одлуката на македонското Собрание да не изгласа Резолуција со која се бара Израел да овозможи влез на храна и медицински средства за цивилите во Газа.
Оттаму велат, државата е потписничка на Женевските конвенции од 12ти август 1949 и дополнителните протоколи од 1977 и 2005, Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството за геноцид едногласно усвоена од Генералното собрание на ОН на 9 декември 1948 година како Резолуција 260 и според тоа државата се обрвзува да го почитува меѓунардоното хуманитарно право и да носи одлуки кои се во согласност со овие документи.
Во изминатите две години, пред очите на светот се случува најдокументираниот геноцид во историјата на човештвото. Геноцид, кој е гласно осуден од страна на меѓународната заедница, како меѓународните тела, така и поединечните држави, глобалната академска и експертска јавност, активистите и бранителите на човековите права. Сепак, политичките структури со своето дејстување или придонесуваат кон неговото продолжување, или молчат со цел политичко позиционирање до десничкарските профашистички сили кои во моментот го ставија правото на живот, пристапот до храна, вода и медицинска помош на ниво на луксуз, а се работи всушност за загарантирани права на секое човечко битие според меѓународното и националното право.
„Оттука зачудува фактот што за волку важно хуманитарно прашање, во Собранието не беше отворена никаква дебата и не беше дадено образложение зошто најголемиот дел од пратениците гласаа против. Во време на дисперзирани регионални војни, антидемократски движења и ништење на вредноста на човековиот живот и достоинство, оваа одлука ја позиционира Република Северна Македонија на страна на оние кои во најмала рака речено, ги кршат човековите права на најбрутален начин“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Оттаму дополнуваат дека, наместо да се дејствува и да се одлучува со цел да се намали страдањето на преживеаните во Газа, македонските пратеници со оваа одлука придонесуваат кон продложувањето на страдањето, истребувањето и изгладнувањето на популација од два милиони цивили, меѓу кои новороденчиња и деца во Газа.
„Историјата се повторува, а молкот на меѓународната заедница која замижа пред Холокаустот, геноцидот во БиХ, геноцидот во Руанда, апартхајдот во Јужна Африка е погласен од било кога. Ги повикуваме властите во нашата држава со своите одлуки да не застануваат на страната на истребувачите, со што стануваат соучесници во злосторствата против човештвото туку да застанат на страната на хуманизмот, солидарноста и заштитата на оние кои што се најранливи. Никогаш повеќе значи никогаш повеќе, за сите“, реагира Хелсиншкиот комитет.
Само 16 пратеници вчера кренаа рака „за“ предлог-резолуцијата за хуманитарна помош за појасот Газа. Предлогот беше поднесен од пратениците Скендер Реџепи, Арбана Пашоли, Рина Ајдари, Муса Џафери, Дијана Тоска, Илире Даути и Сали Мурати.
Следеше бурна реакција од пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, која потенцираше дека сите шестмина пратеници од нејзината партија ја поддржале резолуцијата.
А реакција имаше и од партијата ДОМ која изрази револт и разочарување за постапките на мнозинството пратеници.
„Ова молчење на македонските пратеници е потполно недостојно за земја која ја носи традицијата на хуманизам и солидарност од нашите предци. Во македонскиот парламент само 16 пратеници ја поддржаа хуманитарната иницијатива, додека сите останати пратеници од владејачкото мнозинство и дел од опозицијата гласаа воздржано или против. Ова не е време да анализираме дали резолуцијата е предложена од опозицијата или од владејачките партии – време е да делуваме со мерки што ќе им помогнат на луѓето во нужда во Појасот Газа“, соопштија од ДОМ.
Извор: 360stepeni.mk