Kонфронтација меѓу Муцунски и Османи околу Охридскиот договор и унитарноста на државата

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговиот претходник Бујар Османи влегоа во јавна полемика околу толкувањето на Охридскиот рамковен договор и унитарниот карактер на државата.

Муцунски во интервју за Канал 5 го обвини Османи дека по неговата кандидатура за градоначалник на Чаир „упатил опасни наративи за нарушување на унитарниот карактер на државата“, што според него се „штетни дури и за регионалната стабилност“. Муцунски најави дека ќе се преземат проактивни мерки за спречување на такви наративи, истакнувајќи:

„Зборуваше за т.н автономија во одлучувањето, практично отвараше теми за создавање држава во држава… Јасно треба да му биде дадено до знаење дека унитарниот карактер никој нема да го наруши. Оваа држава, ниту била ниту ќе биде федерација или конфедерација. Ваквите повици се опасен наратив,“ вели Муцунски.

На овие обвинувања Османи на својот профил на Фејсбук возврати дека во „начелата и принципите на Охридскиот мировен договор е пресликан современиот модел на соживот и функционалната унитарност“, нагласувајќи дека државата останува унитарна, но со јасни механизми за заштита на колективните права на заедниците. Османи потенцира дека:

„Вистинското вреднување на овој механизам не ја загрозува, туку ја зајакнува внатрешната кохезија како основно врзивно ткиво на унитарноста на државата,“ и дека секој што го оспорува овој модел „директно удира во темелите на современата државност“ и интересите на сите граѓани, пишува Османи на својот профил на Фејсбук.

Според него, решението е во почитување на духот и механизмите од Охридскиот договор, како што се правична застапеност, децентрализација и поддршка за колективните права, а не нивна политичка инструментализација.

„Охрид не е проблемот – Охрид е решението. Исто како и Преспа, исто како и Договорот за пријателство со Бугарија. И уште еднаш – тој што не го разбира тоа или не сака да ја прифати таа реалност директно и наштетува на иднината на земјата“, вели Османи.

Back to top button
Close