И американски археолози на античкиот град Градиште крај Битола

На 12 километри од Битола има град од античко време, град кој егзистирал во времето на македонската држава и подоцна во римскиот период. Македонско-американски тим од археолози, предводени од Енгин Насух, советник кустос археолог во НУ Завод и Музеј-Битола и Николас Ангелоф од Универзитетот Поли Хамболт во Арката, Калифорнија, неодамна на локалитетот Градиште-Црнобуки открија и слој од доцниот енеолит или почетокот на бронзеното време како и една фрагментирана женска фигурина.

Според археологот Енгин Насух, градот што го истражуваат со американските археолози и благодарение на специјалната опрема и технологија, обезбедил наоди кои се постари од времето на Филип V, а можеби станува збор за градот Линк, главен град на Линкестида.

– Локалитетот Градиште кај село Црнобуки го набљудувам триесет години и секогаш планирам како да се истражува, како да се направи нешто општо корисно, но, за жал, поради објективни и субјективни причини, локалитетот не доаѓаше на ред. Конечно, во 2012 година мали археолошки истражувања извршија професорите Виктор Лилчиќ и Антонио Јакимовски од Филозофскиот факултет во Скопје кои со своите истражувања ни ги потврдија сознанијата кои што дотогаш ги имавме од некои површински случајни наоди. Имено, станува збор за град од античко време, град кој егзистирал во времето на македонската држава, и подоцна за време на римскиот период. Во 2020 година како НУ Завод и Музеј-Битола, надлежна институција за тој простор, успеавме да добиеме мали средства и почнавме со систематски истражувања. Сите овие години со мали вложувања успеавме да дојдеме до резултати. Најголемото придвижување на археолошките активности почнува во 2022 година кога како НУ Завод и Музеј-Битола, успеавме да создадеме соработка со Универзитет Поли Хамболт од градот Арката, Калифорнија-САД. Тогаш во Битола пристигна водачот и лидер на американскиот дел од тимот, професорот Николас Ангелоф, го разгледавме локалитетот и тој беше воодушевен од површинските наоди. Веднаш следеше потпишување на Договор за соработка меѓу НУ Завод и Музеј-Битола и Универзитет Поли Хамболт, а потоа продолживме со заеднички истражувања. Соработката почна да се продлабочува и зголемува, истакна археологот Насух.

Пријателството меѓу битолчанецот Енгин Насух и Николас Ангелоф родум од Костур, втемелено на професионализам, почит и посветеност на археологијата овозможи да никне летен археолошки камп во Битола на кој освен наши и американски студенти, годинава учествуваа и млади археолози студенти од Австралија. Минатиот месец, сите учесници на локалитетот Градиште-Црнобуки, истражувајќи постигнаа задоволителни резултати, скромно вели археологот Насух.

– Според одредена теорија локалитетот е град кој го основал Филип V и претставува важен стратешки и логистички центар во македонско-римските војни. Но, таа теорија некако почнавме да ја отфрламе бидејќи на самиот локалитет најдовме наоди кои што се постари од времето на Филип V. Значи, не станува збор за нов град. Има теорија дека можеби тука се наоѓа градот Линк, главниот град на Линкестида, а во прилог на таа теорија е податокот за големината на овој град, односно покрај акрополата на градот која моментално се истражува има информации дека и денешното население во селото Црнобуки пронаоѓало извесни остатоци кои се протегаат се до реката Шемница. Следната година ќе пробаме со отворање на контролни сонди во самото село да се обидеме да ги потврдиме тие сведочења и полека да го формираме ареалот на градот.

Јасно е дека се работи за градска населба, доста развиена во која досега пронајдовме керамички производи и садови, односно фина керамика која не е работена на ова поднебје, туку е увезена од некои поголеми градски центри. Потоа, пронајдовме монети и освен депото на сребрени монети од римскиот републикански период, ние пронајдовме и многу други монети низ локалитетот кои се од различни периоди, односно од римската република, потоа монети ковани во Солун, во Пела, во Драч и Аполонија, монети од македонските кралеви како што е Филип Петти, последниот македонски крал, а имаме и монети од Александар III Македонски. Тоа потврдува дека во овој град имало богат живот и затоа се надеваме дека со наредните истражувања ќе добиеме и постари монети кои ќе ја потврдат приказната за долгогодишното постоење на градот, посочи Насух.

Во депоата на НУ Завод и Музеј-Битола веќе се чуваат монета на Александар Трети Македонски, но и 217 сребрени републикански римски монети кои датираат од 104 година пред новата ера до 41 година пред новата ера. Има наоди кои што се од крајот на старата ера, крајот на римската република и почетокот на империјалниот период. Како постари наоди се камените секири кои што датираат од енеолитот, бронзеното време… многу порано од цивилизираното живеење во градот што покажува дека се работи за една долгогодишна традиција на живеење во Градиште.

– Најново можам да кажам, нешто што се уште во јавност не е презентирано бидејќи материјалот се обработува, а тоа е податокот дека пронајдовме слој од доцниот енеолит или почетокот на бронзеното време, односно праисторија. Тоа значајно ни ја поместува долната граница на живеење на овој простор. Тука се работи за керамика специфична за тој период и една фрагментирана женска фигурина. Тоа за нас археолозите е многу значајно. Откритието е од оваа година и останатите монети во моментов се чистат, систематизираат и документираат во Музејот. Можеби нема некоја посебна сензационалност, но камчињата во мозаикот ни овозможуваат да ја формираме сликата за локалитетот Градиште кој се наоѓа на 12 километри од центарот на Битола. Тоа може да биде извонредна културолошка точка. Нашите планови со американскиот тим се движат во таа насока, истражување и презентација на локалитетот. Веруваме во поддршка од локалната самоуправа во смисла на инфраструктурна поддршка и други услови кои ќе овозможат пристап до локалитетот и негова туристичка афирмација. Странските туристи треба да ја знаат приказната од Градиште, заснована на нашите пронајдоци, вели археологот Насух.

Соработката со американскиот тим овозможи античкиот локалитет Градиште-Црнобуки да се истражува со поддршка на најсовремена опрема и технологија која првпат се применува на ова поднебје. Во функција ставен е специјален радар (GPR Radar), сопственост на американскиот универзитет кој овозможува подземно истражување на целиот локалитет. Употребена е и ЛИДАР технологија, ласерски апарат кој се става на дрон кој што снима од висина, ја отстранува цела вегетација на теренот и ја снима само цврстата форма, односно станува видлива целата конфигурација на теренот. Исто така, преку оваа соработка имаме пристап до лабораторија во Остин-Тексас, каде се врши хемиска и физичка анализа на остатоци од коски, пепел, дрво, метал и друго. Тоа, појаснува Насух, помага околу одредувањето на хронологијата, како и за тоа како работеле нашите претци.

– Оваа успешна приказна за Градиште ја дополнува медиумскиот интерес за овој наш потфат. Со американските колеги успеавме да направиме медиумска кампања за локалитетот Градиште-Црнобуки. Веста беше објавена во американските медиуми, потоа беше преземена од европски медиуми, во последниов период тука работат Си-Ен-Ен и Дојче Веле, и секако од првиот момент со нас е МИА. Оваа медиумска кампања е добра за нашата археологија, и на овој начин ние успеваме да влеземе на археолошката карта на Европа и светот. Стануваме видливи. Добро е вакви соработки да има уште повеќе за да излеземе од нашите локални рамки. Зошто го велам ова?! Затоа што нашите археолози се одлични археолози кои може да стојат рамо до рамо со европските археолози. Нам ни недостига финансиска поткрепа, а знаење и желба за работа имаме. Државата треба да даде свој придонес и да не чекаме само странска поддршка за нашето културно наследство. Медиумската поддршка ни помогна да создадеме нови пријателства, а на следниот археолошки камп ќе бидеме домаќини на студенти и од други држави со оглед на тоа што се залагам за космполитски тим, за мешан студентски тим од светот кој кај нас ќе учи археологија. Тие ќе бидат нашите најдобри амбасадори во светот, нагласи Насух.

Соработката на НУ Завод и Музеј-Битола со Универзитетот Поли Хамболт е проширена и со Институтот за старословенска култура-Прилеп. Ние како две институции, создадовме база која овозможува стабилна работа на подолг период. Нашата национална установа ужива висок кредибилитет и интегритет и тоа е гаранција за овој и идни проекти. Фактографијата е потврдена бидејќи движниот материјал пронајден на локалитетот од Градиште-Црнобуки е тука во нашиот град, а во постер форма неодамна беше презентиран на изложба во Корча, Албанија. Постер изложба ќе биде поставена и во САД на Универзитетот Поли Хамболт во градот Арката.

Фото: МИА и НУ Завод и Музеј-Битола

Back to top button
Close