Мишко Ралев ја менува страната – архитектот се приклучува на тимот на Орце Ѓорѓиевски

Архитектот и професор Мишко Ралев кој беше опција да биде кандидиран за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ од сега ќе делува како дел од тимот на Орце Ѓорѓиевски.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, Орце Ѓоргиевски нагласи дека Ралев со своето богато искуство, визија и интегритет претставува силна поддршка и дополнителна мотивација за неговиот тим, кој, како што посочи, работи на визијата за „поубаво и современо Скопје“.

„Академската заедница и научно-истражувачката дејност на реномираните професори секогаш ќе имаат отворена врата и заслужено место во визијата за напредно Скопје“, напиша Ѓорѓиевски, најавувајќи интензивна соработка со академската фела.

Инаку Ралев, кој е поранешен претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), се спомнуваше во јавноста како можен кандидат на СДСМ за првата позиција во Град Скопје пред да биде објавена одлуката дека СДСМ на локалните избори ќе се натпреварува со поранешната поранешна министерка за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Дека Ралев дефинитивно беше во потесниот круг, потврди и самиот неодамна во интервју за „Локално“.

Тој рече дека бил поканет од Венко Филипче да се кандидира за местото градоначалник на Скопје со нивна поддршка и дека ја прифатил поканата.

„По сериозно размислување и консултација со моето семејство, јас позитивно одговорив на таа покана. Една од причините вие веќе ја наведовте, а тоа е мојата професија – архитект и професор, а секако и мојот однос кон родниот град напластен низ генерациите на моето старо скопско семејство“,изјави Ралев за „Локално“.

Професорот Мишко Ралев е истакнат критичар на проектот „Скопје 2014“, кој го градеше владата на ВМРО-ДПМНЕ додека премиер беше Никола Груевски.

 

Back to top button
Close