Ристоска за Призма: Размислувам да не се кандидирам повторно
За тоа што значи одлуката на владата и за тоа како ваквата одлука ќе влијае врз угледот на државата, од БИРН разговарале со обвинителката Ристоска, која е обвинителка за врски за Македонија со Европравда и обвинителка во поранешното специјалното јавно обвинителство.
Таа сѐ уште пред судот застапува две активни обвиненија: „Талир 1“ и „Талир 2“, во кои се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија како правно лице, за која се бара конфискација на партискиот имот, вклучително и на белата палата.
БИРН: Ја критикувавте владата дека ја прекршила процедурата за избор на судија во судот во Стразбур и дека без образложение ја прекинала постапката. Колку ваквиот потег го компромитира целиот избор и дали ваквата одлука фрла сенка врз интегритетот на сите кандидати што влеговте во потесниот избор?
Ристоска: Ако ги погледнете насоките на Советот на Европа за избор на судии во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ќе видите дека не се работи за моја критика, туку за факт. Владата, со одлуката да не ја почитува препораката на Комисијата за избор на кандидати за судии, прекрши низа од препораките на Советот на Европа, меѓу кои дека националната постапка за селекција да биде стабилна, јасно утврдена, транспарентна и заснована врз критериуми, дека улогата на владата треба да минорна, дека секое отстапување од препораките на стручното тело треба да е образложено и низа други.