Маврово исполнето со гости, приходите помали
Во Маврово и околните населби овој викенд има над две илјади гости. Некои се дојдени ден порано, но најголемиот број од нив дојде во петокот и саботата. Хотелите и помалите сместувачки капацитети се исполнети речиси до последното место. Така се очекува да биде и биде за наредниот викенд. Продавниците и неколку угостителски објекти се отворени и работат според протоколите за заштита. Раздвиженост и посетеност има, но како што рекоа повеќемина мавровци, приходите не ветуваат голема заработувачка.
Повеќе гости за 30%, помал приход
МИА беше викендов во Маврово. Раздвиженоста од луѓе и автомобили беше воочлива особено во Маврови Анови. Во оваа населба на брегот на Мавровското Езеро, вообичаено посетителите застануваат да испијат кафе и да се снабдат со потребните продукти. Забележавме и луѓе кои рекреираа со прошетки и возење велосипеди околу езерото. Пред неколкуте продавници имаше помали групи кои пазареа. Според регистарските ознаки на автомобилите, најмногу беа скопски и гостиварски. Во разговорите со некои од нив ни кажаа дека заради корона-кризата и топлото време решиле викендот да го поминат во викендичките кои се нивна сопственост или кај нивни пријатели.
За овој период од годината вообичаено е да има гости, но евидентно е дека нивниот број е поголем. Има интерес и за повеќе од можностите и капацитетите, смета Раде Симоски.
– Ова лето ги потврди моите тврдење дека Маврово е вториот по големина и важност туристички центар во Македонија. Од контактите со колегите имам информации дека нема слободно место во хотелите и во приватното сместување. Така беше за минатиот викенд, така е за овој. Тешко ќе се најде слободен кревет и за наредниот, вели овој туристичко-угостителски работник со над 40 години искуство во оваа област.
Како професионалец ја анализираше и состојбата. Ваквата заинтересираност која е 30-40 проценти поголема нема да донесе поголем профит. Според Симоски, недостигаат турите на странските тур-оператори. Во нив Маврово беше честа дестинација и обезбедуваа значителни приходи.
– Домашните гости се добредојдени и многу важни. Тоа се докажа токму во овој период. Сепак нивната моќ не е толку голема. Сега на тоа проблем ни создаде и кризата. Не можеме да примиме повеќе гости во ресторан заради протоколите, а и луѓето се претпазливи, некои дури и се плашат заради здравствени причини, вели Симоски.
Обиколката околу езерото на чии брегови има два поголеми ресорти потврди дека гости има. Сместувањето зависно од пакетот во пореномираните хотели е од 25 евра за полупансион до 280 евра за луксузен апартман. Сепак, може да се најде и сместување, кое во стандардизираните соби е околу 600 денари за ноќ.
Во хотелите и поголемите ресторани се забележува дека вработените, обврските ги извршуваат почитувајќи ги сите безбедносни препораки, заштитни маски, средства за дезинфекцијата често пребришување на подовите.
Се гради, ама многу се валка
Јован и Маријана, средовечен пар од Скопје, кои се рашетуваа покрај месноста „камп“ во населбата Крстови ни кажаа дека во Маврово доаѓаат првпат. Ги спречила кризата и годинава да отпатуваат некаде. Изненадени се од крајоликот и како што рекоа во голема мера им наликува на одморите кои ги имале на Словенските Алпи и слично на Блед заради езерото. Имаа забелешки на хигиената од односот и менталитетот на луѓето кон природата и препорачаа да се работи на тоа, за Маврово да добие светски изглед. За Маријана е необично да биде во национален парк, а да има толку многу отпадоци, особено во планинските подрачја кон Бистра и Дешат, каде што биле деновиве.
Еден мавровец, шеговито ни објасни дека посетеноста се огледа по сметот. Вели вообичаено некои контејнери не се полнат ниту за два месеци, а сега се празнат два пати неделно.
Невообичаено делуваше глетката на неколку градилишта. Се градат помали и поголеми викенд куќи, но и два големи комплекси, што некои наши соговорници го оценија како позитивен импулс, но забележаа дека „мора да се води сметка и не може да се гради без ред!“
Стратегијата која ја спомена Симоски се однесува и на инфраструктурата. Потребни се повеќе паркинг места, новите објекти да имаат гаражи, приклучоци за струја, вода, канализација. Тие работи, вели, треба да се обезбедат пред да почне да се гради. Недостигаат и пооригинални содржини за поактивен престој.
Повеќе гости во викендичките, помалку туристичка такса
Намалениот приход од туристите и посетите, најверојатно ќе се почувствува и во општинската каса. За првите два квартали до 30 јуни во локалната самоуправа Маврово и Ростуше како туристичка такса се слеале нешто повеќе од шест илјади евра (385 илјади денари). Според анализите на општинарите, оваа година нема да се достигне износот од минатата година кога беа инкасирани над 1,6 милиони денари (1.672.245,00 денари). Прогнозите се дека домашните гости нема да ги надоместат загубите.
– Имаме намалена посета на гости од странство и тоа е евидентно. Дополнителна причина за намалувањето на приходите ќе биде и отсуството на гурбетчиите. Нашите сонародници кои работат во странство ги немаше ова лето и тоа значително влијае врз целокупниот живот. Локалната економија е во длабок пад. Селата по Долна Река и целиот регион се празни. Потрошувачката е сведена на минимум, а јули и август беа значајни месеци за приходи, кои за жал нема да се остварат, вели Фикрет Ибраими советник за односи со јавност во општина Маврово и Ростуше
Околу брегот на Мавровското Езеро има околу 1.500 викенд куќички. Од почетокот на кризата некои од нив беа втор дом за многу скопјани и гостиварци кои заради полицискиот час ги напуштаа градовите. Некои беа изнајмувани, а некои пак исполнети со пријатели и роднини.
Нашиот соговорник Раде, смета дека околу езерото во секој од последните три викенди од август има по 5-6 илјади гости.
– Ние, реално не се снајдовме со бранот на туристи. Немаме доволно капацитет и според моите колеги, многу гости се вратени, бидејќи нема сместување. Но, за ова секако е потребно да се размислува во иднина. Во тој правец треба да размислуваат и властите. Нам како никогаш досега ни е потребна долгорочна стратегија за развој на туризмот на Маврово, а не само кампањски, вели Симоски.
Раздвиженост имаше и во селото Никифорово, таму како што кажаа дваесетина куќи и викендички се отворени. Во соседното Леуново, пак, бројката е двојно поголема. Најмногу посетени ќе бидат селото Маврово и околните викенд населби.
Годинава нема да се одржат и неколку манифестации кои дополнително го исполнуваа животот во Мавровскиот крај. Нема велосипедска тура и натпревари, нема фестивал, овчарски денови, па дури ни најстарата културно-туристичка манифестација. Сепак кон крајот на оваа белешка и информацијата дека годинава ќе се одржи Галичката свадба.
Годинава без публика, со директно емитување во живо, со сосем ограничен број учесници (вкупно 90 од кои само 35 директни учесници во обичаите. Нивното учество ќе биде дозволено единствено со негативен Ковид тест, а останатите се организатори. Галичник за тоа време ќе биде затворен за посетители.