Истрага за убиството во Бардовци: Спасов се гони за убиство, а се бара и притвор – се проверува и како се спроведувало лекувањето во психијатриската болница од каде излегувал, а и објавувал насилни снимки
Основното јавно обвинителство Скопје отвори кривична постапка за убиството што се случи во Психијатриската болница „Скопје“ – Бардовци, каде што 36-годишниот Димитар Спасов, хоспитализиран поради претходно убиство, со стаклено шише усмртил друг пациент. Настанот, што се случи по наводна кавга за легло, ја вознемири јавноста и ги отвори прашањата за (не)функционалноста на системот за задолжително психијатриско лекување.
Како што соопштија од Обвинителството, против Спасов се води постапка за кривично дело – Убиство по член 123 став 1 од Кривичниот законик. Поради опасност од повторување на делото или сторување ново кривично дело, јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор. Дополнително, ќе се бара и целосна документација за досегашниот третман на осомничениот, вклучително и како се спроведувала мерката на задолжително лекување.
„Скопје1“ објави дека Спасов – кој во 2012 година беше прогласен за непресметлив откако ја уби својата мајка – подолго време бил гледан како слободно се движи низ Ѓорче Петров, па дури и седи по кафеани. Полицискиот надзор му бил повлечен по одлука на правосудни органи, по што се враќал и излегувал без контрола од болницата.
На социјалните мрежи имал активни профили и споделувал насилни снимки – на една од нив, повикува друго лице на тепачка, а на друга дава насоки како да се претепа пациент. Сведочења од вработени наведуваат и закани, малтретирање, алкохол во установата и поплаки кои, очигледно, не довеле до заострување на надзорот.
Жртвата, пациент со иницијали И.Т., беше пронајдена мртва во собата на Спасов, каде напаѓачот и по настанот останува сместен. Телото е дадено на обдукција.
Овој случај ја отвори јавната дебата за третманот на опасни пациенти во психијатриските установи, прашањето на надзор, пристап до алкохол, интернет и социјални мрежи, но и одговорноста на институциите кои дозволиле лице со такво досие да се движи меѓу граѓани – сè додека не уби повторно.