Меџити за навивачките инциденти ги искара судиите: Судството кога треба не дејствува, а кога не треба претерува
Судството кога треба не дејствува, а кога не треба претерува, реагира првиот вицепремиер Изет Меџити по двата навивачки инциденти коишто се случија на спортски натпревари и на кои се извикуваа навредливи, ксенофобични, националистички и иредентистички пораки. Тој иако ги осуди двата инцидента, сепак, направи разлика, односно смета дека на кошаркарскиот натпревар имало антиалбански пораки додека на фудбалскиот натпревар немало антимакедонски пораки.
-Имаше разлика, во Куманово беа антиалбански настроени, не ги оправдувам ни другите, но не беа антимакедонски настроени. Ние повикуваме да се почитуваат различните вредности, да се почитуваме едни со други и да придонесеме да се надминат овие состојби. Мислам дека судството кога треба не дејствува, а кога не треба претеруваат, како во овој случај. Повикуваме и судството да придонесе за меѓуетничките односи – рече Меџити.
На кошаркарскиот натпревар во Куманово меѓу Македонија и Романија, можеа да се слушнат навредливи и ксенофобични пораки како „Добар Албанец е мртов Албанец“, „Гасна комора за Албанците“ и „Чиста Македонија“. На фудбалскиот натпревар пак, меѓу Шкендија и Карабах во Скопје, навивачите на Шкендија скандираа „Голема Албанија“ и „Илирида“.
Германски државјанин е осуден на условна затворска казна и е протеран од земјава зашто пред почетокот на фудбалскиот натпревар Шкендија-Карабах, го веел знамето на „Голема Албанија“.
Полицијата му поднесе кривична пријава, а Обвинителството веднаш отвори постапка по член 319 од Кривичниот законик – за предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа.
Основното јавно обвинителство од Куманово, отвори постапка и му издаде насоки на СВР Куманово за истражување на елементи на кривично дело поврзано со скандирања со говор на омраза од страна на непознати лица. Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово лишија од слобода триесетгодишен кумановец што се сомничи дека за време на полувремето на кошаркарскиот натпревар во Куманово се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина