Остри реакции од Бугарија: Мицкоски ја оддалечува Македонија од ЕУ, тој стои зад иницијативата на Поповска
Режимот на Христијан Мицкоски брзо (и политички) ја оддалечува Република Северна Македонија од Европската Унија – единствениот гарант за нејзиното постоење надвор од југословенскиот шаблон, пишува уредникот на редакцијата за надворешна политика на бугарската агенција БГНЕС.
Според него, проектот „Мицкоски“ ја елиминира можноста за интеграција во Европската Унија, го лансира Скопје кон унијата на авторитарни режими во Европа, ги разочарува граѓаните на Северна Македонија и го насочува нивниот гнев кон „источниот сосед“. Фактот дека Уставниот суд за неколку дена прифатил да отвори постапка за уставноста на протоколот потпишан со Бугарија, според БГНЕС, покажува дека зад оваа иницијатива стои Мицкоски.
„Мицкоски се обиде да го прикрие патот по кој не само што оди, туку и скока, со енергична помош на поранешната пратеничка Лилјана Поповска – која во минатото беше и сојузник на неговиот политички татко Никола Груевски, и ќерка на патријархот на модерниот Македонизам – Блаже Ристовски.
Токму Поповска покрена иницијатива за оспорување на записникот од втората седница на Заедничката меѓувладина конференција, потпишан од министрите Генчовска и Османи пред три години, во периодот кога беше договорен таканаречениот „француски предлог“. На Уставниот суд на Северна Македонија му требаа неколку дена за да отвори постапка за разгледување на жалбата. Неговата молскавично брза реакција докажа без сомнение дека политичкиот естаблишмент стои зад аргументите на „обичниот граѓанин“. Дури и „македонските“ медиуми, финансирани од режимот на Виктор Орбан, кој го засолнува Груевски, не се успешни во обидот да ја сокријат вистинската цел на оваа одлука“ пишува во текстот објавен на БГНЕС.
Поповска смета дека документот е во спротивност со Уставот, имено со основните слободи и човекови права. Подносителот на барањето тврди дека протоколот има несоодветна форма и содржина, дека излегува од рамките на правен акт што регулира член од договор меѓу две држави и дека произведува штетни последици по прашањата за идентитетот на „македонскиот народ, јазик и држава“. Поповска, исто така, смета дека протоколот е неуставен, бидејќи не е ратификуван од парламентот и не е објавен во „Службен весник“, а тврди и дека е во спротивност со Законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународни договори. Она што поранешната пратеничка го бара од Уставниот суд е да го поништи протоколот.
Во предметниот документ всушност се наведува дека Македонија се согласува да ја одржи следната меѓувладина конференција со ЕУ откако ќе ги вклучи Бугарите меѓу народите што формираат држава во преамбулата и два члена од нејзиниот Устав. Во истиот протокол, владата на Република Северна Македонија ја потврдува обврската дека ништо во нејзиниот устав не може и не треба да се толкува како основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија со цел заштита на статусот и правата на лицата кои не се државјани на Северна Македонија. Протоколот, исто така, предвидува борба против говорот на омраза против Бугарите и Бугарија.
БГНЕС потсетува дека „обидот за ревидирање на меѓународните договори беше пречекан со категорично „не“ од претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој неодамна во друштво на Мицкоски нагласи: „Нема план Б, Северна Македонија мора да го исполни она што беше договорено во 2022 година, нема за што да се преговара“.
„Бугарската држава е должна да реагира на невиденото кршење на меѓународното право од страна на Скопје, кое ги има сите знаци на прв чекор кон потенцијална ликвидација на целиот напредок од 2017 година. Обидот на Скопје да ја постави Бугарија и меѓународната заедница пред свршен чин – дека претходните договори не се применливи според Уставот и соодветно на тоа нивната ревизија е задолжителна – мора да се соочи со категорично противење и од Бугарија и од Европската Унија“ стои во текстот.