Цвета Ристовска која го водеше предметот за директорот на АНБ избрана за заменик на ДКСК

Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата, која го водеше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски ќе ја води Комисијата за време на локалните избори, откако на денешната седница беше едногласно избрана за заменик – претседател на Антикорупциската комисија која е без претседател по истрагите и оставката на поранешната Татјана Димитровска.

Ристовска ќе седне на заменичкото столче на 21 август, кога истекува мандатот на актуелната заменик – претседателка Билјана Каракашева Шулев. Заменикот – претседател на ДКСК се менува ротационо на секои шест месеци по азбучен ред од презимињата на членовите со мнозинство гласови.

Ристовска која како и Димитровска доаѓа од Државниот завод за ревизија го реферираше и водеше предметот за Христовски, но во јавноста се спореше тоа што таа била дел од наставниот кадар на приватниот Универзитет за туризам и менаџмент „Скопје“, а дел од предметот беше и претставката за неговата факултетска диплома, добиена од факултетот и универзитетот каде во тоа време дел од наставниот кадар била токму Ристовска.

На таа седница Ристовска рече дека случајот е чист според известувањето на Просветниот инспекторат. Тогаш од Анткикорупциската комисија прво тврдеа дека таа не била дел од наставниот кадар на приватниот Универзитет, а потоа дека сепак имала соработка на ниво на гостин – претседавач.

-Единствено можам да ви кажам, дека повремено бев ангажирана како практичар од областа на ревизијата, ниту сум била дел од наставен кадар, ниту е точно тоа што одеше вчера во медиумите. Сите мои трансакциски сметки се отворени, не ми плаќале. Сум предавала ревизија и преку приватни образовни куќи, сето тоа со изим на главниот државен ревизор, со потврда. Сум предавала и во Академија на судии и јавни обвинители, се во својство на државен ревизор – тврдеше Ристовска.

Просветниот инспекторат што го извршила надзорот за дипломите на Бојан Христовски и констатирала дека нема неправилности за образованието, е инспекторката Соња Зашовска, која на страницата на Општина Гази Баба фигурираше како советничка во општината од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а за која Левица неодамна обвини дека добила унапредување во раководител откако констатирала дека нема пропусти во фалсификат дипломата на директорот на АНБ.

ДКСК е без претседател откако сега веќе поранешната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинувањата на Обвинителството за гонење организиран криминал и обвиненијата за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.

Back to top button
Close