Обид за убиство во Скопје: 28-годишна жена се обидела со перница да ја задуши бабата на својот сопруг

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 28-годишна жена осомничена за обид за убиство – кривично дело по член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, на 15 август во домот на улицата „Борис Бојаџиски“ во Скопје, за време на семејно насилство, осомничената се обидела да ја лиши од живот бабата на својот сопруг, родена во 1938 година, со која живееле во семејна заедница.

Додека жртвата одмарала во една од собите, осомничената влегла и ја заклучила вратата. Таа седнала врз бабата и ставила перница врз нејзината глава со намера да ја задуши, при што дополнително ја удирала со тупаници по главата. Нападот го прекинала мислејќи дека жртвата е мртва, по што му кажала на сопругот за стореното.

Сопругот веднаш ја известил полицијата, а повиканата екипа ја пренела повредената во болница, каде биле констатирани нагмечувања на главата и вилицата, како и повеќе хематоми.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничената. Од Обвинителството велат дека постојат очигледни околности кои укажуваат на опасност таа да го повтори делото или да го доврши започнатиот обид за убиство.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close