Задоцнета реакција: Стручни тимови ќе го испитуваат земјиштето над Љубојно откако се направи масовна сеча на планината
Жителите на преспанското село Љубојно цела недела одржуваа протести и блокади на локацијата над селото на која беше звршено масовно и прекумерно сечење на шумата, по што фирмата која ги изведуваше работите се повлече од теренот, а во неделата првиот пороен дожд направи голема штета за која зборуваа граѓаните.
„ Денес, по само еден час врнежи, огромна количина вода се слеа кон селото и го зафати просторот околу продавницата. Она што до вчера беше шумска почва што ја впиваше и задржуваше водата, денес е гол терен кој дозволува неконтролирано надоаѓање на порој. Ситуацијата е алармантна – со секое ново сечење ја губиме природната заштита, а наместо шума, добиваме поплави и ризик по безбедноста на луѓето “, велат жителите за „Фокус“.
Жителите сега тврдат дека сега биле испратени стручни тимови за испитување на земјиштето откако беше соголена планината, а тоа требаше да се направи пред да почне сечењето на дрвата.
„Иако сечењето моментално е стопирано, штетата веќе е направена – планините се целосно оголени. Она што е скандалозно е фактот дека дури сега, откако целиот предел е уништен, од Скопје се испраќаат стручни тимови за испитување на земјиштето – постапка што требаше задолжително да се спроведе пред да се дозволи и едно дрво да биде исечено.
…