ДУИ се обидува со одредени трикови да прави притисок за да бидат повторно дел од Владата, вели Мицкоски

По дваесет години ДУИ е во опозиција и очигледно е дека се соочуваат со големи проблеми, па затоа се обидуваат со одредени трикови да направат притисок за повторно да бидат дел од Владата – рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со немањето Бадентерово мнозинство во Собранието, што се покажа при последното гласање за измените на Изборниот законик, односно иако измените добија 67 гласа „за“, од пратениците на немнозинските заедници ги поддржаа само 11, а 18 беа „против“.

Мицкоски вели дека неговата партија наскоро ќе излезе со имињата на кандидатите за градоначалници онаму каде што се правеле дополнителни анализи и мерења, а според него јасно е кој ќе биде апсолутен победник на локалните избори кои претстојат.

„Мислам дека јасен е победникот на овие локални избори, а тоа е владиното мнозинство, така што ние продолжуваме по патеката на реформи, испорака за граѓаните, чесна, напорна, посветена работа… Еве, веќе 14 месеци оваа влада стабилно функционира, јавноста може да види дека тоа што во минатото значеше корупција, криминал на дневна основа, тоа веќе не е пракса, односно воопшто нема таков тип на девијантно однесување“,рече Мицкоски.

Во однос на независните кандидатури за локалните избори, односно за правилникот кој го донесе ДИК со кој независните ќе можат да се кандидираат на локалните избори со два граѓански потписа, Мицкоски вели оти тие како Влада направиле се за да обезбедат сите да бидат задоволни, но не знае што треба да направат за да им се погоди на одредни луѓе кои порано велеле дека се потребни многу потписи за учество, а сега велат дека потписите се малку.

„Не знам што ние како влада треба да направиме за да обезбедиме сите да бидат задоволни. Тоа е невозможно. Ова е резултат на Уставниот суд којшто поништи два члена, не се усвоија измените во Изборниот законик во рамките на парламентот и сега таа е реакцијата и јас не знам што можеме ние како Влада повеќе од ова да направиме“,заклучи премиерот

Back to top button
Close