Обвинителниот предлог за Татјана Димитровска го одложи судењето за „Адитив“

Обвинителниот предлог за поранешната претседателка на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска и против уште две лица и обвинителниот акт против едно лице, го одложи утрешното рочиште за „Адитив“.

Предлогот против поранешната претседателка на ДКСК стигнал денеска во Кривичниот суд, а Советот за оценка на обвинителниот акт го одобрил и обвинението против едно лице, како продолжение на истрагата за овој случај. Обвинителството побарало спојување на двете постапки па судот го закажа утрешното рочиште за на 2 септември за да се одлучи дали ќе се спои или не предметот, односно дали на Димитровска ќе и се суди заедно со другите обвинети.

– Со оглед да обвинителниот акт кој претставува продолжение на истрагата за конкретниот предмет, беше одобрен и доставен до судечкиот совет во текот на денешниот ден, како што и информиравме во претходното соопштение, а со кој предлог обвинителството воедно има доставено и предлог за спојување на двете постапки, заради економичност и ефикасност на постапката, а како и не би се направиле непотребни трошоци за спровод на дел од обвинетите, потребно е време советот да се запознае со списите од предметот, како и произнесувањето на одбраната во однос на истото и да одлучи по предлогот за спојување – соопшти Кривичниот суд.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 18 јули поднесе обвинение против против едно лице, веќе обвинето во предметот „Адитив“, кое сега се товари за кривични дела Злосторничко здружување, за помагање при Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

Димитровска пак е обвинета за оддавање на службена тајна односно дека му давала податоци за постапки што се водат на сега обвинет за „Адитив“, поранешен директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Освен ова таа се товари дека нејзин колега онлајн и го положил испитот за да добие сертификат за положен испит за пристап класифицирани информации што се водат со степен Државна тајна.

Back to top button
Close