Земјиштето на Мијалков во Гевгелија го купи фирма во која и балерина до лани била еден од сопствениците
Друштвото за градежништво Енерго максистем ДООЕЛ Скопје е новиот сопственик на атрактивната градежна парцела во Гевгелија, која беше конфискувана од екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, а државата неодамна ја продаде на јавна аукција.
Како што пред еден месец објави ,,Фокус”, земјиштето беше продадено за точно 916.113 евра. Станува збор за плац составен од 8 парцели, со вкупна површина од речиси 19.000 квадратни метри
Фокус” изминатиот период чекаше одговор од Агенцијата за управување со одземен имот за тоа кој е новиот газда на земјиштето, но не добивме повратна информација. Промената на сопствеништвото ја откривме преку пребарување во Катастар, каде што новиот сопственик веќе е впишан.
Податоците од Централниот регистер покажуваат дека новиот газда, поточно фирмата купувач, постои од 2014 година и е основана со странски капитал, односно од Србија. Актуелен и долгогодишен сопственик е Сања Костовски од Нови Сад, но податоците од Централниот регистер покажуваат и дека извесна Тања Вујсиќ Тодоровска од Скопје, од 2017 година била содружник во компанијата, но од истата излегла во февруари минатата година. Кога ќе го пребарате ова име се појавуваат написи за нашата балерина Тања Вујсиќ Тодоровска, која има долгогодишна балетска кариера.
Податоците за фирмата покажуваат дека минатата година ја завршила со загуби.
Засега не е познато дали сопственичка Сања Костовски планира на земјиштето да изгради казино. Кога обвинителството го заплени овој имот, во случајот ,,Империја”, го вреднуваше како вистинско богатство, бидејќи станува збор за атрактивна локација во близина на границата со Грција. Парцелата е идеална за изградба на казино, а за таа намена навидно и ја купил екс директорот на УБК.