Во последните 4 години нема преставки за непотребни интервенции- ФЗО во одбрана на приватните болници
И ФЗО реагираше на изјавата на Кедрв според кој приватни болници прават непотребни операции заради профит
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) со должно внимание ги следи сите прашања поврзани со квалитетот, безбедноста и законитоста на здравствените услуги што им се обезбедуваат на осигурениците. Во однос на неодамнешните тврдења за наводни непотребни медицински интервенции, изнесени во јавноста, ФЗО уште еднаш ја потврдува својата посветеност на транспарентноста, почитувањето на законите и заштитата на правата на пациентите.
Фондот ја истакнува важноста на придржувањето кон професионалните стандарди, медицинската етика и принципите на медицина заснована на докази, кои претставуваат темел на здравствениот систем. Во рамки на своите законски надлежности, ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и приватните здравствени установи, со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод.
Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, додека по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства.
Сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи. Овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство. Фондот, во рамки на своите овластувања, ќе продолжи да работи на спречување на евентуални неправилности во користењето на финансиските средства.
ФЗО апелира до сите чинители во здравствениот систем, како и до јавноста, за одмерена и аргументирана комуникација заснована на проверливи факти, со цел зачувување на довербата во здравствениот систем и избегнување на генерализации што можат да предизвикаат сензационализам.
Фондот останува посветен на заштитата на правата на осигурениците и на обезбедувањето квалитетни здравствени услуги, во рамки на своите законски овластувања.