Од безбедносни зони до курирски торби – Владата пропиша нов систем за чување тајни

Владата ја усвои Уредбата за физичка безбедност на класифицирани информации, со која се воведуваат строги правила за чување и пренос на државните тајни и доверливите документи.

Уредбата е донесена врз основа на Законот за класифицирани информации и е усогласена со одлуката на Советот на Европската Унија од 2013 година за заштита на класифицирани податоци. Со тоа се заменува претходната уредба од 2004 година.

Според новите правила, класифицираните информации ќе се чуваат во сигурносни сефови, трезорски простории и специјално обезбедени зони, додека пристапот до нив ќе биде строго контролиран. Се предвидуваат безбедносни зони од прв и втор степен, каде влезот е дозволен само за лица со соодветна безбедносна проверка, како и административни зони со ограничен пристап.

Документите со највисок степен на класификација – „Државна тајна“ и „Строго доверливо“ – мора да се чуваат во сефови со тростепено забравување или во простории со 24-часовна контрола и систем за откривање неовластено присуство.

Уредбата пропишува и начини за пренос на класифицирани информации надвор од безбедносните зони. Така, документите мора да бидат запакувани во двојни коверти и да се носат во заклучени курирски торби или кутии, а за материјали со повисок степен на тајност се користат посебно опремени возила и курири со придружба.

За дополнителна заштита, се воведува концептот на „одбрана по длабочина“, кој вклучува безбедносни огради, системи за видео надзор, контрола на посетители, сили за брза реакција и технички обезбедени зони за спречување на прислушување.

Со оваа уредба, класифицираните информации ќе бидат предмет на повеќеслојна и засилена физичка заштита, а Владата очекува новите стандарди да ја намалат можноста за злоупотреба, неовластен пристап или протекување на доверливи податоци.

Back to top button
Close