Државата да покаже дека ги слуша стравовите и грижите на семејствата од Кочани – реагира „Блупринт групата“

Потребен е сензитивен и одговорен пристап, кој ќе покаже дека државата ги слуша и ги зема предвид стравовите и грижите на семејствата од Кочани, реагираа „Блупринт групата за реформи во правосудството“ кои излегоа со изјава со поддршка на семејствата кои на 17 август, на последниот протест излегоа со искази и сведочења дека наместо да добијат разбирање и поддршка, се чувствуваат нападнати и изложени на различни притисоци.

– По завршувањето на истрагата и доставувањето на предметот во Основното јавно обвинителство, останува клучна потребата постапката да се води целосно транспарентно и без притисоци врз семејствата, сведоците и сите вклучени. Недовербата што ја изразуваат родителите и јавноста е гласна и оправдана реакција која впрочем се базира на одамна изгубената сигурност во институциите. Од тие причини државата треба конечно да покаже дека правдата не е апстрактен поим, туку процес што може да се види, почувствува и доживее како вистинска правда – се вели во реакцијата на која се потпишани шест организации, Институтот за човекови права, Македонското здружение на млади правници, Коалицијата „Сите за правично судење“, Институт за европски политики и Центарот за правни истражувања и анализи.

Тие апелираат и до медиумите да продолжат внимателно и одговорно да ја следат постапката, со почитување на достоинството на жртвите и нивните семејства.

– Но, и со упорност во откривањето на сите евентуални неправилности и притисоци. Само преку внимателно известување и силна јавна контрола може да се обезбеди доверба дека правдата ќе биде достижна и достапна за сите – се вели во реакцијата.

Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ на последниот марш кажаа дека многу од луѓето кои не излегуваат на протести, не излегуваат од страв поради партиски притисоци и закани, но и дека самите тие имаат притисоци со инспекции.

Премиерот Христијан Мицкоски по пет месеци отиде на гробиштата во Кочани да запали свеќа на градските гробишта, пред одржувањето на локалните избори. Дел од родителите кои беа на гробиштата му кажаа на премиерот дека се соочуваат со притисоци.

Родителите на дел од загинатите деца во дискотеката „Пулс“, се сретнаа со премиерот Христијан Мицкоски, кој при посетата на Кочани, беше да запали свеќи на градските гробишта. Тие му ги кажале проблемите со кои се соочуваат, се пожалиле на притисоци. Имале забелешки и на постапувањето на институциите.

– Само што ќе се објави нешто од наша страна, од родителите, веднаш од сите страни почнуваат со клевети, навреди и сето тоа ни е дополнителен стрес – рече мајка на загинато дете.– Ова е слободна држава, сѐ што мислите да правите, да кажете, да објавите, сѐ што мислите, од мене имате поддршка – ги уверуваше Мицкоски.

На ова мајката возврати: „Од вас можеби имаме поддршка, но на претходниот Марш имаше луѓе што сакаа да дојдат од Штип, од Виница, но кај ‘Национал’ се сопрени, претреси и е правено претрес. Тие не се убијци, атентатори…“

– Секој кој што сака да се приклучи и да даде поддршка, ја има мојата поддршка, секој, еве јавно кажувам, пред камера овде. И никој нема право ниту да ве претресува, ниту да ве легитимира, надвор од Законот – рече Мицкоски.

На гробиштата со Мицкоски беше и единствениот пратеник од Кочани во македонското Собрание.

 

 

Back to top button
Close