Дебатна телевизиска емисија за литература?
Дебатна телевизиска емисија за литература, какви што има во секоја земја што ја почитува својата култура, денес во Македонија нема. Иако имаше во југословенското време, кога за литература се зборуваше редовно во култната емисијата за култура на некогашната МРТ, „Клепсидра”, но и во посебни емисии посветени на литературата.
Од друга страна, од тоа што го гледам кога сум на посета во Македонија, Македонците станаа дефинитивно „телевизиска нација”. Тоа значи, тие светот го доживуваат телевизиски. За да перципираат нешто како реалност, ним им треба телевизијата. За жал, наместо емисии што ќе ги обрзуваат и ќе го култивираат нивниот естетски вкус, луѓето се „поплавени” од дебатни емисии за политиката. Во нив се повторуваат исти новинари, со секогаш исти здодевни тези. Се разбира, македонската јавност е мала и нема многу избор од нови луѓе. Притоа новинарите се често партиски определени, така што македонските дебатни емисии ми наликуваат на вечна партиска кампања или на политичко „перпетум мобиле”. Не зачудува зошто македонската јавност е токсично политизирана и партизирана.
Но, зарем животот е само политика? Зошто нема дебатни емисии, на пример, за литературата? Македонија, за среќа, има многу одлични писатели. Кога би имало повеќе емисии за литературата, тие би имале образовен карактер и би им помогнале на гледачите полесно да ја согледаат и „големата слика” во политиката. Затоа зачудува зошто македонските издавачи, писатели и литературни критичари досега не се изборија за солидна телевизиска емисија, во која, на пример, ќе се дебатира за најновите македонски романи, драми или лирика. Потребата постои, но додека за тоа молчат писателите, литературните критичари и професорите по теорија на литературата, за литературата ќе зборуваат „погрешните” луѓе. На пример, политичарите кои политичкиот рејтинг често го „фризираат” со цитати од Горан Стефановски или од Петре М. Андреевски, а самопрогласените „патриоти” ја инструментализираат литературата во својата борба против „предавниците” кои, исто така, самите ги прогласуваат. Сиве овие парадокси се сведоштво за непостоење на вистинска, отворена, критичка и жива полемичка култура во македонската литературна сцена. Се прашувам, зошто е толку тешко за македонските издавачи да се договорат со една телевизиска куќа да емитува еднаш во месецот емисија во која ќе се зборува само за литературата? Со тоа би помогнале многу повеќе да се продаваат нивните книги, но и да се создаде платформа за јавна полемичка дебата за македонската литература.
Литерарниот квартет на Раницки
За илустрација како може да се направи тоа, ќе укажам на една култна германска телевизиска емисија за литературата. Германските телевизии имаа и имаат многубројни емисии посветени на литературата, но, сепак, првата дебатна емисија за литературата, „Литерарниот квартет” (Das literarische Quartett), остана легендарна. Таа беше една од најпопуларните телевизиски емисии за литературата, во која, нешто повеќе од еден час, четири познати германски критичари дискутираа за најновите дела во прозата на германски јазик. Емисијата бешe во копродукција на „Втората германска телевизија”(ZDF) и австриската телевизија (ORF), а во првобитниот состав се емитуваше од 1988-та до 2001-та. Иако по пауза од неколку години се емитуваше во нов состав, култен статус има само стариот „Литерарен квартет“. Не само затоа што составот на критичарите беше среќно избран, што придонесе за живоста на дискусиите. Всушност, посебниот штимунг на стариот „Литерарен квартет“ го даваше „камер-мајсторот“ во квартетот, „германскиот литературен папа“, критичарот Марсел Рајх-Раницки. Впрочем, негова беше визијата за таква редовна дебатна емисија за литературата. Кога телевизиските уредници го побарале во летото 1987-та за да му понудат соработка, тој одбил, но тие тоа го игнорирале, така што тој им раскажал за каква емисија за литературата тој би се согласил. За тогашната телевизија било незамисливо неговото барање, емисијата за литература да трае 60-75минути. Сепак, се согласиле. Идејата била Рајх-Раницки да биде водител и дискутант, а освен него да има уште тројца гости. Сите требало да дискутираат без „белешки“. Така и беше, што ја правеше емисијата многу спонтана. Во првата година, покрај Рајх-Раницки, постојани беа уште тројца критичари: Хелмут Карасек (Helmut Karasek), Јирген Буше (Jürgen Busche) и Зигрид Лефлер (Sigrid Löfler). Откако Буше го напушти „Квартетот“, во секоја емисија имаше еден гостин, на местото на четвртиот критичар.
„Литерарниот квартет“ брзо стана една од најгледаните емисии од културата, иако се емитуваше доцна навечер, од 22.15 часот до 23:30 часот. И покрај доцниот термин, имаше неверојатна гледаност од речиси еден милион. Генијална беше идејата на Рајх-Раницки за литературата да се дискутира со жар и ентузијазам, со виц и иронија, со дух и луцидност, зашто дискутантите со тоа им покажуваа на гледачите колку е значајна литературата за секој човек. „Квартетот“ докажа дека дебатата за „високата“ литература може да биде не само поучна, туку и многу забавна.
Дебатите за литературата и поплавата на купувачи на книги
„Литерарниот квартет“ беше важен и за германските издавачи и книжари. Последниве знаеја за кои книги ќе се зборува и ги снабдуваа пред емисијата, за да имаат доволно примероци кога, еден ден по емитувањето, книжарниците беа полни со луѓе што го гледале „Квартетот“. Понекогаш најдобро се продаваа книгите кои беа „направени партал“ од најхаризматичниот германски критичар во тој период, Марсел Рајх-Раницки. Тој беше полски Евреин, кој по војната се пресели во Германија, а зборуваше германски со изразит словенски акцент, чиј белег е тврдиот изговор на гласот „Р“. Неговото енциклопедиско познавање на германската и светската литература, но и пламениот темперамент во говорот, строгиот естетски вкус и луцидната критичност ја создадоа неговата харизма. Секако, „Литерарниот квартет“ беше негова идеја и тој во дискусиите се однесуваше како „домаќин“ со своите гости, што ја правеше неговата позиција уште подоминантна. За тоа денес има различни мислења, но факт е дека никогаш повеќе литературата не успеа да биде во центарот на вниманието во телевизискиот свет, како што тоа беше во времето кога „Квартетот“ го водеше Марсел Рајх-Раницки. „Квартетот“ денес го води писателката Теа Дорн (Thea Dorn). Секако, не толку забавно како Рајх-Раницки, но важно е што и ден-денес има телевизиска емисија за литературата.
Наместо дебата, зборување „зад грб“
Македонските писателки и писатели уште не се осмелиле на ваква пракса на отворено и критично дискутирање за нивните дела. „Негативната“ критика во македонската литературна сцена често се доживува како навреда. Веројатно и затоа што имале искуство кога некои критичари ја злоупотребиле својата позиција и критикувале од злоба и завист, особено кога самите биле писатели. А можеби и затоа што во транзицијата згасна поранешната култура на литературни полемики од југословенското време, така што денес е изгубен осетот за добронамерна, „позитивна“ полемика. Затоа се заборави колку е значајна објективната, критична дебата за литратурата како иманентна анализа на литературното дело според најважните естетски критериуми. Такво вреднување на литературните дела е од огромно значење за творештвото. Ние, писателките и писателите, не можеме поинаку да дознаеме дали сме напишале добра книга, доколку литературната јавност не дебатира отворено и темелно, со прецизно согледување на добрите и слабите страни во нашите книги. Само од таквите сериозни и искрени прочити на нашите дела може самите да согледаме каде треба да поработиме и да ја усовршиме нашата творечка постапка. Такви дебати се насушно потребни во македонската литература. Сѐ додека тие не постојат, на литературната сцена ќе владее индиферентност за вредностите на делото на другиот автор или авторка, иако за нив ќе се зборува „зад грб“ или во „затворени кругови“. Меѓутоа, летаргијата и молкот не придонесуваат за творечки раст на секој учесник во македонската литературна сцена, во која денес неретко владее „учтиво лицемерие“. (dw