Жозеп Борел со поддршка за Османи: Време е искуството од Европа да се преточи во локален напредок

Поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, испрати силна порака со поддршка за Бујар Османи и неговата кандидатура за градоначалник на Чаир.

„Европа го познава како лидер што носи резултати. Верувам дека и граѓаните на Чаир ќе го препознаат како градоначалник кој слуша, обединува и носи напредок за секој граѓанин“, истакна Борел во пораката од Сантандер.
Тој нагласува дека најмногу го импресионирале способноста на Османи да слуша, да гради мостови и да наоѓа решенија – особини кои, како што вели, се неопходни и во дипломатијата и во локалното управување.
Борел потсетува дека тесно соработувал со Османи, кој како министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ покажал лидерство, визија и посветеност на дијалог и соработка.
„Неговото искуство со европските институции ќе помогне европските фондови и можности директно да дојдат во Чаир – за подобра инфраструктура, посилно образование, повеќе работни места и поквалитетни услуги“, порача Борел.
На крајот, тој му се обрати директно: „Драг Бујар, го носеше гласот на својот народ на меѓународната сцена. Сега си подготвен истата таа посветеност да ја донесеш дома, на улиците и во маалата на Чаир.“

Back to top button
Close