Шинѕо Абе со најдолг премиерски мандат во Јапонија – 2.799 дена
Јапонскиот премиер Шинѕо Абе, кој повторно е на власт од декември 2012 година, денеска е 2.799 дена на власт во Јапонија, со што стана премиер со најдолг стаж во историјата на „Земјата на изгрејсонцето“.
Абе го надмина рекордот на својот правујко Еисаку Сатуа, кој владееше од 1964 година до 1972 година.
-Судете по тоа што сте постигнале, не по тоа колку денови сте на власт, изјави Абе кој денеска по вторпат беше прегледан во болница во последните неколку дена, поради што јавноста ја доведува во прашање неговата здравствена состојба.
Абе боледува од хроничен улцеративен колитис, а влошувањето на болеста во 2007 година го принуди да си даде оставка како премиер.
Неговиот рекорд доаѓа во време кога Јапонија се бори со нов бран на коронавирусот. Јапонската економија падна за рекордни 27,8 проценти во вториот квартал во однос на првиот квартал.
Владата на Абе е критикувана бидејќи не успеа да го зајакне капацитетот за тестирање на вирусот, а средствата од даночните обврзници ги потроши за промоција на туризмот.
Според анкетата на „Кјодо Њуз“, 58,4 проценти од испитаниците не се задоволни од управувањето на јапонската Влада за време на пандемијата, додека 34 отсто ја поддржуваат.
Јапонија досега има регистрирано 63.400 случаи на коронавирусот, како и 1.200 смртни случаи, покажуваат податоците на јапонското Министерство за здравство.