МАЛОТО УВО
Да почнеме масовно да земаме терапија за деменција. Или, министерот за здравство Азир Алиу нека увезе од странство некој психијатарски конзилиум, како што ќе носи анестезиолози од Словенија за државната кардиохирургија. Ни треба помош. Мора да имаме проблем со одрекување на реалноста ако му веруваме на премиерот Христијан Мицкоски кога ни вели: „Па видете, традиција е кога СДСМ е во Владата и кога СДСМ управува со службите во државата, следена да биде ВМРО-ДПМНЕ“.
Имаше една афера „Големото уво“ од 2000 година, кога министерка за внатрешни работи беше покојната Доста Димовска од ВМРО-ДПМНЕ, а претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, тогаш во опозиција, објави стенограми од следени разговори на стотина политичари, новинари и дипломати. Аферата доби завршница во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде што во 2013 година 17 новинари го добија спорот што го водеа против државата.
Ај да речеме дека дошле нови генерации и малкумина се сеќаваат на „Големото уво“. Ама, поминати се само 10 години откако Зоран Заев, како лидер на опозициската СДСМ, ги објавуваше нелегално прислушуваните разговори во времето кога премиер беше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а шеф на тајната служба неговиот братучед Сашо Мијалков. Тоа што го слушавме беше реално. А ВМРО-ДПМНЕ тогаш беше 11 години на власт.
И јас бев еден од тие што добија папки, си ги видов транскриптите од моите разговори и текстуалните пораки што сум ги разменувал. И на суд се појавив, па таму разбрав дека ме прислушувале две и пол години и продолжиле да ме слушаат два месеца откако на прес-конференција на Заев, во СДСМ ми дадоа папка мене и на уште десетина колеги-новинари. Нема што да се сеќавам. Бев таму и видов. А и папката си ја чувам за спомен, па не знам за каква традиција зборува Мицкоски.
За разлика од „бомбите“ на Заев, кои беа тука, видливи, слушливи, сега уште не знаеме за што станува збор кога ВМРО-ДПМНЕ се повикува на веста од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека испратила информација до Јавното обвинителство за можни злоупотреби во Агенцијата. За незаконско прислушување ли, за физичко следење ли, за сомнежи за контакти со странски служби, за колатерални жртви, за некој што се налепил случајно…
Не можам да оценам дали после толку трауми со тајните служби луѓето се веќе отрпнати и секоја ваква приказна им доаѓа како веќе прочитана. Дека сите слушаат и дека тоа е нормално и дека тоа не е некоја голема вест. Или, едноставно не го земаат за сериозно сѐ што ќе им кажат политичарите. Та било големо, та било мало, влегло низ едното, излегло низ другото уво.
без да се декласифицираат документите на АНБ, и без да има судска завршница, ова не е нешто многу поразлично од тоа што премиерот Христијан Мицкоски го правеше и додека беше во опозиција. Прво, да го обвини СДСМ за сите можни зла и сѐ што е лошо во државата. И второ, да го изрелативизира сето зло што ВМРО-ДПМНЕ го направи од 2008 до 2016 за кое не се ни извини. Дека ете, сите се исти. И ние прислушувавме, ама и вие прислушувавте. И ние крадевме, ама и вие крадевте
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК