„Мајсторот и Маргарита” – кога власта се предава на злото
Михаил Булгаков, Украинецот роден во Киев во 1891, се мерел со великаните. Затоа за мото на својот роман „Мајсторот и Маргарита” ја избрал легендарната реплика на Мефисто од Гетеовиот „Фауст”: „јас сум дел од таа сила, која секогаш сака лошо и секогаш прави добро.” Романот, пишуван во најстрашната ера на Сталиновата диктатура, во која секоја ноќ еден од некогашната руската предреволуционерна елита завршувал во Сибир, е протест против таа власт. Затоа стана симбол за секоја диктатура која на почетокот се повикува на доброто, на слободата за најбедните, но, потоа, токму поради ѓаволското искушение на власта, се преобразува во зло и го прогонува доброто, особено кога тоа е критика. Во генијалната сатирично-магична приказна на „Мајсторот“, бедниот писател, Булгаков ја критикува не само таквата власт, туку и советската идеологија на „дијалектичкиот материјализам“ и милитантниот атеизам.
Тој покажува што се случува во општествата, чија власт одбива да се промени, туку во целост се предава на злото и на корупцијата, кога во нив ќе се појави злото, таа фаустовска „сила што секогаш негира“, во вид на една загадочна личност. Во романот на Булгаков тоа е Воланд, мистериозен Германец, „професор по црна магија“.Со својата магична свита тој создава хаос во железната бирократија на диктаторот, во која секој веднаш ја препознава Сталинова Русија. Затоа и приказната на „Мајсторот“, писателот кого таа власт го затвора во лудница, ја раскажува и политичката тортура врз Булгаков во Сталинова Русија. Почнал да го пишува романот во 1928 и првата верзија ја завршил уште 1929, меѓутоа поради психолошкиот терор на кој бил изложен, ја уништил, но, не се откажал од идејата на романот и кусо потоа продолжил да го пишува. Конечната верзија ја завршил во смртната постела, диктирајќи и‘ ги на жена си последните сцени од ракописот за кој бил свесен дека нема да се објави, но, сепак, во него ја кажал легендарната мисла за која тој сведочи со својот живот: „ракописите не горат!“ Починал на 49 години во 1940, годината во која светот веќе ја насетуваше најголемата катастрофа на векот.
Во московскиот Архив на Михаил Булгаков се сочувани повеќе од илјада страници од неговите необјавени ракописи, меѓу кои и делови од првата верзија на ракописот на „Мајсторот и Маргарита“, така што со нив може да се следи процесот на пишувањето на романот во сиот период од 12 години. Триесет години по смртта на Булгаков, ракописот беше првпат објавен во Советскиот Сојуз во продолженија во литературното списание „Москва“ од 1966-1967, но, за жал, во многу цензурирана верзија. Сепак, пријателите на Булгаков ги објавија отфрлените делови во „самиздат“, отчукани на машина, и ги ширеа тајно. Веднаш потоа се појавија преводите на многу европски јазици, а германскиот превод 1968 беше објавен во исто време во Западна Германија и во ДДР. Во Југославија „Мајсторот и Маргарита” го објави издавачката куќа „Младинска книга” во 1976. и веднаш стана култно дело за тогашната југословенска елита.
Приказна за филмските адаптации
Загадочна, небаре е пишувана од перото на Булгаков, е и приказната на филмските адаптации на овој грамаден роман. Се раскажува дека и Федерико Фелини се обидувал да го адаптира, но се откажал. Така првата светска филмска адаптација на „Мајсторот и Маргарита“ се појави 1972, како југословенско-италијанска копродукција, во режија на легендарниот Александар Петровиќ, која денес веројатно само постарите од нас ја паметат. Тој го напишал и сценариото, заедно со Италијанката Барбара Алберти. Воланд го играл италијанскиот комичар, Уго Тоњаци. Музиката е на Енио Мориконе. Истата година, 1972, полскиот режисер Анджеј Варда го адаптираше вториот дел од романот на Булгаков за филмот „Пилат и другите – филм за Велики Петок”.
Иако филмот на Петровиќ ги освои речиси сите награди во 1972 и стана светски познат, кусо потоа во Југославија тој падна во немилост, а филмот беше ставен во „бункер” како антикомунистички, со одлука на „работничкиот совет” на продуцентот „Дунав-филм”. Филмот „Мајсторот и Маргарита” беше во времето на „Црниот бран” во југословенската кинематографија, кој често беше остра политичка критика. Петровиќ добил отказ од белградската академија за филм и му било понудено да ја напушти земјата. Заминал во Германија, а таму Хајнрих Бел му понудил, заедно со него, да напишат сценарио по неговиот роман „Групен портрет со дама”, кој во 1976 беше снимен во германско-француска копродукција.
Филмот на Александар Петровиќ „Мајсторот и Маргарита” беше одамна заборавен, особено откако пропадна Југославија. Се чинеше дека и светот го имаше заборавено генијалниот роман на Булгаков. А како доказ дека и книгите не горат, колку и да се големи пожарите кои ги палат диктаторите, кусо пред почетокот на војната во Украина, американско-рускиот режисер Михаел Локшин (Michael Lockshin) ја сними најноватa филмска адаптација на романот, како американско-руска копродукција.Иако филмот беше готов 2022, кусо пред почетокот на руската „специјална операција”, американскиот копродуцент се повлече во знак на протест. Филмот беше прикажан во јавноста дури 2024. Како и за филмот на Александар Петровиќ, кој брзо заврши во „бункер, и руската ДУМА бараше филмот на Михаел Локшин да биде забранет. Иако е еден од најгледаните филмови во последната деценија во Русија, со приход од неколку милијарди рубли.
Реакција со забрани
И одеднаш станува јасно колку е реалистичен генијалниот Михаил Булгаков во „Мајсторот и Маргарита”, зашто реалните диктатури продолжуваат да пишуваат нови апсурдни сцени во таа приказна, а со тоа само го потврдуваат неговото визионерство. На пример, сосем булгаковска е оваа вест од реалноста на модерната политичка реалност. Имено, во една голема земја, една цензорна комисија, со име како од дистописки роман „Роскомнадзор”, на 13 октомври 2021 објавила список на непосакувани бои во своите државни граници. Такви биле боите на виножитото, боите во спектарот од црвено кон индиго-сино, бојата пинк и комбинацијата од жолто и сино. Тој список е објавен цела година пред забраната во таа голема земја, „специјалната операција” против Украина во февруари 2022, да се нарекува војна, за што следела затворска казна. Небаре свитата на Воланд од „Мајсторот и Маргарита” да го води невидливо перото на модерните цензори, за да го разобличи злото што самите го произведуваат, бидејќи само иронијата, црниот хумор и сатирата имаат сила да ја прокажат чудовишноста на диктаторите.
И еден друг момент е многу значаен во овој загадочен лавиринт што го создава до ден-денес влијанието на „Мајсторот и Маргарита”. Случајот на Александар Петровиќ покажа дека југословенското општество во 70-те реагираше со забрани, затоа што одбиваше да се реформира. Не сакаше да ја прифати критиката на демократските сили како поттик за промена, па затоа подоцна дојдоа на сцена тие, кои најмалку ги очекуваше, националистите и популистите, кои наместо вистинска демократска реформа, понудија омраза кон различните и љубов само за „своите”, со што станаа егзекуторите на Југославија. Затоа и денешните политичари, новозбогатените олигарси, го забрануваат „Мајсторот и Маргарита”, затоа што се плашат дека другите со негова помош ќе препознаат дека тие му служат на злото, додека ги замајуваат своите гласачи со доброто. Сликата на московското општество од 20-те во романот на Булгаков е идентична со таа на модерните општества, особено во постсоцијалистичките земји. Булгаков тоа општество го опишува како лажна и кукавичка толпа, која потајно копнее по богатство и привилегии, додека пропагира социјализам. Затоа една важна мисла од ова дело е дека дека „најголемиот грев е кукавичлакот”. Во „Мајсторот и Маргарита” станува јасно дека зад бирократијата владее жестока корупција. Затоа и денес најголемиот пропагатор на идеологијата во Путинова Русија, Владимир Соловјов, во филмот на Михаил Локшин гледа само „операција на странски тајни служби”. Очигледно, „ѓаволот” Воланд, странскиот „професор за црна магија”, дојден во Советскиот Сојуз да создаде хаос, е опасен и за денешните руски цензори и пропагатори, затоа што тие пропагираат дека злото е само во „декадентниот” Запад. Булгаков покажува во својот генијален роман дека декадентна е секоја власт тогаш, кога таа избира да се поклонува на злото, а не на доброто. А злото во романот на Булгаков е поклонувањето на корупцијата, на богатството, на моќта и власта, на поробувањето на масите со пропаганда. Затоа кај Булгаков тоа зло може да го разобличи сатирично само таа „нечиста сила”, која владее со нив и ги знае сите нивни тајни. Булгаков знаел во неговото темелно богословско познавање, (татко му бил професор по богословие во Киев!), дека власта е поставена постојано пред прашањето на ѓаволот од поглавјето за искушенито Христово во Евангелието: „Поклони ми се, а јас ќе ти ги дарам сите богатства на светот.” А тоа што го созна Александар Петровиќ за блиската пропаст на Југославија која ја пропушти шансата да се преобрази во 70-те, денес, веројатно, уште не го сознаваат многу руски гледачи на филмот: по пропуштената шанса за демократска промена, Југославија ја погоди катастрофата во која таа исчезна. И филмот на Локшин, „Мајсторот и Маргарита”, симболично завршува со катастрофата во Москва.(dw)
Кица Колбе