Ние одлучуваме во каква Македонија ќе живееме
Глигор Стоименов
Почитувани, до сега сите избори во независна и самостојна Македонија биле историски. Имало “историски победи“, “историски порази“, па еве сега на овие локални избори имаме во најава повторно некоја “историска победа“.
Денес светот за жал во политичка и општествена смисла се повеќе е поделен на “два дела“, “два света“, демократски и авторитарен, односно држави кои инклинираат кон демократија и либерализам и оние кои со презир гледаат на слободата и либерализмот и инклинираат или имаат тенденција кон авторитарно владеење.
Со победата на Доналд Трамп на минатите избори во САД, многумина “лидери“ и “лидерчиња“, особено овде на Балканот како да се пронајдоа себеси во својата перцепција кон него и пред се во својата наклонетост и пуста желба и тие да бидат силни и големи, односно да владеат авторитарно. Како онаа приказна за жабата и коњот. Па се наредија први во периметарот, да го зграбат новото нормално, односно она за што од секогаш сонувале, да бидат силни и големи, односно “слободарски земји“, како што знаат некогаш да викнат. Но видовме од прикажаното како поминаа сите тие што први се наредија и приклонија кон новото нормално. Абе буквално беа “исклоцани“ од Трамп онака брутално. Ние поминавме најдобро, успеавме бар да стигнеме до навивачките групи на инаугурацијата на претседателот Трамп, но видовте како поминаа другите од регионот, буквално избркани и исклоцани од секаде, со еден куп санкции и царини врз нив.
Нашата најголема владејачка партија која нели прва се приклони кон новото нормално, за да бидат и тие силни и големи, покажува еден сериозен аматеризам во водењето и разбирањето пред се на меѓународната политика. Но тој аматеризам може многу скапо да не чини сите нас. За ова е многу зборувано до сега. Ова е убедливо до сега најслабата и најнеспособна екипа на ВМРО-ДПМНЕ, според сите анализи и параметри, од 1990 година па до сега. Исто така, за година и половина мандат, ова е влада со најслаби резултати до сега, буквално ги нема никаде. Ниту една значајна политичка одлука за државата немаат донесено за овој период. Мислам дека и првиот претседател Љубчо Георгиевски како и вториот Никола Груевски, беа “дрим тим“ за овие сега. Па видете Никола Груевски тек во својот втор мандат како премиер, после пет години работа, почна да зборува за патриоти и предавници, а овие сега по една година почнаа да го прават тоа, затоа што нема што да понудат. Тука се сложувам со еден политичар кој рече дека ниту за диктатори не ги бива, иако многу љубат да бидат тоа. Во ниту еден сегмент на внатрешната политика или економијата не се особено видливи. Порано бар за она за што беа видливи за економските прашања на пример, денес се “тапа џонсон“. Освен во пропагандата, е тука се највидливи, тука играат на најјако. Нема ништо друго освен пропаганда и примитивен пи-ар без никакви правила, едноставно не почитуваат ништо. Во овој обид за авторитарен начин на владеење за жал се мобилизираат многу луѓе од медиумите, кои исто така стануваат по своја желба “кловнови“ на јавна сцена, имено, го видовте деновиве случајот со јавно “парадирање“ на еден новинар во пензионерско доба, околу трагедијата во Кочани, беше тоа грозно подметнување. Премиерот на митинзите им се заканува постојано на правосудните органи како тој ќе ги средувал после изборите затоа што имале само 2% рејтинг. Затоа нека се замислат сите што имаат низок рејтинг. Замислете тоа во демократија не е дозволено и не е замисливо, највисок претставник на извршната власт да се заканува на судската власт, абе тоа не постои во демократија. Во демократија мора да постои систем на носење на одлуки, постојат процедури, не го прави тоа еден човек! Во многу ситуации стануваат веќе и хумористични.
Како против сето ова?
Од секогаш било тешко и мачно да се борите против вакви хибридни авторитарни политики. Таму не се игра по правила, се игра валкано и со емоциите на луѓето, секако во недостиг на видливи резултати, така е секаде во светот па и кај нас.
Очекувањата и егзалтацијата на македонскиот електорат и оној одиум од последните парламентарни избори е се уште голем кај македонското гласачко тело и се уште тоа се одразува со една голема поддршка кон оваа “политика која лебди над амбисот“. Владејачката партија најде своја приказна која во основа е многу погрешна но се уште има многубројна публика да ја следи.
Тоа е приказна која произведува “гневна нација“, нација на која сите и се непријатели и никој не ја сака! Нација со “посебни потреби“ која секогаш мора некој да ја брани, од Бугари, од Албанци, нација на која и го земаат постојано идентитетот и слични други будалаштини. На таква нација и треба силен водач! Па ова впрочем го слушаме постојано и за време на оваа изборна кампања. Постојано мафтаат со еден ист “транспарент“ за патриоти и предавници! За жал значителен број од нашите граѓани се уште верува дека го браниме идентитетот, ама не слушнавме се уште како се зема идентитет на една етаблирана и призната држава која е членка на ООН, членка на НАТО, земја кандидат за ЕУ, земја со свој признат јазик, со население, со своја територија, со суверена власт, нека ни објаснат како се зема идентитет? Велат дека бараме гаранции од ЕУ ама не кажуваат се уште кој е тој што дава гаранции, на која врата да чукнеме, кај кого да одиме да ни даде гаранции, аман бре луѓе не постои такво нешто! Но нацијата прифаќа да верува во тоа. Но ова е сега друго прашање, ова е прашање за степенот на созреаност и развој на една нација во даден временски период, односно колку е нацијата спремна и отпорна на ваква манипулација и пропаганда.
Како понатаму?
По завршувањето на локалните избори без разлика на резултатот каков и да е, СДСМ е единствената политички организирана сила во опозицијата која може во догледно време да се спротивстави и да ја делегитимира оваа погубна политика. Тие мора да најдат начин како да ја мобилизираат и разбудат онаа заспана и прогресивна демократска јавност, онаа пристојна јавност која се уште не ги вади “чизмите од таваните“ и чека полоши времиња да дојдат. СДСМ мора да се отвори, да привлече нови луѓе, да создаде своја приказна која ќе се спротивстави на онаа приказна на владејачката партија дека само тие се бранители на идентитетот, сите други се предавници. Да се гордее со тоа што го направила до сега, со решавање на тешките и децениски спорови, со влезот во НАТО, со Францускиот предлог, а никако да се оправдува за тоа. Па на крајот на краиштата благодарение на таа политика овие сега шетаат и седат на главна маса со најмоќните во Брисел, да, благодарение на тој поранешен “премиер-предавник“ за кого и Ангела Меркел посебно се обраќа со пофални зборови во нејзините мемоари. СДСМ треба да се гордее со тоа што од нејзините редови, од поранешното највисоко раководство, денес Македонија има заменик на генералниот секретар на НАТО алијансата, па дали се случило тоа до сега на една мала земја како нас? Сето тоа некој го одработил, не знам нацијата дали е свесна за тоа. Претседателот на СДСМ треба да се гордее исто така со сето она што го правеше како министер за здравство и како доктор за време на Ковид кризата, кога 24 часа беше постојано со својот народ кога беше навистина тешко, кога целиот свет беше во шок, кога не знаевме како ќе преживееме, сето тоа требаше да се менаџира и издржи. Замислете со само 46 пратеника сето тоа мораше да се балансира. Па дајте му сега на ВМРО-ДПМНЕ 46 пратеника и ќе видите колку се способни да владеат, ќе се распаднат за 48 часа. Тоа е карактеристика на авторитарните партии, тие може да опстојат на власт само со приближно апсолутно мнозинство, инаку во спротивно ќе имаат распад на системот. За сето ова СДСМ треба да се гордее и да го потенцира. Но во СДСМ треба исто така да научат дека мора да застанат со силна поддршка зад својот претседател, да не му прават сплетки сите оние кои не се задоволни што не се нашле на некоја партиска функција и таа “болест“ мора да ја надминат, затоа што оваа битка за враќање на Македонија на прав пат ќе биде долга и исцрпувачка. Тука има само една олеснителна околност, овие се многу послаби од “Груевци“.
Токму затоа треба нашиот народ да резбере дека се од нас зависи, од никој друг. Никој не одлучува освен нас, ние ги носиме одлуките за тоа во каква држава сакаме да живееме? Ние самите гласаме и ние одлучуваме. Дали сакаме во демократска, слободна и европска држава или сакаме нешто друго??
Затоа и овие локални избори по се изгледа ќе бидат повторно историски!!