Трамп по средбата со Зеленски: Двете страни нека прогласат победа и нека одлучи историјата
Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласија по завршувањето на нивниот дводочасовен состанок во Белата куќа, кој се одржа еден ден по телефонскиот разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин и најавата за нивниот претстоен самит во Будимпешта.
По средбата, Зеленски изјави дека Путин „не е подготвен за мир“, додека Трамп го изрази спротивното мислење.
-Мислам дека претседателот Путин сака да го заврши војувањето – изјави тој.
Средбата, според двете страни, била долга и содржајна.
Зеленски ѝ се заблагодари на американската администрација за „добриот и отворен разговор“ и додаде дека на масата имало многу теми за дискусија.
Во изјавата на својата платформа Truth Social, Трамп напиша дека разговорот со Зеленски бил „многу интересен и срдачен“, додавајќи дека му порачал, како и на Путин, дека „време е да се сопре крвопролевањето и да се постигне договор“.
-Доста е со смртта и уништувањето. Нека и Зеленски и Путин прогласат победа, а историјата нека одлучи. Време е сите да се вратат дома во мир – напиша американскиот претседател.
Прашањето за проектилите „Томахок“ било меѓу главните теми на состанокот.
По вчерашниот разговор со Путин, Трамп ја намали можноста САД да и испорачаат на Украина вакви ракети, а Зеленски денеска одби да даде детали, наведувајќи дека „САД не сакаат ескалација“.
-Разговаравме за оружје со долг дострел, но не би сакал да навлегувам во детали. Се договоривме дека за тоа нема да даваме изјави – рече Зеленски, извинувајќи се на новинарите поради недостигот од одговор.
Извор: fokus.mk