Белгија иницира депортација на илегалните авганистански мигранти од ЕУ

Белгија иницира идеја за заеднички план на ниво на ЕУ за доброволно и присилно враќање на Авганистанците кои немаат законско право да престојуваат во Унијата или кои биле процесуирани поради криминални активности.

Како што објавија бриселските медиуми, белгиската идеја веќе добила поддршка од 19 други земји членки на ЕУ, кои испратиле заедничко писмо до Европската комисија во кое бараат од неа да подготви теков план.

– Имаме можност да дејствуваме. Време е за цврст и координиран одговор, за да може ЕУ да ја врати контролата врз миграцијата и нашата безбедност, порача белгиска министерка за азил и миграција Анелин Ван Босујт по повод иницијативата.

Во писмото адресирано до еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, кое покрај Белгија го потпишале и Австрија, Бугарија, Германија, Грција, Естонија, Ирска, Италија, Кипар, Литванија, Луксембург, Малта, Норвешка, Полска, Словачка, Унгарија, Финска, Холандија, Чешка и Шведска, се посочува дека ЕУ повеќе не може да си дозволи неактивност.

Тие бараат Европската комисија да овозможи доброволно и присилно враќање на Авганистанците кои илегално престојуваат во ЕУ, а особено оние кои се сметаат за закана за јавниот ред.

За остварување на оваа идеја, во писмото се предлага дури и формирање на заедничка мисија на ЕУ во Авганистан, преку која би се координирало враќањето на авганистанските мигранти.

Дваесетте земји членки на ЕУ предлагаат и во рамки на преиспитувањето на мандатот на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс), планирано за идната година, на Агенцијата да и се даде поголема улога во реализацијата на напорите за враќање на илегалните мигранти од ЕУ преку нејзината Програма за реинтеграција.

Според наводите во писмото, овие постапки за доброволно и присилно враќање на мигрантите во нивните матични земји треба да бидат финансирани на европско ниво, имајќи предвид дека во моментов трошоците за ова ги покриваат земјите членки, што довело до „фрагментирани и скапи пристапи“.

Германија, која е една од потписничките на писмото, веќе презема сопствени мерки за враќање на Авганистанците во нивната матична земја, пред се оние кои се осудени за кривични дела. Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринд соопшти дека Берлин е „близу до склучување договор“ со властите во Кабул за обнова на редовните летови за депортација на мигрантите и без формално признавање на талибанскиот режим од страна на Германија.

Покрај за враќање на Авганистанците, во рамките на ЕУ се интензивираат и дискусиите за депортација на Сиријците.

За ова прашање се разговараше на состанокот на министрите за внатрешни работи во Луксембург во вторникот, при што беше покрената дебата за тоа дали актуелната состојба во Сирија е адекватна за враќање на сириските мигранти во земјата, посебно на припадниците на одредени малцински заедници.

Земјите членки на ЕУ веќе подолг период инсистираат на заострување на мерките за миграцијата и азилот во Унијата. Дел од нив, предводени од Данска и Италија, објавија отворено писмо во кое го обвинија Европскиот суд за човекови права дека со своите пресуди по тужби поврзани со мигрантските прашања „премногу е наклонет кон индивидуалните права на сметка на националната безбедност“.

Back to top button
Close