Осум години затвор за возачот кој пијан го прегази 33-годишниот Мартин Димитров од Кратово
Во Основиот суд Куманово вчера беше изречена пресудата од 8 години затвор на возачот Златко Јовановски од Кратово, кој во алкохолизирана состојба минатата година го усмрти пешакот Мартин Димитров (33) од Кратово.
Јовановски е прогласен за виновен и неправосилно осуден за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, пренесува порталот Кумановоњуз.
Тој на 19 јануари 2024 во 17.25 часот со автомобил удрил во Димитров и му нанел сериозни повреди, од кои починал на 12 март 2024 по 50 дена поминати во болница во Скопје.
На изрекувањето на пресудата не присуствуваше осудениот Јовановски, ниту неговиот адвокат, туку само родителите на Мартин, Орце и Убавка Димитрови и нивниот застапник.
„Не сме задоволни од пресудата. Требаше доживотно да го осудат, за да го доболи како нас и да види како е, да биде поука за другите. Моето дете нема никогаш да се врати, ниту да го видам, а тој ќе одлежи и ќе излезе од затвор. Овие стресови и овој жал не може да ја замени ниту една казна. Многу е болно, златно дете на 33 години ми утепа. Пијаница. Тешко, многу тешко. Немаме мира целото семејство, здравјето целосно ни се наруши. Уште не ми се верува дека го нема. Секој ден го чекам дека ќе се појави од некаде. Никој да не ја доживее нашата трагедија“, вели во солзи мајката Убавка, скршена од болка, покажувајќи ни слика од синот.