Шабан Салиу за претепаниот кандидат за советник: За насилство нема место во политиката, очекувам правда од надлежните институции

Кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари од редовите на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу го посети неговиот кандидат за советник Умут Скопко кој беше брутално претепан од страна на кандидат за советник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Денес во болница го посетив сопартиецот Умут Скопко, кој беше без причина претепан пред изборите. Умут се опоравува и е во подобра здравствена состојба. Тој упатува искрена благодарност на сите што се грижеа за неговото здравје и на секој што испрати порака на поддршка. За насилството нема место во политиката ниту во нашата заедница. Ќе продолжиме да се бориме со идеи и работа, а од надлежните институции очекувам правда“, пишува Шабан Салиу во објава на Фејсбук.

Умут Скопко, кандидат за советник во Општина Виница, од партијата Демократски сили на Ромите, која, пак, е дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше физички нападнат во Виница. Инцидентот се случил пред угостителски објект во Виница.

Осуммина од обезбедувањето на владејачката партија, како што тврдат роднините, го тепале Умут и неговиот брат со цел да се откаже од кандидатура за советник. Умут лежеше во кома во болница во Скопје, а лекарите се бореа за неговиот живот.

Back to top button
Close