Проф. Трајковски: Додека сметот мириса, мириса и глупоста на тие што гласале за истата власт што ги довела дотука

Партиската победа на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН мириса во Скопје. Тоа не се само пренатрупани контејнери, тоа се споменици на благодарноста што Скопјани ѝ ја изразуваат на старо-новата власт во градскиот совет, но и на мајтапењето на власта со своите граѓани. Кога ќе поминете покрај овие уметнички инсталации, треба да се потсетите до каде ве довела вербата во телевизиската пропаганда и партиските билборди, сподели на својот Фејсбук профил професор Дејан Трајковски.
„Додека сметот мириса, мириса и глупоста на тие што гласале за истата власт што ги довела дотука. Секое кесе, секој изгниен остаток од храна е демократски израз, крукче на гласачкото ливче и материјален доказ дека пропагандата им успеала.
На сите нека им биде јасно, властите никого не изневерија. Тие само точно го исполнија она што овој народ го заслужува – ветувања без покритие и лична корист за политичарите.
Па, драги граѓани, кога следниот пат ќе го земете гласачкото ливче, не заборавајте: ако сакате Скопје да ви биде чисто, не е доволно да ја фрлите кесата во контејнер. Поважно е да ја фрлите илузијата дека тие што го донеле градот до ова дереџе заради партиска тврдоглавост – можат и да го спасат“, пишува тој.