Кој денес чита цела книга?
Читањето книги е, всушност, начин на живот. Печатената книга им зборува на сите сетила, на окото, на допирот, па дури и на носот. Мирисот на хартијата останува трајно поврзан со читачкото доживување. Пишува Кица Колбе

Неодамна во едно гласило на германските издавачи прочитав дека дури и на американските елитни универзитети, за сѐ повеќе студенти било тешко во еден семестар да прочитаат, во целост, неколку книги. Една германска студија покажа дека и за одреден број студенти во Германија е тешко да се концентрираат во читањето подолги текстови. Од друга страна, друго истражување констатираше во 2024 дека 37 проценти од младите во Германија читаат секој ден или неколкупати во неделата печатени книги, кои не морале да ги читаат како школска лектира. Една петтина од анкетираните млади луѓе читале книга еднаш во неделата или во две недели. Други 26 проценти се посветувале на читањето книга еднаш во месецот. Младите кои воопшто не читале печатени книги, според оваа студија, во Германија биле 16 проценти.Причината за тоа се наоѓала во негативното влијание на дигиталната техника во која концентрацијата на младите се редуцирала на брза размена на пораки и читање на куси информативни текстови.
„Луѓето не купуваат книги”
Општо место во секој разговор со издавачи и писатели во Македонија е дека „луѓето не купуваат книги”. Но, дали тоа значи дека тие и не читаат книги? Затоа што сите знаеме дека книгите може да се прочитаат и позајмени од библиотека, од роднини, од другарки, од соседи. Така ние читавме во социјалистичкото детство и младост, откако некој од возрасните претходно ни ја беше покажал, со својот пример, важноста на книгите. Астрид Линдгрен, познатата авторка за деца, пишува дека волшепството на книгите го запознала на четири години, со помош на едно постаро девојче од соседството.Тоа девојче нејзе и на брат и‘ им читало книги на глас. Во тој момент, во малечката Астрид се разбудила „гладта за читање”. Восхитена, се џарела во црните чкртки врз белата хартија на книгата, кои таа на четири години уште не можела да ги разгатне, но, сепак, сознала дека тие имаат сила да направат, кујната во која седела со брат и‘ на подот, се‘ повеќе да се исполнува со самовили, џинови и секакви други волшепства. Тоа во неа не ја разбудило само желбата, еден ден самата да пишува книги за деца, но уште посилно гладта по книги, па оттогаш читала се‘ што ќе и‘ дошло в рака.
Затоа, и во ова време на дигиталната техника, ние, повозрасните, истата пленетост од книгите ја доживуваме зедно со нашите внуци, уште пред да научат да читаат.Таа пленетост од приказни децата ја доживувале и во времињата кога ним им се раскажувале само приказни, зашто книгите биле реткост или многу скапи. Писателот Џингис Ајтматов на едно литератирно читање откри дека литературата ја засакал поради приказните на баба му. Откако ќе научат да читаат самите, децата и денес „голтаат” цели книги, затоа што се жедни за приказни, за непознати светови. Се‘ додека не го добијат првиот мобилен или таблет, тие светот го доживуваат преку приказните на возрасните и преку книгите. Читањето во детството го обликува нашиот јазик и нашата способност, самите да пишуваме. Тие од децата, кои во раното детство ја почувствувале истата глад по книги како Линдгрен, верувам дека, дури и кога ќе се ползуваат со дигиталната техника, ќе продолжат да читаат цели печатени книги. Затоа што читањето книги е, всушност, начин на живот. Печатената книга е нешто што им зборува на сите сетила, на окото, на допирот, па дури и на носот. Мирисот на хартијата останува трајно поврзан со читачкото доживување.
Книгите стареат заедно со нас
Читам, значи постојам, би би бил постулатот на луѓето кои не можат да живеат без книги. Освен малите деца, тие се оние кои и на старост читаат цели книги. Тие се оние што силно чувствуваат дека и книгите стареат заедно со нас, зашто, барем за секој од нас, биографијата на секоја книга од нашата лична библиотека, е нашиот живот. Нивните страници пожолтуваат, додека ние старееме, а нашиот начин на читањето на книгите се‘ повеќе зависи од промената на нашиот вид. На пример, порано ги голтав за еден ден книгите со најтесен проред и најситни букви. Кога пред една година посакав повторно да го прочитам романот „Волшебната планина” од Томас Ман, сфатив дека ситниот фонт во моето старо германско издание со мек повез и мал формат на издавачката куќа „Фишер”, кое многу ми значи, зашто го купив кусо откако се преселив во Германија, сега, по кусо време читање, ми ги заморува очите. Знаев дека има најново печатено издание, објавено минатата година кога романот го славеше 100-от роденден. Го прашав книжарот во малечката книжарница во соседството, дали има примерок, за да видам какви се проредот и буквите, па да го нарачам кај него. Тој немаше примерок, но знаеше дека новото издание е отпечатено на 1200 страници, со тврд повез и поголем формат од моето старо издание. Тоа значело дека буквите мора да се поголеми од тие во моето старо издание. „Кило и пол тешка”, се насмевна книжарот, кога утредента ми ја подаде дебелата книга. Со тврд бело-сребрен повез, што блескаше како снегот во прочуената епизода со снежната бура во романот. Специјалното издание има крупни букви, мазни бели страници и навистина ги допира сите мои сетила. Допирот во особена мера, затоа што текстилот на повезот има посебна структура, но таа поради белината се чини имагинарна, како да се допира снегот кој во истиот миг се топи и се преобрзува во ситни блескави кристали. Дури потоа окото препознава во белината текстура на висока планина, со остри врвови. Впрочем, ваков волшебен роман мора да има волшебна корица!
Иако тој старееше заедно со мене, затоа што од неговите сто години, во едната половина тој беше дел и од мојот свет, сепак, секое ново читање е ново запознавање. И секогаш се појавува тој магичен трепет пред да „стапнам” во светот на приказната! Легендарниот роман го читав првпат како гимназијалка во скопската гимназија, на спрскохрватски, вторпат на студиите по филозофија, пак на српскохрватски. Десет години подоцна имав конечно можност да му се приближам најмногу на мојот култен роман, зашто веќе живеев во Германија и го читав на германски. Тоа значи, со овој роман на Томас Ман „се запознавме” во раната младост и не се разделивме сиот живот. Така се навраќаме секогаш одново само на многу значајните романи, чие читање го променило нашиот живот.„Волшебната планина” е романот што во мене во младоста го разбуди восхитот за германската култура и за германскиот јазик. Затоа ја разбирам интуитивно смислата на првата реченица од романот на Орхан Памук, „Нов живот”: „еден ден прочитав една книга, а таа го промени сиот мој живот”. Книгите што сме ги прочитале во обликувачките години на младоста, со сигурност не промениле, дури и да не сме свесни за тоа. Можеме ли, тогаш, да си го замислиме животот без да читаме цели книги? Никако, затоа што тие ни нудат и толку скапоцена структура во секојдневието, бидејќи читањето е ритуал кој ни помага да бидеме со себе. Сега, како посебен ритуал, секоја вечер, пред заспивање читам неколку страници од дебелата белоснежна книга. И ми се чини дека никогаш досега не обрнував толку големо внимание на јазикот и на благата иронија на Томас Ман. И уживам во секој збор! Можеби затоа што сега читам и како писателка. Сепак, напати во мене се будат слики, ликови и чувства од времето кога првпат го читав романот на српскохрватски. И во истиот миг не знам повеќе дали читам јас, писателката, или гимназијалката во „Цветан Димов”…






