До кога децата ќе читаат застарени лектири? МОН со јавна дискусија го менува списокот

Напредокот на децата и времето во кое живеат, со оглед на екстремно брзиот развој на технологијата, доведе до  се погласна полемика за неусогласеноста на лектирите кои ги читаат учениците во основните училишта.

Повеќето лектири кои како задолжителни или изборни се јавуваат на списокот за читање и обработување на основците, за денешните деца се неразбирливи и воопшто не соодветствуваат на јазикот кој тие го употребуваат, па родителите мора да го објаснуваат речиси секој втор збор кој е употребен во одредена книга.

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието организираат јавна дискусија за нов предлог-лектирен список за основното образование и упатуваат покана до сите заинтересирани страни – наставници, стручни служби и други чинители во образованието, активно да се вклучат во дефинирање на современ, инклузивен и квалитетен лектирен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес.

Потребата од ажурирање на лектирниот список произлегува од стремежот за постојано усогласување на наставните содржини со современите образовни цели, развојните карактеристики на учениците и нивниот социјален и емоционален контекст, велат од МОН.

Предлог-списокот е изработен врз основа на списокот што се реализира во наставата од учебната 2019/2020 година. Одредени наслови се отстранети поради ниска читаност, несоодветност на возраст или содржина. Поради промени во наставните програми и интердисциплинарно поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно.

Во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитет и самодоверба, пријателства и меѓучовечки односи, училишен живот и булинг, емоционални и психолошки предизвици, културна разноликост, инклузија на деца со посебни образовни потреби.

Целта е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но и доволно слоевити за анализа и симболичко толкување, што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој, велат од МОН.

Списокот е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто. Предвидена е и можност за вклучување на по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, при што секое дело ќе биде преведено на сите службени наставни јазици во Македонија.

Формуларот за предлог-книга треба да се испрати на следната адреса: [email protected] најдоцна до 30 ноември 2025 година.

Предлог-список на лектири

Back to top button
Close