Сè да се собере, пораз ќе остане
Иако партиите слават „големи победи“, локалните избори ја покажаа суровата реалност: граѓаните остануваат со минимални очекувања, а политичките актери се соочуваат со сериозни предизвици. Пишува Петар Арсовски

Под превезот на наративот за големи победи, фантастични резултати и неверојатни успеси, мислам дека за сите политички актери на овие локални избори има и релативно полоши вести од оние што бликаат од партиските прес-конференции – вести кои ги засилуваат нивните предизвици во периодот што доаѓа. Освен овие предизвици, кои партиите, во својот најдобар манир, секако ќе ги дочекаат со дефанзивен гард, локалните избори имаа и двослојно влијание: едното врз локалните проблеми, а другото врз општиот политички амбиент. Оттаму, ако погледнеме зад прославите, на локалните избори имаме и серија политички порази.
Првиот пораз е оној на граѓаните во Македонија и нивните очекувања од локалните власти. Ако ја исклучиме стандардната лицитација на надуени проекти и невозможни ветувања, главниот наратив на изборите е релативно понижувачки: дали граѓаните ќе продолжат да се дават во ѓубре, дали кога ќе ја одвртиме славината навистина ќе потече вода и дали во општините ќе продолжи животот на патишта од кал и септички јами наместо асфалт и нормална канализација. Реално, би требало во оваа фаза на развојот на локалната самоуправа овие теми одамна да се надминати, како елементарен, основен сервис кон граѓаните. Ако таквите предизвици, заедно со слободата да се прошетаме низ маало без да нè гризне куче скитник, ни се единствените очекувања од новите градски татковци, не сме постигнале голем напредок. Понатаму, за поголем дел од партиите, вестите од локалните избори не се спектакуларни. Ниското ниво на политички ангажман, заедно со зголемениот број неважечки ливчиња, е индикација за релативно циничен и апатичен однос на електоратот, за ниско ниво на ентузијазам кон вкупната политичка понуда – феномен кој може со текот на времето да се засили кај сите партии.
За победниците…
Генерално се согласувам со тезата дека ВМРО-ДПМНЕ е голем победник на изборите, но повеќе во смисла на политички бенефит отколку на спектакуларен резултат. Освен фактот што голем дел од разликата во гласовите од нивната парламентарна коалиција отиде во листи кои за локалните избори се „одделија“ од тој сојуз и настапија самостојно, што објаснува дел од дисипацијата, во резултатите читам и една пасивизација или лежерност на нивната партиска инфраструктура – нешто ново за нивното политичко делување (важат за исклучително дисциплинирани). Дополнително, мислам дека во недостатокот на ангажман на гласачите има и дел незадоволство од брзината на испорака на ветените резултати од централната власт – предизвик што за нив е посериозен отколку самите локални резултати.
За ВЛЕН, најголем резултат од овие локални избори е нивното позиционирање како дихотомен, балансиран опонент на претходно суверените ДУИ. Со овие избори, наративот за недостаток на легитимитет, за „привремен сојуз кој само што не се распаднал“, е завршен. Тие успеаја, и покрај сериозниот удар од Таравари, да постигнат резултат на кој реално може да му се завидува, па дури и ако е со помош на нивниот коалиционен партнер. За нив, сепак, главниот предизвик е што овој резултат сè уште има призвук на транзиторен бран, за кој никој не е сигурен колку ќе трае. Тие сè уште делуваат како само делумно координирана коалиција (нешто што беше очигледно и во дисонантните тонови во самата кампања), и вистинскиот предизвик за нив е овој резултат да го претворат во вистински балансирана понуда во албанскиот политички кампус. За тоа е потребно да создадат нов политички субјект – единствен и кохезивен – зашто во спротивно и овој резултат ќе се „потроши“ низ времето, а политичкиот капитал ќе се изгуби „на кондиција“. А тоа спојување е секогаш најтешкиот проект.
За Левица, мислам дека релативниот успех на Мециновиќ во Скопје ќе се покаже како транзиторен феномен, и тој сам по себе не е гаранција за нивно репозиционирање од „нишер“ партија во главен опонент на власта. Кај анти-естаблишмент партиите, релативната контроверзност на нивните главни ликови (најмногу лидерот) има употребна вредност при пробивање на партијата, но за вистински преод во „мејнстрим“ политичка сила сепак е неопходен еден „поисплакнат“, поумерен политички производ – а во тоа контроверзноста на лидерот често станува вистински хендикеп. Левица, на пример, многу подобро би поминала кај електоратот со помалку контроверзна понуда како Мециновиќ отколку со Апасиев. Тоа ребрендирање за нив ќе биде трауматично и тешко, а сепак неопходно ако сакаат да седат на масата со возрасните.
За губитниците…
И тука завршуваме со „мешаните сигнали“ од изборите и се префрламе кај партиите кои имаат чисто негативни сигнали, како ДУИ и СДСМ. ДУИ се соочува со криза на политичкиот производ – тој веќе е анахрон, не соодветствува со еволуцијата на политичкиот пазар. Нивната комуникациска зона на комфор, која се обидоа да ја искористат и на овие избори (етноцентричен наратив), од голем дел од гласачите, а и од најголем дел од меѓународната заедница, се доживува како изветвен, стар, надминат политички проект. Тие се обидоа да се ребрендираат со „зелената агенда“, но без некој посериозен успех, а пазарот веќе бара помодерна понуда – помалку фокусирана на симболика, а повеќе на практични, секојдневни подобрувања. Неопходниот нов политички производ кој мора да го создадат може да вклучува промена на доктрината, на кадровската понуда, но секако ќе бара сериозни, темелни промени.
На крајот, СДСМ има криза од повеќе структурни аспекти. Левичарските партии во светот се соочуваат со криза на перформанс – десните партии често се подобри од нив во водење кампања, владеење, комуникација, партиска работа и слично. Згора на тоа, тие имаат и криза на демографијата: нивните стратешки целни групи (пензионерите, како лојални на наследството на СКМ, и младите, како проевропски и либерални центри) се намалуваат, од биолошки и имиграциски причини, соодветно. Додадете на тоа криза на политичкиот производ, кој исто така не е добро дефиниран, криза на имиџ на лидерство, но најмногу криза на политички перформанс – на работа на партиската инфраструктура. И повторно, во најдобар манир на македонските партии, тие брзо се изјаснија дека, повторно, по којзнае кој пат, „ја примиле пораката“. Не сум сигурен – секако е потребно да се освежи кадровската понуда, но ако таа е само козметичка промена, без промена на пристапот во работата, тоа е како упорно да менуваш возачи во автомобил кој воопшто не вози. Додека не се поправи моторот, секој возач е осуден на истата судбина.
На крајот останува каков политички амбиент треба да очекуваме после локалните избори – секако притисокот за парламентарни избори ќе се намали, а можно е да се зголеми притисокот за откочување на пристапниот процес во ЕУ, зашто веќе се трошат политичките изговори за недостатокот на напредок на ова поле. Ова се вистинските лоши вести: ние можеби ќе ги исчистиме контејнерите, но тоа не го менува фактот дека, вкупно, сè уште сме заглавени на буниште.






