Што може Скопје да научи од Њујорк
Зошто Њујорк мисли на сиромашните, а Скопје не?
Зошто, во најбогатиот град на најбогатата земја на светот, градоначалникот водеше кампања со фокус на сиромашните и обесправените, а во Скопје тие категории луѓе останаа невидливи за политичките елити во кампањата за локалните избори?
„Ќе бидам градоначалник на најбогатиот град во најбогатата држава на светот“, рече Зохран Мамдани (Кој е Зохран Мамдани?) новата ѕвезда на политичкото небо на демократите во САД. Неговиот избор, кој дојде како противтежа на антиимигрантските политики на републиканското водство во Белата куќа, веќе трет ден е сензација во светот. Интересот за новиот њујоршки градоначалник не ја одмина ни Северна Македонија, која исто така доби градоначалник на главниот град. Споредбата можеби на прв поглед е смешна, но потребите и правата на пристоен живот се исти и за скопјани како и за њујорчани.
Ветувањата на Зохран Мамдани и реалноста во Скопје
Оттука, гледајќи ги ветувањата на новиот градоначалник на Њујорк и на новиот градоначалник на Скопје, паѓа в очи една крупна нелогичност. Зохран Мамдани се заложи за отворање државни продавници во кои цените ќе бидат под контрола, за бесплатен градски превоз, за замрзнување на кириите и за финансиска помош за деца од шестмесечна до петгодишна возраст. Младиот американски политичар не ја крие ни згрозеноста од политиката на претседателот Доналд Трамп, ниту пак неговата персонална одбивност кон него.
Градоначалникот, пак, што ги доби гласовите да го води Скопје, во ниту еден момент не проговори за сиромашните, за цените што дивеат, за астрономските кирии и цени на станови, ниту пак за грижа за најмладите. Особено е интересно ова последното, бидејќи токму неговата партија ВМРО-ДПМНЕ го вклучи алармот за падот на наталитетот во Македонија и потребата да се работи на негово подигање. И уште една разлика – градоначалникот на Скопје не се оградува од владината политика, напротив, неговата блискост со премиерот ја користи како адут дека ќе биде успешен на градоначалничката функција. И не штедеше зборови за благодарност што бил одбран баш тој да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Народот како политички аргумент
Се разбира, Њујорк и Скопје се оддалечени со светлосни години. Не само географски, или според големината и финансискиот потенцијал, туку и според политичката култура и следствено на тоа – политичката понуда. Сепак, бидејќи уште ни одѕвонуваат ветувањата од скорешната кампања за локалните избори, а и силниот медиумски одглас на глобално ниво по изборот на Мамдани во Њујорк, како луѓе кои веќе три и пол децении учествуваат со плаќање даноци во касата на Скопје, имаме право на споредби и на прашања.
Зошто, на пример, во најбогатиот град на најбогатата земја на светот, градоначалникот помислил на своите посиромашни сограѓани, а во Скопје нема ниту знак на таква солидарност од политичките елити? Да, новиот градоначалник на Њујорк според политичка ориентација е демократски социјалист, но и нашиот, иако припаѓа на десноцентристичкиот спектар, е од ВМРО-ДПМНЕ, која е во групата на народни партии. Партискиот врв речиси во секоја реченица го употребува народот како аргумент за своите политики и вели дека сѐ што прави е за народот и неговата благосостојба.
Замислете, градоначалникот на богатиот Њујорк, населен од светската елита, зборува за сиромашните, обесправените и безгласните, а во агендата на градоначалникот на Скопје, кое заедно со државата уште се борат за место под сонцето, таквите групи не се ни спомнати. Како Скопје да е Њујорк, а Њујорк да е Скопје.
Политичката култура: Македонија vs. САД
Што зборува тоа за политиката во Македонија? Кому таа му е наменета – на богатите или на сиромашните? Ако се погледнат статистичките податоци за економскиот раст на Македонија во изминатите децении, произлегува дека политиката не им служела на интересите на своите граѓани, туку им служела на поткупливите, на партиските лојалисти, на снаодливите, на богатите и на моќните. Бројките се неумоливи и ја раскажуваат тажната приказна дека и по смена на десетина влади, шест претседатели и свртени 7-8 политички циклуси, Македонија не успеа економски да се одлепи од дното. А од друга страна, десетици политичари и стотина бизнисмени профитираа од функциите и спрегата меѓу политиката и бизнисот.
Лобирањето како алатка за промени
Да бидеме прецизни, противниците на градоначалникот од Њујорк загрижено одмавнуваат, велејќи дека најголем дел од неговите ветувања се популарни, но неостварливи и дека на патот на нивната реализација стојат правни, институционални и финансиски пречки. Аргументираат дека тој нема доволна надлежност над системот за транспорт за да овозможи бесплатен јавен превоз и дека буџетот на градот не е проектиран за да се трошат пари на детски додаток, бесплатен превоз и слично.
Тогаш, зошто Зохран Мамдани дал ветувања кои не може да ги оствари? Од една проста причина – што секој висок функционер има можност за лобирање и преговарање со други центри на политичка и финансиска моќ, за да издејствува заштита на интересот на своите граѓани. Ако градоначалникот, на пример, се јави во комората на производители или на трговци, или на превозници, неговиот глас ќе биде слушнат. Некои надлежности не произлегуваат само од правно-политичкиот систем, туку произлегуваат и од авторитетот што го носи функцијата.
Така и ако скопскиот градоначалник се јави на инспекциите и побара поголема контрола над трговците, или ако се јави во МВР со молба за поголема присутност на сообраќајниците за да се намали црниот биланс на улиците, ќе биде слушнат повеќе од кој било што протестира. И урбанистичките планови во општините се во рацете на локалната власт, па и тука има одлична можност таткото на градот да се замеша во креирањето на цените на становите. Се разбира, доколку е на прво место грижата за граѓаните, а не полнење на партиската каса и на својот џеб.
Со среќа на њујорчани, додека скопјани чекаат да биде исчистен градот. Реално, тоа беше и највпечатливото изборно ветување.






