ИСТОРИСКО ИЗВЕШТАЈЧЕ

м-р. Глигор Стоименов

По историските победи како што веќе најавивме ќе дојдат нови историски порази за сите нас, тоа веќе го гледаме и сме го гледале.
Она што не сме го гледале до сега е оној помпезен настан и она “свечено дефиле“ за почеток на чистење на скопските улици претставено од целиот државен врв, ете до сега вакво нешто не сме виделе! Не знам само зошто немаше покането и високи претставници од дипломатскиот кор во земјата да присуствуваат на овој “свечен чин“. Наеднаш се извадија стари камиони, се мобилизираа луѓе, се прави еден невиден пи-ар, па сега секој обичен човек може да си постави само едно логично прашање, кој до сега изминативе две години го попречуваше сето ова да се направи? Па истите тие на кои им требаше оваа “свечена приредба“! Толку за ова.

Подолго време ме мачи едно прашање на кое немам одговор, се прашувам што сме згрешиле толку? Ова е навистина “историски хендикеп“ за нашата земја, во периодот на вакви турбулентни и неизвесни времиња во светската политика да ја имате оваа влада и најслабиот претседател на државата до сега. Но воедно и влада со најголем рејтинг меѓу народот што впрочем покажаа и последните избори, какви чудни времиња човече. Без никакви забележителни економски резултати, без никакви политички одлуки, една политика “без политика“ како што се вели во теоријата, доведена е во прашање европската перспектива на земјата, а тие сепак победија!
Но добро демократијата понекогаш е сурова и таа со право не е “најидеалниот“ политички систем туку го носи епитетот на “најмалку лош“ политички систем. Да, точно е, околу 300 илјади гласачи, доминатно партиски членови и клиенти наспрам милион и половина останати, одлучуваат за судбината на оваа земја. Но такви се демократските правила.
Ајде да тргнеме по ред.

Деновиве ни беше презентиран Извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија во изминатата година. Наводите во Извештајот на ЕУ во многу области се поразителни и воедно ова е еден од најлошите извештаи на ЕУ за нас. Работава е буквално “седи недоволен 1“! Сега нема да ги анализираме овде сите работи, оние слаби оценки во сите области, но останува да лебди онаа констатација на Еврокомесарот за проширување Марта Кос која во една реченица ни кажа се, “Македонија не покажа решителни чекори кон ЕУ интеграцијата во изминатата година“. Сега веќе нема оправдување, виновникот за ова е јасно посочен со име и презиме. Но овие од ЕУ како да не разбираат дека на Македонците многу им е гајле за ова “извештајче“, па се трудат гледам и со некои помеки дипломатски реченици да не охрабрат како понатаму да продолжиме. Го слушам министерот за надворешни работи и премиерот како велат дека добивме највисоки оценки во Извештајот за усогласеноста на нашата надворешна политика со ЕУ. Ова беше и прва ударна вест на многу медиуми околу овој извештај. Ах бре друже министре Тимчо, да не те знаев, ама те знам! Па оваа усогласеност со надворешната политика е единствена константа до сега во сите извештаи за нас и со години не се менува, па тоа ли е за фалби? Па изминативе петнаесет години сум анализирал многу извештаи, дури и во времето на Груевски ова оценка беше непроменета. Оваа фалба со надворешната политика е исто како да кажете дека добивме пофалби од ЕУ за усогласеност со зимското сметање на времето, нема друга разлика, сакам само да ја нагласам суштината на овој аргумент, што е навистина смешно, но добро е за мафтање на народот, демек владата добила пофалби.
Но ќе оставиме деновиве да се анализира овој извештај и ќе видите какви “големи пофалби“ сме добиле во ова “извештајче“, како што некои го нарекоа.

За жал во цела оваа ситуација дел од нацијата е многу разочарана од однесувањето на претседателот на државата, професорката Силјановска. Ова е мое мислење но имам впечаток дека и други го делат ова мислење. Претседателката како да не знае на моменти дека е всушност претседател на државата кој треба да носи одлуки. Кај нејзе се е така рамно, без никакви одлуки, едноставно постојано држи некое предавање на соговорниците околу тоа како требало да постапува ЕУ, па какви требало да бидат институциите, па копенхашки критериуми постојано повторува, едноставно како да не разбира дека е претседател кој мора да носи одлуки за да оваа земја тргне напред. На меѓународните конференции се однесува како модератор на некој настан за библиотекари, зборува за филозофи, цитира разни мислители, навистина сето ова изгледа несериозно. Јас го почитувам нејзиното знаење, иако се приметува на моменти кај нејзе некоја животна и интелектуална “сенилност“, доста работи ги подзаборавила и ги греши, како она со Протоколот на Преговарачката рамка, но сепак еве да упатиме еден добронамерен апел да ја разбере улогата за која што е избрана од граѓаните.
Што се однесува до премиерот кај него се е изразено во бројки. Го почитувам неговиот статус како универзитетски професор, веројатно е стручен во неговата област, но политиката е сосема друга наука. Мислам дека тој во основа не ја разбира суштината и целта на управување со државата, односно главното прашање е во кој правец оди државата? Кај премиерот се битни бројот на гласови што ги освоил, бројот на општини, опседнатост со секојдневниот рејтинг, тој едноставно така ја разбира политиката. Сето тоа дополнето со една медиумска пресија од здодевни соопштенија, како овие последниве во кои замислете експлицитно бараат раководството на СДСМ да си заминело? Настапуваат како некоја официјална фракцијаа во СДСМ па секој ден бараат раководството да си заминело, инаку тие “не се мешаат“ во внатрепартиски работи, така изјави премиерот.
Суштината на политиката не се само бројките и тоа дали сте победиле во Зрновци, Брвеница или Кривогаштани, клучното прашање е до каде Ви е државата? На кое дереџе? Колку се среќни граѓаните, каков стандард на живот имаат, какви перспективи им отворате за да не бегаат, што направивте да биде подобро од пред некоја година? Одговорите на сето ова се поразителни, затоа што владејачката партија се занимава самата со себе.
Изјавите на премиерот дека ние сме подобри од Албанија, ама ЕУ не нејќе заради Бугарите, се маалски изјави за по дома. Како да му е криво сега за Албанија затоа што прогнозираа дека Албанија никогаш нема да влезе во ЕУ, па сега кога изгледа дека ќе влезе, она како децата кога се налутени знаеш, е нека влезат ама ние сме подобри. Така јас порано кога бев во основно училиште бев уверен дека сум подобар во баскет од другар ми Гаго, ама тој продолжи да тренира и стана светски првак, јас не продолжив, кој ми е крив. Одлуките ги носиме самите ние.

Но едно е факт, денес Македонија е во друштво со Косово и БиХ, благодарение на оваа политика. Јас мислам искрено дека и Косово е пред нас по однос на многу економски параметри. Денес Албанија и Црна Гора се далеку пред нас. Такви се аргументите во извештајот на ЕУ. Прогнозите се дека за две години тие ќе ги завршат преговорите и најдоцна до 2030 ќе бидат полноправни членки на ЕУ. Со влезот на Албанија во ЕУ кој може да ни гарантира дека нема да не чека ново вето од нивна страна. Настаните треба да се антиципираат во едни вакви сложени времиња, кој знае што се може да се случува во нашата земја до колку останеме вака, слепо црево на балканот!

Токму затоа, претседателот на државата и премиерот треба да престанат да се претставуваат како жртви и да им држат предавање на европејците околу правилата за влез во ЕУ. Ние ако плачеме нема да ги промениме правилата. Едноставно не гледаат некако бледо и воопшто нема да не разбираат. Земјата која сака да се интегрира во ЕУ не може да бара од ЕУ да ги промени правилата, навистина незамисливо е ова во надворешната политика. Мора да престанеме да плачеме и да ги завршиме нашите обврски кои ги имаме превземено по затворањето на овој спор со Бугарија во 2022 година, време за губење немаме ниту ден.

П.С. Пред околу еден месец имав еден доста пријатен и пријателски разговор по иницијатива на амбасадата на една од најмоќните земји во ЕУ! Ме побараа да им дадам свое мислење и да објаснам нешто околу вториот протокол на Преговарачката рамка што е оспорен пред Уставниот суд. На амбасадорот не му било јасно што всушност сакаат подносителите да оспорат пред Уставниот суд. Се потрудив од стручен аспект да им објаснам во што е проблемот но не сум сигурен дека навистина ме разбраа што всушност ние сакаме со ова оспорување да постигнеме? Искрено и самиот не знам што сакаме, но “таленти“ кај нас има колку сакаш! На крајот разговорот заврши- со прашањето дали навистина мислам дека некој може да ни даде гаранции за во ЕУ?? Велам дека не знам и така заминав од средбата.
Ама инаку ние сме подобри од Албанија!

Back to top button
Close