Стануваме ли повторно „бебето од катран“?
Денко Малески
Стануваме ли повторно „бебето од катран“ на Балканот? Тоа е изразот за нашата земја кој во еден разговор во 1992 го употреби Роберт Фровик, личен пријател на американскиот државен секретар Лоренс Иглбергер. Значењето на овој израз во меѓународните односи е: ќе зажалиш ако се вмешаш во работите на ваква држава и ќе зажалиш ако не се вмешаш. Каква е тоа држава? Проблематична.

Како во домашните така и во меѓународните односи. А проблеми не сака никој, било поединец било држава, па внимаваат да не зацапаат во катран. Ако најмоќната држава во светот и единствената супер-сила од почетокот на деведесеттите се колебаше во отворена поддршка на Македонија ( и на меѓународното право), заради односите со партнерот Грција, можете да замислите каков би бил односот кон нас денес, кога Европа и Америка се во длабока криза, ако дозволиме и ние да зацапаме во криза. Всушност, самиот факт дека нема преговори со ЕУ, зборува за кризата која не сакаме да ја видиме и од која можат да произлезат многу негативни последици за нашата држава, не само меѓународни туку и домашни.
Во време на американската либерална хегемонија, на врвот од мултилатерализмот и одлични односи меѓу САД и ЕУ, со огромни симпатии за македонската мирољубива политика, кога американскиот збор беше „закон“, а сите се колнеа во демократските принципи, интересите го поништија меѓународното право. Не можевме да се зачлениме во ОН со уставното име и го сменивме со Преспанскиот договор. Не ми е јасно како мислиме да го оствариме тоа „владеење на меѓународното право“ денес кога се длабоко нарушени односите меѓу Америка и Европа, кога има војна во Украина која ќе зврши со победа на агресорот, кога опстанокот на ЕУ и на НАТО е доведен во прашање? Никако. Па нели е војната во Украина доказ за банкротството на правниот идеализам наспроти реализмот? Или сакаме нешто слично и нам да ни се случи за да поверуваме? Наместо од себеси, бараме креативност од оној кој „го молиме“ да не прими во членство, од сојуз кој е под „егзитенционална закана“ со војната во Украина и нарушените односи со новата американска администрација и кој не знае каде му е главата. Како уште да живееме во „американската ера“ . Ни тогаш не успеавме со правото, а камоли денес.
Една од лекциите на Преспанскиот договор не е дека требаше да бидеме подобри правници туку политичари и дипломати активни во потрага на добар (за нас) компромис оти, на крајот, добивме полошо решение од посакуваното. Проблемот е во тоа што компромисите, по дефиниција, се непопуларни, а на Балканот, се сметаат за рамни на пораз. И бидејќи нема политичар во светот кој сака да биде непопуларен таму сме каде што сме и со македонско-бугарскиот спор. Во уште полоша ситуација за решение на спорот е сегашната владеачка структура која го употреби, заедно со целата историска омраза кон „Бугарите“,за да го „смачка“противникот на избори. Но, како ни тоа да не и е доволна, па бара од сегашната опозиција „ретроактивно“да се откаже од својата политика, да се покае и да и се придружи на владеачката партија во отпорот кон притисокот од ЕУ да се продолжат преговорите под условите од „францускиот предлог“. Производот на авторитарни умови дека треба да се смачка секакво поинакво мислење , се промовира опасната теза за единство кое ќе ја остави Македонија без алтернативна политика. Па нели демократијата беше право да не се согласуваш? Предноста на демократските системи е дека постојат политички алтернативи кои, иако се денес во малцинство, се почитуваат и не се бара од нивните носители да се откажат од своите идеи. И повеќе од тоа: се води дијалог со нив. Зашто она што денес е табу во една држава, утре може да биде официјална политика на земјата. Затоа, во една либерална демократија, „умираат“ политичките гарнитури ама живее државата. Поинаку е во автократиите, каде политичарите кои „умираат“ ја повлекуваат со себе и државата.






