Зошто се ретки македонските романи за големите војни?

Читајќи деновиве една моја постара колумна, се потсетив на книгата на германскиот историчар Бјорн Опфер за „бугарското „владеење“ во Вардарска Македонија во трите големи војни во дваесеттиот век – Балканските, Првата и Втората светска војна. Книгата на Опфер има наслов што поттикнува на размислување, особено кога сте писателка: „Во сенката на војната. Окупација или анексија – ослободување или потчинување? Компаративно истражување на бугарското владеење во Вардарска Македонија од 1915-1918 и 1941-1944″. Тоа е неговата докторска дисертација, објавена 2005. Од неа станува јасно колку била драматична историјата токму на Вардарска Македонија. Откако во Балканските војни (1912-13) Вардарските Македонци станале граѓани на Кралството Србија, само една година подоцна, во Првата светска војна, Бугарија повторно ја окупирала Вардарска Македонија. По четири години бугарско владеење, кога Србија по крајот на Првата светска војна во 1918 повторно ја освоила Вардарска Македонија, таа вовела „вонредна состојба“.Во Втората светска војна територијата на Вардарска Македонија била поделена помеѓу Италија и Бугарија. Во Западна Македонија била стационирана италијанската војска. Бугарските власти на сето население во Вардарска Македонија, кое претходно било во Кралството Србија, им го одзеле државјанството. Биле протерани Србите и Грците. Евреите и Ромите во март 1943 биле депортирани во Треблинка. На Македонците им било доделено бугарско државјанство, читаме во книгата на Опфер.

За Втората светска војна приказните во македонската литература се ретки

За да доживееме што овие стравотни факти од војните, на пример, значеле за една обична македонска фамилија, ни треба литературата. Таа сведочи за страдањата на луѓето на фронтот и во обичното секојдневие. Таа низ приказни ги бележи погромите, ликвидациите, борбата против окупаторот, борбата да се преживее војната. Сиве овие нешта за војните ние ги знаеме од светската литература. А како е во македонската литература после Втората светска војна, по таа долга низа од војни и долги борби за самостојност? Би се очекувало првиот македонски роман по војната да е роман за страдањата на Македонците во сите војни. Напротив, првиот роман, напишан на литературниот македонски јазик, не е роман за војната. „Село зад седумте јасени“ на Славко Јаневски (1952) е социјалистички роман за колективизацијата. Зачудува што најголемиот број повоени историски македонски романи се посветени на борбата против турското ропство. На пример, темата на „Крпен живот” (1953) и „Толе паша” (1956) на Стале Попов, како и на „Арамиско гнездо” (1954) и „Пустина”(1961) на Ѓорги Абаџиев, е македонската историја пред 1903. Во биографијата на Стале Попов стои дека во бугарската окупација бил интерниран во Неврокоп, Бугарија. И, сепак, во првиот роман не го литераризирал тоа искуство од војната. Семејството на Ѓорги Абаџиев во Првата светска војна, 1918, пребегало во Грција, а потоа во Бугарија. Таму тој се школувал и живеел во времето на Втората светска војна, зашто се вратил во Македонија 1948. И Абаџиев не пишува за Втората светска војна, чиј очевидец тој бил, туку за Солунските атентатори.

Единствениот роман за Првата светска војна е „Пиреј“ на Петре М. Андреевски од 1980. Во 2019, Оливера Николова во романот „Песот со тажен поглед“ раскажа една многу суптилна приказна за Првата светска војна. За Втората светска војна приказните во македонската литература се ретки, во исто време кога партизанската борба е централна во патриотската поезија. Иако и од Македонија беа депотирани Евреите, нема македонски романи од форматот на Данило Киш. Погромите што тој ги доживеал во војната во Србија, се случувале и во Македонија, но за нив нема повоени сведоштва во македонската литература. Киш е роден 1935, а кога бил масакрот на Евреите и Србите на Дунав и во Нови Сад во 1942-та, тој имал седум години. Тој ден ги изгубил другарите од улицата, ги гледал труповите на убиените, а „метафизичкиот страв“ што го доживеал во тој миг подоцна го оживува во своите романи. Македонскиот писател Димитар Солев, (роден 1930) ја доживеал бугарската окупација на Скопје на 11 години. Само четири години по првиот македонски роман на Јаневски, Солев 1956 го напишал романот „Под усвитеност“. Тој раскажува за бугарската окупација во Втората светска војна.

 

Во македонската литература нема многу романи за ужасите на војните

Литературата, уметноста воопшто, постојано сведочи за војната, бидејќи со тоа се спречува таа да се заборави. Да се потсетиме на „Лимениот барабан“ (1959) на Гинтер Грас, блескавото сведоштво за Втората светска војна во неговиот роден град Данциг, денес (на полски) Гдањск. Четири децении подоцна, 1999, тој ја доби Нобеловата награда затоа што според жирито во Штокхолм, „тој со живи црни приказни го нацрта заборавеното лице на историјата“. Секако, години подоцна, во 2006-та, Грас јавно призна дека на 17 години бил мобилизиран и служел во SS-воените единици, иако со години тврдел дека бил само противавионски помошник. Тоа во 2006-та предизвика контроверзна дебата во германската јавност, но таа не го намали значењето на неговиот роман „Лимениот барабан” како сведоштво за Втората светска војна. Можеби токму затоа што учествувал во неа, Грас можел да напише толку силен роман за војната. Во романот на Хајнрих Бел „Групна слика со дама” (1971), за кој ја доби Нобеловата награда во 1972, тој ја раскажува приказната на млада Германка која во Втората светска војна се вљубува во ранетиот руски војник Борис.

Војната во македонската литература на многу суптилен начин, сличен на прозата на Данило Киш, присуствува во делата на Влада Урошевиќ. Уште во романот од раскази, „Мојата роднина Емилија” (1994), Урошевиќ раскажува за Втората светска војна. Тој ја доживеал како дете, за што луцидно и естетски совршено пишува во романот „Маџун” (2018) од перспективата на возрасниот што се сеќава на „рајот на детството”. Војната е „гигантската змија” која скришно се смушнува во рајот на детството. Во неговата раскажувачка постапка војната е секогаш скриена во приказната, небаре сака да и‘ ја одземе силата, затоа што тој ја поседува мудроста на писателите кои знаат дека само фантазијата, творештвото и способноста да се сонува за поинаков свет, има сила да го победи злото, на кое се поклонува секоја војна.

Можеби фактот што во македонската литература нема многу романи за ужасите на војните потекнува од некоја особена резилиентност, која Македонците ја стекнале во безбројните војни и окупации. Така научиле со творештво и фантазија да го победуваат дури и сеќавањето на траумите од војните. Додека другите пишувале дебели книги за војните, Македонците пееле, создавајќи фолклор ненадминат по убавината. Еден пријател, по прочитот на мојот роман „Жените Гаврилови” во 2008-та, ми рече дека со него сум покажала дека, додека нашите соседи граделе храмови во слава на боговите на војната, македонските жени ги симнувале ѕвездите од небото и ги ткаеле во совршен ткаеж. Можеби тоа е навистина мудроста на нашите предци кои веруваа дека злото се победува само со доброто, со творењето и градењето, наспроти сета разорна сила на војните.(dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close