ПОСТ-ПОЛИТИЧКА ПАРАЛИЗА

Проф. д-р Ана Чупеска

Ајде да ја прекинеме оваа колективна хипноза и да го дефинираме проблемот без еуфемизми. Таа заглушувачка врева, тој политички ЕНЕРГЕТСКИ ВАМПИРИЗАМ што нѐ исцрпува во јавниот простор – тоа не е политика. Тоа е само најгласниот доказ за нејзиното суштинско отсуство. Во науката, оваа состојба ја нарекуваме ПОСТ-ПОЛИТИЧКА.

Cupeska

Ние не сме во арена на здрав демократски судир; ние сме заглавени во постполитичко мочуриште. Големите, структурни прашања – од фискалната политика до реформата на јавниот апарат – се сведуваат на технички формули, на административен задолжителен проект што мора да се одработи. И еве ја комедијата на векот: сите наши политички лидери декларативно се сложија дека ни треба ресет/промена на системот, сите се „за“ правна држава, ефикасност и правда. Но, тоа е како да се собереш со целиот партиски естаблишмент за да исчистите затрупана депонија, а потоа да потрошите три години дебатирајќи чија лопата е позлатна и кој прв треба да ја фати – додека планината од ѓубре расте.

Во меѓувреме, вистинскиот простор за креативна дебата е херметички затворен. Непробоен, и тој е парализиран во духот, изолиран од контекстот на стварноста.

Наместо да водиме ПРОДУКТИВЕН ПОЛИТИЧКИ КОНФЛИКТ (Агонизам) за тоа каква иднина сакаме, ние се трошиме на егзистенцијални пресметки: кој има дозвола од хегемонот да биде граѓанин, а кој мора да биде елиминиран.

И, де факто, ова е чист Антагонизам – или, не се борите со противник (adversary), туку со непријател (enemy) кој треба да се уништи.

Токму таа егзистенцијална поларизација нѐ држи будни и бесни, но целосно НЕСПОСОБНИ ЗА ПОЛИТИЧКА АКЦИЈА. Тоа е парализата. Тоа е постполитичката состојба.

Зошто?

Прво, затоа што нашата колективна психа е опседната со една фиксација: опсесијата со некој идеал за Целовитост (ИНТЕГРАТИВНО ПРЕТОПУВАЊЕ ВО ХЕГЕМОНСКИ ДИСКУРС, всушност). Па, така, ние очајно сакаме да веруваме дека општествениот поредок е некој си затворен, конечен систем, некоја си совршено склопена Лего-конструкција што никогаш нема да се распадне. Се занесуваме дека конечно ќе бидеме целосно ние – ослободени од сите сомнежи и дилеми, нема да има предизвици за решавање. Тоа се утописки фантазии. Факт.

Но, теоријата/науката докажала дека: социјалното и политичкото се суштински нецелосни. Социјалното е контингентно! Политичкото треба да се прилагоди на тој социјален факт. Или, нашиот (и секој) општествен поредок е како незавршена скулптура – секогаш флуиден, секогаш преговарачки!

Кога нашите елити не успеваат да ја видат оваа стварност, тие не можат ни да испорачаат утопија (а не можат, бидејќи никој не може!). Наместо тоа, тие ја користат таа „пукнатина“ за да го хранат популистичкиот Антагонизам. А со тоа, инжинерираат една голема измама: Проекција на Непријателот. Со тоа фактички се пренасочува нашиот внатрешен, егзистенцијален јаз/немир – нашата неможност да ја постигнеме таа Целовитост – врз надворешен „Корумпиран Непријател“. Па се чини дека се бориме против проекции, а тоа нè претвора во илиберална демократија: го сакаме правото на мнозинството, но го отфрламе плурализмот.

Со ваквиот начин на отсуство од стварноста и колективна дисоцијативност, ние, всушност, ја нормализираме корупцијата како единствено валидно правило на играта (the only game in town).

 

Излез има, и тој е радикално демократски.

За почеток, не треба да бараме утопистичка тишина или лажен мир, туку Агонистички Плурализам: здрав, страстен судир.

Прво, ПОСТПОЛИТИЧКИОТ КОНСЕНЗУС мора да се дестабилизира и агонизира. Носител на оваа операција е Опозицијата во најширока смисла на зборот – од политичките партии што се во опозиција, па сè до граѓанските движења и критичката интелектуална јавност. Притоа, наместо да се позиционираме како етнички или партиски групи, мораме да се субјективизираме како единствен граѓански блок околу новиот јазол на заедничките болки што ги имаме сите: од социјална правда до еколошка криза. Успешниот пример овде е движењето за климатска правда (Extinction Rebellion или Fridays for Future), кое успеа да ја мобилизира јавноста преку крос-секторски барања и да ја наметне својата агенда како приоритет на глобално ниво, принудувајќи ги политичките елити да реагираат на суштински проблеми наместо на партиски пресметки.

Второ, мора да го затвориме јазот на неправдата. Владеењето на Правото е празен означител кој се полни со партиски интереси. Поточно, бескомпромисна, суштинска реформа на судството не може да се третира повеќе како техничко прашање; туку тоа е ФИКСЕН РЕПЕР кој го зачувува легитимитетот на системот. Ако системот е легитимен, политичката битка може да остане во рамки на противник.

Трето, мора да ја институционализираме борбата.

На пример, во Северна Ирска, тие не постигнаа договор за нивниот конечен идентитет, туку изградија институционална рамка (според Договорот од Белфаст) која експлицитно ги инкорпорира трајните поделби и им овозможува на двете страни да се борат жестоко во рамки на заеднички, ПОЧИТУВАНИ ПРАВИЛА.

Ние не треба да се плашиме од политиката, туку од нејзиното отсуство. Контингентноста мора да ја прифатиме не како закана, туку како егзистенцијален темел на нашата демократија. Мораме да се трансформираме од заробеници на фантомскиот антагонизам во бескомпромисни, суштински актери на вистински, плуралистички конфликт. Тоа е нашата егзистенцијална должност.

 

Back to top button
Close