Кермес
Почитувани читатели, поводот за моето денешно пишување е судбината на еден објект, кој полни 19 години зјае како авет во централниот дел на Градскиот парк во Скопје. Како дух од минатото тажно нѐ потсетува дека некогаш тука некогаш било весело. Говорам за легендарниот Кермес, скопјани сѐ уште го доживуваат како прекрасен симбол на едно минато време на растење и созревање, на живеење по скопски, на фамилијарно уживање во амбиентот на градскиот парк.
Од 2004 година до денес овој објект припаѓа на моето семејство. Купен е од Љупчо Николовски-Фуфо, со градежна дозвола, платени комуналии и отпочнати градежни работи.
Истиот беше стопиран зашто не дозволив, како градоначалник на Скопје тогашниот, премиер Никола Груевски да владее со градот.
Дозволата за градба беше стопирана од страна на Општина Центар. Тогашната влада без факти обзнани дека тоа е споменик на културата и треба да биде под заштита на институција задолжена за негување на културното наследство на Република Македонија. Таков документ, дека Кермес е културно наследство, никогаш не бил евидентиран во оваа институција.
Ни беше одземена маркицата и доделена на тогашниот претседател Иванов со цел да се изгради парк на нациите.
Судските процеси за овој предмет се завршени уште во 2016 година. Врховниот суд носи одлука со која ни се враќаат маркицата и дозволата да продолжиме со градба.
Дозволата за градба Општина Центар веднаш ни ја издаде, меѓутоа враќањето на маркицата сѐ уште трае, затоа што Советот на Општина Центар треба да го измени ДУП-от каде се наоѓа објектот Кермес и да ни биде вратена таа маркица.
Се сменија пет градоначалници во Општина Центар и пет Совети на Општина Центар. До овој момент не забележав дека имаат потреба за враќање на маркицата за Кермес , во сопственост на моето семејство, почнувајќи од времето на градоначалникот Тодоровиќ, Жерновски, Богдановиќ и денес Герасимовски, кој деновиве отпочна да го работи својот втор мандат како градоначалник на Општина Центар.
Сите горе споменати градоначалници ветуваа дека ова прашање е формално и ќе биде средено во најкраток рок.
Цели 19 години отпочнатиот градежен објект Кермес го чека својот ,,најкраток рок” да оживее. Кому се нанесува штета со ваквата неодговорност од страна на градоначалниците и советниците во Општина Центар? Ние како семејство сме оштетени, бидејќи отпочнавме капитален објект во далечната 2006 година кој нѐ чинеше повеќе од 3 милиони евра.
Наместо денешната руина од Кермес, требаше да никне прекрасен објект кој по многу нешта ќе наликуваше на палатата Лихтенштајн во Виена, објект со прекрасни угостителски содржини за граѓаните на Скопје да уживаат во централниот дел на паркот.
Како семејство имавме намера да ѝ понудиме на Општина центар простор за матична служба, за венчавки на младите жители од Општината, нудејќи прекрасен амбиент за таков голем чин.
Непочитување на законите во Република Македонија претежно го прават институциите на Локално и централно ниво. Вината за денешниот авет од Кермес не е во граѓаните, туку во градоначалниците и советниците на Општина Центар.
Ако мене и моето семејство нѐ казнувате од неразбирливи причини, зошто ги казнувате нашите сограѓани од кои го црпите легитимитетот за вашите функции.
Зошто дозволувате законите да не се применуваат? Цената за ваквиот башибозлук ја плаќаме сите. Непочитување на законите значи хаос. Во хаосот нема перспективи за колективен напредок, затоа што владеат љубомората, омразата и криминалот.
До кога ќе молчиме? Правдата мора да биде наше секојдневие. Правдата е единствениот начин да изградиме современо општество во кое сите граѓани без разлика на нивната национална, верска и партиска припадност ќе живеат во еден подобар свет.
Почитта кон законите и правдата ќе го сопре егзодусот на заминувањето на нашата млада популација. Го губиме најсилниот капитал, ЧОВЕКОТ.
Ако вака продолжиме ќе станеме земја на пензионери и старци.
Кермес, некогашниот симбол на Скопје, може повторно да блесне. Дали и кога тоа ќе се случи исклучиво зависи од моментот кога во Македонија навистина ќе почне да функционира правната држава. До тогаш не можам да градам имот за кој што не можам да добијам тапија. Тапа ни е работата…






