Раздели па владеј – балканската болест што трае со векови
Стариот континент Европа, распослан како продолжена рака на Азискиот континент и одделен од континентот Африка со Средоземното море од Северна Америка со Атлантскиот океан, важи како цивилизациска колевка на народите од денешниот западен свет.

Цивилизациски колевки има на сите континенти, почнувајќи од големата Азија, Северна и Јужна Америка, Африка и од поново време Австралија.
Културното наследство кое го носи Европа е неспоредливо со културното наследство на останатите цивилизации, според моите сопствени погледи.
Европското културно наследство во изминатите 3000 години е богатство распослано на сите цивилизациски полиња и придобивки како историја, уметност, култура, архитектура и сл.
Трите големи полуострови на европскиот континент имаат своја историја. Во време на моќниот Рим пред и после новата ера, Пиринејскиот Полуостров бил претежно населен од дивите племиња дојдени од големиот Азиски Континент. Главно се населувале на овој полуостров, како прекрасно парче од Земјината топка, поради убавата клима
На овој полуостров со векови наназад е присутна Арапската култура која несомнено во себе носи многу напредни идеји во цивилизацискиот развој.
За местото и улогата на арапската култура се говори уште во 9-от век преку Емиратот Кордоба каде што на медицинскиот факултет прв пат е воведена праксата за операција на катаракта (перде на очи).
Местото и улогата на Апенинскиот Полуостров е колевка на Средоземното море, каде со илјадници години владеела Римската империја која има сериозни цивилизациски наследства на денешната цивилизација.
Третиот полуостров е Балканот, кој претставува вистинска крстосница на цивилизацискиот развој. Почнувајќи од Античко време , па до ден-денес Балканот е транзитен дел меѓу мешањето европската, азиската и африканска култура.
Во што е разликата меѓу овие три Европски полуострови? Пиринејскиот Полуостров е поделен меѓу две силни соседни држави Шпанија и Португалија со меѓусебна почит и желба за натамошен развој. Италија е владетел на Апенинскиот Полуостров. Со текот на владеење успеа да го претвори во силна држава, силниот север со бедниот југ од овој полуостров.
Третиот полуостров е Балканот, кој што и денес претставува сериозен проблем не само за иднината на Балканот, туку и за иднината на целиот Европски континент. Проблемот е меѓу нас луѓето, жителите на овој полуостров, каде битисуваат 11 независни држави. Културата и традицијата меѓу сите овие држави има многу сличности со мали разликиЗошто!
Многумина и денес Балканот го доживуваме како „Буре барут”.
Мини национализмот сѐ уште е длабоко присутен меѓу балканските држави.
Кај поголемите држави на нашиот полуостров имаме мегаломански потреби за нови територијални поделби, што за нас обичните жители на овој полуостров е неприфатлив апсурд.
Не извлековме никакви поуки од историјата, како се создаваа државите Италија на Апенинскиот Полуостров и како се создаваа државите Шпанија и Португалија на Пиринејскиот Полуостров. Не извлековме поуки од мајката историјата! Историјата е наука, образовен предмет кој нѐ учи за минатото, но и нѐ подготвува да не ги повторуваме грешките од минатото. Целта е една, да градиме сигурен и спокоен живот за сите жители на овој полуостров.
Нашата Македонија ја плаќа цената на балканскиот егоизам. Токму историјата нѐ натера да го промениме името на сопствената држава по желба на соседна Грција.
Соседна Бугарија нѐ кочи во отпочнување на преговорите со ЕУ за внесување на 3 504 Бугари во Уставот на Македонија. ,,Авангардната” Европа стои зад целата оваа небулоза.
Кога во минатото не се појавиле моќни визионери за Балканот да создадат Балканска нација, денес ние Македонците кои во многу нешта имаме заедничко на полето на културата, уметноста, традицијата, па и религијата со останатите Балкански народи, ставени сме на отстрел.
Изјавата на бугарскиот Премиер Росен Жељазков во емисијата „Недела 150“ на БНР, во соседна Бугарија, содржи небулоза, дека уставот на Република Македонија мора да се отвори за влез на Бугарите во него. Тој појаснува дека тоа е едногласна одлука на бугарскиот парламент и целата ЕУ заедница.
Не говориме за љубов, не говориме за интерес, говориме за иднина на Балканот. Кога не успеавме да станеме сите народи Балканци тогаш е тешко, мене како Македонец со длабоко чувство за припадност, да бидам уценуван на нечесен и подмолен начин.
Националното чувство нема цена. Нема цена за луѓето кои длабоко ја чувствуваат својата национална припадност. Компромис за вакви националистички расчеречување на Балканот, не постои.
Токму ваквите несогласувања меѓу балканските нации го прават Балканот нестабилен. Изминатите илјадници години наназад постоеле многу крвопролевања на национална и верска основа.
Господине Премиер на Бугарија Росен Жељазков, дајте да пораснеме вие како Бугари, а ние како Македонци! Доколку има мудрост меѓу нас, да создадеме силна Балканска нација која ќе го подигне кредибилитетот и стандардот на народите коишто живеат на овој полуостров, ќе станеме моќен полуостров на светско ниво.
Начинот на кој што вие размислувате, ме потсетува на старата римска поговорка која гласи: „раздели, па владеј”.
Зошто правите бариера меѓу Македонците и Бугарите? Во многу нешта сме блиски , имаме заеднички нишки во сите полиња на нашето живеење.
Зошто креирате карма на омраза. Дајте да создадеме иднина во која што сите народи и националности на Балканот ќе живеат во мир и спокој. Ако ние го решиме овој проблем меѓу нас, бидете убедени дека на Балканот ќе се разрешат сите останатите проблеми, посебно со Босна и Херцеговина. Ставете го дијалогот како приоритет и како директен дијалог со носителите на високите функции. Не го практикувајте системот на пренесени пораки преку настапи во емисии и социјални мрежи. Ве почитувам како Бугари, ве молам почитувајте нѐ и нас како Македонци.
Трифун Костовски






