ССМ: Сè поскапо, платата во место: Владата ќе усогласува 1.600 денари, трошоците за живот пораснаа за 3.152!

Додека само во изминатата година трошоците за живот пораснаа за 3.152 денари. Владата најавува најавува усогласување на минималната плата за март 2026 година кое ќе изнесува околу 1.600 денари.
Синдикалната минимална потрошувачка кошничка во ноември 2024 изнесувала 62.021 денар, а во ноември 2025 достигна 65.173 денари, што е раст од околу 5 проценти. Овој податок јасно покажува дека планираното покачување на платите не го следи реалниот раст на трошоците, туку го продлабочува јазот меѓу приходите и основните потреби на семејствата.
Додека цените на храната и основните производи бележат континуиран раст, овошјето е поскапено за 21 отсто, месото и маслото за речиси 10 проценти, а кафето за 26 проценти, минималната плата останува на 397 евра и нема да се менува до март 2026 година, освен ова симболично усогласување. Во исто време, синдикалната кошничка покажува дека за пристоен живот се потребни над 65.000 денари, а ако семејството живее во изнајмен стан, трошоците надминуваат 80.000 денари.
Сојузот на синдикати на Македонија ССМ предупредуваат дека оваа политика е неодржлива и бараат итно зголемување на минималната плата на 600 до 700 евра, како и правична корекција на платите во јавниот сектор. „397 евра не се живот, туку борба за преживување“, порачуваат од ССМ, најавувајќи протести и генерален штрајк доколку Владата не реагира.
Во услови на раст на цените и инфлација од 4,5 проценти, оваа плата не обезбедува пристоен живот и ги турка работниците во сиромаштија. Додека македонските работници се борат за преживување, соседните земји најавуваат значителни зголемувања на минималната плата. Косово од јули 2026 ќе има минимална плата од 500 евра, Албанија од јануари 2026 исто така 500 евра, Србија од јануари 2026 ќе достигне 550 евра, Република Српска ќе има минимални плати од 512 до 743 евра зависно од квалификацијата, Босна и Херцеговина веќе има 511 евра, а Црна Гора 600 евра за работници со средно образование и 800 евра за оние со високо образование. Македонија е единствената земја во регионот која не планира реално зголемување на минималната плата.
Анкетата на Сојузот на синдикатите на Македонија со 1.613 испитаници покажува дека 45,2 проценти бараат минимална плата од 600 евра, 42 проценти бараат над 700 евра, а 99,5 проценти сметаат дека платата мора да се зголеми веднаш. Над половина од испитаниците се спремни за протести и штрајк доколку не се зголеми минималната плата. Заклучокот е јасен: барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку реална потреба на работниците.
Владата и дел од работодавачите се против зголемување на минималната плата, додека функционерските плати остануваат зголемени за 79 проценти.
Синдикатите предупредуваат дека игнорантскиот однос на Владата и работодавачите ќе доведе до радикализација на протестите.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, остро реагира на изјавите на дел од газдите кои се жалат на недостиг на работна сила и наводна неможност за зголемување на платите, предупредувајќи дека ако продолжи оваа политика, работниците ќе одговорат со 24-часовен генерален штрајк низ целата земја. Според него, газдите свесно ја манипулираат јавноста тврдејќи дека работниците не се продуктивни, иако официјалните податоци покажуваат спротивното.
Народната банка објави дека во 2024 година нето-добивките по вработен во македонските компании значително пораснале: во градежништвото 10.000 евра по вработен, во трговијата и транспортот 300.000 денари, во индустријата 200.000 денари, а во ИТ секторот 400.000 денари.
Овие бројки, според Трендафиловаж покажуваат дека секој работник не само што си ја заработува својата плата, туку обезбедува и пари за луксузниот живот на газдите.
Дополнително, вели тој, податоците од Централниот регистар ја побиваат тезата дека фирмите се затвораат поради зголемување на минималната плата. Напротив, со секое покачување се отвораат повеќе нови компании, а сè помалку се затвораат.
Во текот на целата 2025 година, Економско-социјалниот совет (ЕСС), кој треба да биде клучен форум за дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, одржал само две седници. Ова е алармантно мал број, ако се има предвид дека токму преку ЕСС се договараат политики кои директно влијаат врз работничките права, платите и социјалната сигурност.
Меѓу втората и третата седница, Владата го оправдуваше застојот со наводен „недостаток на репрезентативност кај синдикатите“. Но, токму Владата е таа што не ги назначуваше членовите на комисијата за утврдување на репрезентативност, со што го блокира процесот и создава алиби за неактивност. Овој потег отвора сериозни сомнежи за искреноста на Владата во однос на социјалниот дијалог и почитувањето на работничките права.
Дополнително, во периодот меѓу втората и третата седница, како и по јануарските протести на УПОЗ, кога пред институциите излегоа голем број работници, Владата очигледно се уплаши. Наместо да го засили дијалогот, преку првите луѓе на институциите, министрите, директорите и раководителите вршеше притисок врз работниците во државните институции да се отчленат од ССМ и да се зачленат во КСС. Но, на крајот оваа стратегија не успеа. Владата, свесна дека не може да обезбеди реална поддршка, мораше законски да го намали процентот за репрезентативност за да го направи КСС формално репрезентативен.
Синдикатите предупредуваат дека ваквото однесување ја поткопува довербата во институциите и го одложува решавањето на клучни прашања, од минималната плата до колективните договори.






