Балкански медитации

Минатата година на овој ден првпат читав намакедонскиод мојата книга „Егејци” на еден грчки универзитет. А јазикот на моите родители кој грчката држава им го забрани во мигот кога тие по Балканските војни, од османски поданици, станаа грчки граѓани.

Да бешеГрцијавистинска европска демократија, поПреспанскиот договор,во европски манир, таа требаше да дозволи македонскиот да се изучува на универзитетот во Солун. А солунската катедра за славистички и ориентални студии уште се изучуваат само рускиот, бугарскиот и српскиот јазик. Како да не се работи за универзитет во земја-членка наЕУод 1981-та, туку за земја со балкански дух од 19-от век.
Долго бев уверена дека грчката држава уште иматабуасамо за Македонците во своите граници, но, всушност, таа „грчка драма” има и други поглавја. Мрачно петно во грчката историја е и приказната на Евреите во Солун, кој пет века за Евреите бил „вториот Ерусалим”. Се прашувам, зошто Османското царство, поточно, султанот Бајазит Втори, имал помодерен дух од балканските национални држави, затворени во својата фиксација за „чистата нација”? Тој во 1492, кога во Шпанија Евреите биле прогонети од Инквизицијата, ги поканил да се населат на Балканот, во Македонија. Во регионот Македонија Евреи се населувале и во римскиот период, за што сведочат остатоците од синагога во Скупи. Османското царство умеело да профитира од мноштвото националности во своите граници. Еврејската култура цутела во Солун. Сефардските Евреи во 15 век ја донеле со себе на Балканот медицината, филозофијата, занаетите, уметностите.

Многу нешта на Балканот се и денес табу-тема
Кога пропадна Османското царство, новите национални држави во регионот Македонија, како сојузнички на Третиот Рајх, едвај чекаа да се ослободат од „своите” Евреи. Тие не само што не ја спречија депортацијата, туку лесно ги предадоа на Гестапо, и заедно со германската власт ги депортираа во Треблинка и Аушвиц. Тие „жртви” за нивните „чисти и големи” национални држави останаа темното петно во националните наративи, па затоа многу нешта на Балканот се и денес табу-тема. Бугарија се „крие” зад својата улога на „спасител” на Евреите на својата територија, но не го признава учеството на бугарската полиција во депортацијата на Евреите од Македонија.
Од исти причини до ден-денес нема меморијална плоча на зградата на солунскиот универзитет „Аристотел”, на која би стоело дека на тоа место до 1942 се наоѓале најголемите еврејски гробишта во Европа. Историчарката Рена Молхо, Еврејка од Солун, во еден извештај на „Дојчландфунк” истакнува дека „државната политика на Грција гласи: се‘ што може да ги оцрни Грците, пропаѓа во длабок молк. Доколку би стоела плакета на ѕидините на универзитетот, тогаш тоа би било признание дека Грците учествувале во злосторството. Тогаш тие би морале да ја раскажат целата приказна и да признаат дека тие ги уништиле гробиштата.”
Еврејските гробишта во Солун се наоѓале до 1942 во најатрактивното централно градско подрачје. Уште османската власт неуспешно преговарала со еврејската заедница да се дислоцира дел од гробиштата. Подоцна грчката власт нашла решение за „проблемот” во колаборацијата со германската воена управа при депортацијата на солунските Евреи. Официјалната грчка верзија и денес е дека Германците ги срушиле гробиштата, но неофицијалната е дека депортацијата на Евреите и‘ била добредојдена на грчките власти. Според германските извори, решението за конфискација на земјиштето на еврејските гробишта го донела грчката влада. Но, за шефот на германската воена управа во Солун, таа одлука била полезна за кариерата.
Еврејските гробишта во Солун биле најголемите во Европа, со 400.000 гробни места. Од гробните споменици германските војници изградиле базен за пливање. Грчката власт ја остварила својата желба на тоа место да го изгради универзитетот „Аристотел”. Познато е дека гробните плочи Грците ги употребиле за градба на куќи, улици, тротоари, но и за поправка на црквите. Кај еден германски историчар прочитав дека при уништувањето на гробиштата, останките на скоро погребаните им биле дадени на институтот за анатомија во Солун, но и како храна на кучињата. Во германските архиви се сочувани молбите на 3.000 Грци до управата за конфискација во Солун, барајќи да го добијат имотот на депортираните Евреи. Токму затоа молчат и нивните наследници.

Нацијата стана сурогат или „ново божество”
Кога една држава еднаш ќе го прегази законот на хуманоста, таа тоа лесно го повторува. Истата „хајка” по имотот на пребеганите во Граѓанската војна во Грција започна и по крајот на таа војна, кога грчката држава им го одзема во отсуство државјанството, ги прогласи за непожелни, а нивниот имот го означи како слободен за конфискација од останатите граѓани. Со тоа таа беше сигурна дека тие граѓани ќе станат нејзините „соучесници” во злосторството и дека ќе сторат се, нивните роднини и соседи никогаш да не се вратат во Грција.
Зошто молчат за ваквите темни страни во своите национални наративи сите балкански народи? Затоа што тие во последните два века од нацијата направија ново божество, идол на кој му жртвуваат се‘. Иако ниту Источното римско царство (Византија), ниту средновековните царства на балканските народи на Балканот, не го познаваа поимот на нацијата, денес речиси во сите балкански национални држави нацијата е разбрана небаре постоела од каменото доба. Иако поимот на нацијата постои во Западна Европа дури по Француската револуција. Притоа, Византијците не се дефинирале национално, зашто нивниот „идентитет” бил тој на римски граѓани и христијани. И во Османското царство за балканските народи останала централна определбата христијани. Меѓутоа, во создавањето на речиси сите национални држави на Балканот, православната црква беше „моторот” во националната борба. Така нацијата кај балканските народи стана чуден амалгам од религијата, земјата и замисленото „чисто” потекло. Нацијата стана сурогат или „ново божество”, токму затоа што се замислува како вечна и непроменлива.
Тоа е вистински цивилизациски пад, уште повеќе затоа што за христијаните нацијата не е клучна определба, бидејќи тие се нов народ, Божји народ. Напротив, не само православните, туку и католичките балкански народи не можат да излезат од тој „маѓепсан круг” на сакрализација на нацијата. Дури и кога се декларирани христијани, тие го мразат соседниот народ токму поради својата или неговата нација. Гордите православни народи се мразат едни со други, затоа што не сакаат да го делат „славното минато” со соседот. Бидејќи денешните балкански народи се чувствуваат мали и безначајни, нивните предци им се чинат славни и моќни. Тие не разбираат дека се мали затоа што се затворени во себе и во своите национални идеологии како во гето.(dw)







