Егзекуцијата на Коцевски

Соња Крамарска

Македонската демократија очигледно има стекнато силен имунитет на партиските егзибиции штом егзекуцијата на главниот државен обвинител помина како и да не се случила. Неговата смена, се разбира, е најмал проблем на демократијата, туку е проблем на нешто што е поважно а тоа е уставната поделба на власта во државата и начелата за независност на судско-обвинителската власт, кои се темелот на здрава демократска држава. Но нашата држава очигледно ќе почека уште неколку еволутивни циклуси додека на премиерот да му биде страв да дава оцени за работата на обвинителот и катадневно да му стои над глава со закани за негова смена. Како што се случуваше од самиот ден на промената на власта.

Остана нејасно од каде ги влечеше премиерот оцените дека обвинителот Коцевски не е на висина на задачата, бидејќи премиерот не е компетентен за такви оцени, а Советот на јавни обвинители го одби предлогот за разрешување на Коцевски. Што значи дека обвинителите кои се единствени стручни да ја оценат работата на главниот обвинител не дадоа негативна оцена за неговото работење.

Ќе видиме каков обвинител сега ќе постави Владата. Затоа што на конкурсите и божемните стручни селекции никој повеќе не верува. А и зошто да веруваме кога одамна е јасно дека конкурсите и процедурите се само параван за поставување партиски луѓе на важни позиции.

Лојалисти во комисијата

Погледнете само што се случи со изборот на нов член на Судскиот совет. Неговата биографија кажува сѐ. Кажува дека кандидатот не е предложен за тоа место поради неговите квалификации, кои патем се далеку од потребните за таква одговорна и угледна позиција, туку е предложен затоа што така сакала партијата која го добила тој дел од колачот на власта. Потсмевот во јавноста на неговата сиромашна и крајно несоодветна биографија е игнориран, а премиерот вели дека предлогот доаѓа од Собранието и дека тоа може да го изгласа или да го отфрли. Како да не знаеме под чија контрола е парламентарното мнозинство и како се носат одлуките. Предлогот за членот на Судскиот совет, патем е одобрен од собраниската Комисија за прашања на избори и именувања чиј претседател е генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и најблизок соработник на премиерот, Ѓорѓија Сајкоски, а членови се и други личности од најтесниот круг негови лојалисти како Дафина Стојаноска, Миле Лефков, Жаклина Пешевска, Ели Панова и Никола Мицевски.

Освен тоа, намерата да се пополни местото на „истакнат правник“ во Судскиот совет пред да се донесе новата построга регулатива за која веќе расправа парламентот и наскоро се очекува усвојување, е јасен сигнал дека власта брзала да протне партиска личност во највисокото судско тело – пред да се заострат критериумите. Тоа е голем етички и морален проблем, со кој се рушат сите декларативни изјави дека Владата сака да го подобри квалитетот на судската власт. И го зацврстува песимизмот дека целта не е подобро судство туку свое судство.

Оттука и скептицизмот дека наследникот на Коцевски, ќе биде независен, силен и способен обвинител. Впрочем дури и да биде поставен таков обвинител, тешко дека ќе може да се носи со политичкиот притисок, „пријателски ноќни јавувања“ од Владата и божемна поддршка да води битка со криминалот но со суптилна навигација во кој правец треба да оди таа битка. Веќе видени сценарија, кои ги доведоа судската и обвинителската бранша во состојбата во која се наоѓаат сега.

 

Среде „утакмица“ сменет капитенот

Друг етички па дури можеби и стручен проблем е што обвинителот се менува среде судскиот процес за пожарот во Кочани. Среде „утакмица“ е сменет капитенот. Исходот на судскиот процес меѓу другото зависи и од квалитетот со кој се застапува обвинението пред судот, а со смената на главниот човек во Обвинителството, слабее и обвинителската страна во судењето. Коцевски го избра тимот од обвинители кои ја водеа истрагата за овој трагичен случај и тој како највисока личност во хиерархијата несомнено е упатен и во обвинението и планираните техники и стратегии за негово докажување пред судот. Несфатливо е зошто Христијан Мицкоски одлучи дека е подобро Коцевски да раководи со истрагата за настанот во Кочани, а сега кога треба тој случај да добие правна завршница, обвинителот кој бил на чело на истрагата и кој најдобро би требало да ги знае предностите и слабостите на обвинението, и да ги менаџира, го отстрани од процесот.

Тоа покажува дека смената на Коцевски е волунтаристички и политички мотивиран упад во независноста на обвинителската служба, и продолжување на спиралата која трае повеќе од три децении – секоја власт да си носи свој обвинител. Тоа е и една од причините за децениското стагнирање на нашата држава и правната несигурност која се провлекува во сите години од осамостојувањето до денеска.

Политичките мотиви за оваа грубост и незаконитост во практикувањето на власта може само да се претпостават. Една од нив е секако желбата за доминација на сите полиња и инструментализирање на судството и обвинителството за партиски цели. Заземањето на сите функции во државата, премиерската, претседателската, градоначалниците и општинските совети, како да не беа доволни. Сега претстои освојувањето на двата најважни бедеми – судството и обвинителството.

Изгледа дека сегашната власт не извлече поуки од владеењето на нивната претходна партиска структура која ја доведе државата на раб на граѓански судир, и надолен пад во сите области.(dw)

Back to top button
Close