Реакција на грчкото МНР по изјава на Мицкоски дека „го вративме името“: Не прифаќаме фалсификување на Преспанскиот договор

Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Преспанскиот договор нема да биде прифатен од грчката страна, пишува во соопштението на грчкото Министерство за надворешни работи (МНР) во врска со, како што се наведува, изјавите на премиерот на Северна Македонија.

„Во меѓународните договори нема де факто ситуации, нивната примена е униформна и универзална. Напредокот во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседот бараат строго придржување до договорите и почитување на принципот на добрососедски односи“,

се наведува во соопштението од ресорот со кој раководи Јоргос Герапетритис.

Во реакцијата од грчкото МНР се вели дека уставното име на соседната држава е Северна Македонија и дека Преспанскиот договор е дел од нејзиниот устав и е „апсолутно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво“.

 

„Преспанскиот договор е дел од меѓународното право и неговото почитување е основа за мирен соживот на народите и државите“,се порачува во реакцијата од Атина.

Мицкоски: Го вративме името

Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот на ТВ Сител рече дека го вратиле името, коментирајќи ги критиките од СДСМ дека не може да му се верува, меѓу другото, зашто ветуваше поништување на Преспанскиот договор.

„Ги гледам, аха, не можело на Мицкоски да му се верува, тој рече дека ќе го врати името, ќе го поништи (Преспанскиот) договор. Па, еве – го вративме. Па, дури и Венко, кому му беше устата полна со ‘северна’, сега користи Македонија“,рече Мицкоски.

Премиерот потоа продолжи:

„Дури и во СДСМ, кои потпишаа такви капитулантски договори како Преспанскиот и прифатија капитулација пред Бугарија, денес се најголемите патриоти, мислиш ќе тргнат да освојуваат територии, дотаму устата им е полна со Македонија, ниту еднаш не кажале северна. Така што, еве – го вративме“.

Back to top button
Close